Започнав да пишувам типична филмска рецензија. Тоа сакам да го правам кога се чувствувам фасцинирано од некој филм, но овој пат ми одеше бавно. Напишав две страни пред да сфатам дека тоа не е она што сакам да го кажам и баталив. Решив да се фокусирам на тоа зошто мислам дека овој филм е важен за мажите, а покрај нив и за жените, баш во ова време.
Веројатно се прашувате како може суперхеројски филм, исполнет со насилство, мафија и бркотници со коли, филм што не го поминува бедкел тестот, и во кој едвај се начнуваат некои женски прашања, да биде важен за жените? Но, buckle up girls, we are going on a wild ride in the new batmobile.
Нема да ви зборувам колку филмот естетски, кинематографски, па и тематски потсеќа на Финчеровите „Седум“ и „Зодијак убиецот“, нема да објаснувам како музиката на излегувањето од сенките е слична на империјалниот марш и колку велигденски јајца може да се најдат, или пак дали динамиката помеѓу херојот и негативецот ја отсликува моменталната политичка ситуација во светот.
Напротив, ќе се насочам кон потенцијалната моќ за идентификација која овој филм ја нуди, како и пораките за психолошката состојба во релација со идентитетот на главниот херој.
Сите кои ги следат суперхеројските филмови и се запознаени со нив многу добро знаат колку публиката беше скептична за изборот на новиот актер кој ќе го претставува Бетмен во најновата итерација. И покрај своите несомнени актерски успеси, Роберт Патинсон останува со проклетството на „убаво момче“, кое и многу други актери го имале пред него. Популарните актери кои имале речиси „женска“ убавина и биле обожавани од женскиот род, имале потреба да ја докажат својата маженственост пред „машкиот поглед“ на осудувачката публика. Почнувајќи од Џони Деп кој требаше да се унаказува себеси избирајќи улоги каде што е страшен или грд, Том Круз кој буквално си измисли своја франшиза на акциони филмови во кои е таен агент, па до Џон Траволта кој после „Саботната треска“ на платното се врати со улогата на безмилосен криминалец во тарантиновите „Ефтини приказни“.
По Вал Килмер, ова е најнемаженствениот актер кој се наоѓа во улога на суперхерој. За сè тоа да биде уште потешко за прифаќање, во самиот трејлер има еден кадар кај што прв пат ја гледаме црната шминка околу очите на Брус откако ќе ја извади маската, што предизвика толку многу реакции, што уште пред да излезе филмот го нарекуваа емо Бетмен. Се разбира, со омаловажувачки тон.
Но филмот сепак изненади. Бетмен е прифатен, а според најновите тренди мемиња постои и широка идентификација со херојот од страна на машките фанови.
Зошто е тоа така?
Да почнеме од почеток. Голем број од познатите суперхерои се идеални, недостижни маскулини фигури, со сосем слаба врска со реалноста. Додека ова може да е добро за децата и да предизвикува некаква инфантилна еуфорија и сочувство од страна на возрасната публика која не го убила детето во себе, не дава многу простор за идентификација. Во денешното капиталистичко и корумпирано општество, кога вредностите секојдневно се изместуваат, луѓето сè помалку се идентификуваат со херои. Да, тие филмови до некаде нудат простор за ескапизам, но сепак, тој ефект е краткотраен и минлив, а долгорочно единствено создава конзумеристичка зависност од уште повеќе таква содржина.
Сепак, сè почесто гледаме идентификација со негативци, чии мотиви многу често се разбрани и прифатени, па дури се јавува емпатија и поддршка за нивните најгрозоморни дела. Ова особено беше изразено со Килмонгер (негативецот од Црниот Пантер) и неговиот гнев кон историската дискриминација на црната раса. Понекогаш, и до некаде, гледаме и разбирање на Танос (негативецот во „Одмаздници последната игра“) и неговите идеи за уништување на половина на човештвото заради недостаток на ресурси за да преживеат сите останати, а потоа голем успех постигна и Веном, а идентификацијата со Џокерот беше дури несфатливо висока.
Издигнувањето на „инсел културата“ и сè поголемата фрустрираност кај голем број мажи, кои во недостаток на здрави механизми и способност за соочување со општествените и интимните проблеми и предизвици, често се истураат на жените и нивната борба, доведува до пораст на мизогинијата. Обидете пак на Холивуд да се одглуми некаква осетливост за диверзитет и форсирање на женски верзии на постоечките херои, со само една цел – поголема заработка, доведува до уште поголем гнев и отпор.
Во целава ситуација, режисерот Мед Ривс наоѓа едно вистинско место да ја изрази својата креативност и да изгради еден поинаков, пореален, ранлив херој, кој е само човек во обид да го најде својот пат во светот.
Неговата инспирација од трагичниот, самоуништувачки лик на гранџ иконата Курт Кобејн е многу релевантна за ова време кога генерацијата Z се навраќа на гранџ културата, апатијата и длабокото незадоволство од системот и единствениот излез го гледа во самоуништувачкото препуштање на очајот и лесните задоволства, слично како и генерацијата X. Сепак, пресвртот е што Ривс успева да даде алтернативен крај, кој носи надеж и дава смисла.
Бетмен се наоѓа во еден постојано мрачен свет, каде никогаш не престанува да врне, каде корупцијата е навлезена во секоја пора на општеството и е речиси непобедлива. Ова е прикажано и визуелно, низ постојани нејасни и мрачни кадри, типични за „филм ноар“ жанрот, но и преку саундтракот. Музиката инспирирана од песната “something in the way” од Нирвана, помешана со уште помрачно темпо и длабоки, тензични звуци, неповратно нè внесува со целото наше битие во безизлезната атмосфера.
Овој Бетмен (за разлика од другите филмови) е отворено тажен, осамен иистрауматизиран. Неговата цел е нејасна и методите му се уште општи и нефокусирани. Не е заинтересиран за ништо друго освен за наоѓање на својот начин да го ослободи градот од сеприсутниот криминал. Се претставува како “одмазда”, воден од одмазадничката мисла за смртта на неговите родители, а потоа го гледа ефектот на таа негова непромисленост како рефлексија во постапките на негативците. Иако е интелигентен, способен и ладен, знае да биде и бесен, незауздан, а прави и грешки. Неговата ранливост е покажана и преку неговите грешки во истрагата и неуспехот да ја види целата слика на крај, но и во некои неочекувани несовршености кога се работи за неговите суперхеројски способности. Ова дозволува уште поголема отвореност за поврзување и поистоветување од страна на публиката, како и прифаќање на сопствените недостатоци.
Она што го постигнува Ривс со овој филм е прифаќање на ранливоста, несовршеноста, емотивноста, чувството на изгубеност и нејаснотија на целите, прифаќање на грешките и стравот од напуштање, како легитимни состојби и карактеристики, дури и за еден суперхерој. Тука ја гледаме можноста да се биде силен, но сепак мек и кршлив и можноста за излез од сето тоа, која отсекогаш била присутна. Она што го покажува овој филм е дека херојот станува херој кога ќе се симне меѓу луѓето, кога ќе подаде рака и кога ќе ја прифати болката на другите, кога ќе застане со факелот да ги води кон излезот и кога ќе ја прифати надежта како зора која се раѓа. Вистинските херои се ранливи, емпатични и нивната цел не е одмаздата, туку правдата.
Од друга страна, улогата на жената мачка или Кетвумен, иако не доволно истакната и со кратко време на екранот, е доста важна во целото негово растење, но и покажува еден прилично достоинствен приказ на овој женски лик. Кетвомен е независна, способна и доволно силна да се грижи за себе. Нивните патишта се преплетуваат и меѓу нив постои хемија, но ниту во еден момент не се надминати нејзините граници, не е сексуално објективизирана и нејзиниот интегритет никогаш не е загрозен. Динамиката што овие двајца ја имаат е респектибилна и меѓусебно корисна. Бетмен ѝ покажува дека има алтернатива на нејзините методи, но таа на него му покажува дека тој е премногу привилегиран да ја види другата страна на нештата. Во филмот жените се покажани како оние со најмалку моќ и права. Точно како што и е во едно општество каде што владее мафијата, насилството и криминалот. Тие се наоѓаат во подредена позиција без многу избор за делување, но сепак наоѓаат начин да преживеат, па и да успеат во таа безмилосна средина, која никако не работи во нивна полза. Кетвоман, како и новата градоначалничка (и двете обоени жени) се две страни на внесување на женска енергија. Двете се самоуверени, силни и знаат дека нивната моќ доаѓа од нив самите. И двете сакаат да направат промена, но имаат поинаков метод.
Сепак, на крајот на денот, ова е само холивудски суперхеројски филм, кој прави еден мал исчекор кон допирање на одредени политички теми и општествени состојби кои длабоко го потресуваат светот во моментов. Филмот не дава одговор на статус квото и не нуди некакво решение, но завршува со елемент на надеж и, до некаде, блага самокритика и самосвесност дека патот кон решавање на бедната ситуација на денешното капиталистичко, корумпирано, нееднакво и неправедно општество е долг.
И покрај тоа, фасцинирана сум од начинот на кој Ривс успеа еден привилегиран милијардер со „first world problems“, да го претстави како збунет млад човек кој без да сака се нашол во тиеоколности, но се обидува од нив да го извлече најдоброто и вистински да се стави во улога на некој кој може да направи промена за доброто на сите. Тргнувајќи од најдлабоката сенка, Ривс постепено нè води кон светлината и покажува како зраците надеж доаѓаат баш кога е најмрачно.