Лето, 2014. Стојам повремено менувајќи ја тежината од едната на другата нога додека чекам ред на шалтерот за Англиски јазик и книжевност на Студентски прашања и трпеливо се ладам со блескаво-црвениот индекс на кој едвај му ја имав пополнето првата страница со личните податоци и сликата од матура.
„Име, татково име, презиме?“ — ме прашува референтката преку квадратните очила, откако по два часа чекање конечно стигнав на ред.
„Настева Лилјана Ивана“ — ѝ кажувам. Никогаш не разбрав зошто на документите мораше да стои баш татково име, а не едноставно, име на родител.
Референтката кратко ме погледна па ме запиша во регистарот. Ми доаѓаше да заиграм од радост. Почувствував како некое ситно, речиси невидливо, но сепак, клучно делче во мене се намести. Накратко, тоа беше мојот прв смел (бар јас така го доживував) чекор кон она што постепено ме формираше како личност во годините што следуваа – практикувањето пркосна феминистичката слобода во ригидни средини.
Како дете на разведени родители ми требаше доста време да научам да се носам со тежината на растењето во нецелосно семејство, а истовремено и товарот на задачата да им помогнам на луѓето во мојата околина да разберат зошто и покрај отсуството на татковска фигура во мојот живот, тоа што сум израсната од силни жени го сметав за привилегија и една своевидна птичја перспектива.
Еден таков пример кој особено ме вади од кожа и кој воедно беше мојата главна инспирација зад пишувањето на овој текст е доминантната негативна перцепција за разведените мајки (или жени воопшто)на различните генерации и групи на луѓе. Како да се избориме со овие ограничувачки верувања што општеството потсвесно, а некогаш и многу свесно, ги гаи кон разведените жени?
„Сигурно jа оставил оти ѝ шетал газот,“ „Чув дека мајка ѝ била разведена, којзнае оти“ или „Разбрав дека мајка ѝ била разведена, затоа е таква, ама ќути си,“ се само дел од ешалонот на фрази кои сигурно сте ги слушнале на оваа тема, особено ако и самите сте дете на разведени родители. Несомнено сте се почувствувале покажани со прст само затоа што вашата мајка е самохран родител. Понатаму, кога тема на разговор ќе стане „чесноста” на некоја девојка, ако вашите другарки знаат дека нејзините се разведени, веднаш го користат тоа како една од причините или коренот за нејзината „нечесност”. Иако не зборуваат за вас во тој момент, вие го имате истото чувство. Во следни прилики пробувате да им се објасните на вашите врсници или барем да ги оправдате одлуките на родителот затоа што се чувствувате прозвано или должно да го направите тоа.
А што се случува кога ваш пријател или познаник мислел дека вашите родители се заедно, па низ разговор ќе сфати дека не се? Ќе ви каже нешто како „еј извини не знаев”, потоа ќе гледа да ја смени темата и ќе ви го плесне слонот од собата директно врз глава. Пак како да сте должни да се објаснувате, иако вие сте всушност среќни и задоволни од храброста на вашиот родител и од животот кој го имате заедно. Сепак, чувствувате дека тој терет на објаснување и правдање како да не може да ве заобиколи.
Децата на разведени родители не се преосетливи на разводот на нивните родители, тие се осетливи на контекстот кој разводот го носи, на несреќните примери и брачни завршници кои сите сме ги чуле на вести, на сожалувањето на другите. Растењето со еден родител, ако тој родител е посветен и грижлив, надоместува за другиот кој отсуствува.
Зошто жените (не) се одлучуваат на развод?
Во главно, секојдневието и статистиките ни покажуваат дека голем број жени сè уште се срамат да побараат развод, трпејќи семејно насилство поради премисата дека општеството ќе ги осуди и/или отфрли. Сериозна причина поради која многу од жените не се разведуваат е опасноста од насилство по разводот. Овој страв е повеќе од реален – дури 37 од 91 жени биле убиени од страна на бившиот партнер во Англија, Велс и Северна Ирска.
Во домашен контекст, следствено студијата од 2021 година на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, најчестите форми на насилство пријавени од жени жртви во ова истражување се: физичко насилство пријавено од 65 жени, психолошко/емоционално насилство пријавено од 62 жени; економско насилство кај 35 жени и сексуално насилство пријавено од страна на 16 жени. Дури 24% од сите жени ги претрпеле сите четири вида на насилство од ист партнер. Сите видови на насилство се пријавени дека ги сторил поранешен или сегашен машки партнер/сопруг.
Стравот од тоа што ќе речат другите и економската зависност на жените води кон тоа тие да го бараат својот спас на неизвесни места, често само подлабоко запаѓајќи во уште повртоглаво небезбедни структури како резултат на неизлечената траума и ниското ниво на свесност за заштита и безбедност и право на самоодбрана. Ова ни кажува дека честопати жените се приморани да бираат помеѓу насилство или финансиска поддршка со цел да ги издржат своите деца. Тие најчесто и немаат имоти кои се на нивно име, а после разводот алиментацијата кој другиот родител доколку сака ја отплаќа е само во висина на 3000 денари.
За среќа, работите не се веќе толку мрачни. Со влезот на жените во работната сила, а воедно и зголемениот степен на образование, сè повеќе жени се охрабруваат да ги напуштат несреќните бракови. Како што објаснува Хајди Кар, психологиња и експертка за домашно насилство во Американскиот центар за едукативен развој, не е случајно што зголемениот број на разводи се поклопува со финансиското ослободување на жените. „Бидејќи економската независност е императивна пред жената да проба да си замине од бракот, дали сама или со дете, екстремно е тешко да го направи тоа ако нема начин како сама да заработува,“ вели таа.
Со други зборови, сè повеќе сме сведоци на институции кои посветено работат за помош, осамостојување и поддршка на маргинализираните жени, менторирање и тренирање на нивните знаења и вештини, но истовремено сме сведоци и на жени кои се економски независни, преземаат смели чекори за да се изборат за иднината на своите деца, за својата иднина, но најважно, за својата слобода.
Потребата да практикуваме и да се залагаме за слободата на сите жени
Залагањето за взаемна слобода и почит за сите жени значи да се оттргнеме од износените хабитуални структури, да им помогнеме да го отфрлат чувството на страв, срам и параноја и да го истиснат чувството на безизлезност и нестабилност; значи да ги изместиме од фокус туѓите перцепции, да го ослободиме притисокот од туѓите очекувања, и најпосле, да ги (ре)етаблираме сопствените граници.
Практикувањето слобода, најважно инклузивна слобода значи да го заземеме гордо местото во општеството кое ни припаѓа, постојано да го редефинираме, да го оплеменуваме и прошируваме – трпеливо, пркосно, понекогаш и наметливо. Сведочиме зголемен број на жени како прават сè посмели скокови кон подривање на трулиот патријархат преку неуморна, секојдневна борба да го заземаат местото во светот во кој сакаат да живеат. Тој свет е урамнотежен, рамноправен, инклузивен. Осолободен од потсвесните предрасуди и свесните осуди.
Затоа, феминистичката слобода е наша колективна, општествена одговорност. Оправдана, сосредочена, усмерена, праведна. Таа е нашата одговорност кон разведените жени, мајки, измачените сопруги, исплашените девојки, несигурните, безгласните. Конечно, таа е нашиот војнички фронт, нашата континуирана револуција. Како што кажува и самата Одри Лорд: „Пишувам за оние жени кои не зборуваат, за оние кои немаат глас затоа што се преплашени, затоа што се учени да го почитуваат стравот повеќе од себеси. Учени сме дека ќутењето ќе нè спаси, но нема.“