За изолацијата и перспективите

Перспективата е новиот ментален простор што треба да го отвориме за да може да ја освоиме слободата. Меѓите да се трансцендираат во просторот на можното, наместо во просторот на физичкото и ограниченото.

Илустрација: Телемама
Илустрација: Телемама

Тешко ми е да пишувам за искуството на изолација од дистанца, додека го живеам, но од друга страна ми помага да дадам смисла, привремено и/или привидно. Исто така ми требаше време да се одлучам дали да пишувам од некоја професионална улога, но како што започнав да пишувам сфатив дека ми е потребно да зборувам од лична перспектива, размислувања што ми се раѓаат додека пишувам. Сепак текстот опфаќа и неколку улоги што ќе се провлекуваат, меѓу нив е и искуството со психотерапијата, што сега го користам како поддршка.

Затекната сум, сите сме, во нова ситуација. Се обидувам/е да ја опфатам/име, разберам/еме, контролирам/мее, но масовноста, интензитетот и густината, како и димензиите на промени што се случуваат во час, преплавува. Сите капацитети се впрегнати, но ништо не завршува, постојано се одложува или станува уште понеизвесно и заострено.

Што е ова? Зошто е толку страшно? Дали е навистина страшно? Дали се неопходни сите мерки? До каде е доволно? Што е претерано? Што е премалку? Што уште не очекува? До кога ќе трае?

Мерките на изолација делуваат застрашувачки, тие се ограничување. Ограничување на просторот, контактите, рутините, слободата. Ограничувањето кога ни е наметнато, па и кога самите свесно го прифаќаме бара промена. Промените кога се непосакувани, или кога ги фрустрираат потребите и веќе освоените слободи и желби создаваат отпор. Се стеснува не само физичкиот простор туку и просторот што го создаваме во релациите. Ова стеснување ја поддржува анксиозноста. И онака имаме доволно неизвесност и обезмеѓен вознемир во секојдневието што се обидуваме да го живееме и опфатиме со она што го имаме на располагање, но границите беа нашата слобода.

Сега имаме нова ситуација во која границата е напротив ограничување на слободата. Нашиот дом е нашата граница. Дистанцата е новата граница што треба да ја освоиме и прифатиме. Домот е интересен топос. Домот не е единствено привилегија, зона на комфор, на безбедност и повлекување. Копнеж е некому што го нема или го напуштил. Новото принудно населување на домот е врзано со лишување. Тоа е впрочем женскиот простор на потчинување, во кој се исполнуваат барањата и очекувањата на другите. И кога сме сами во него, а исполнуваме туѓи барања. Во домот како да се растопува чувството на дејствување. Домот е заокружен простор во кој нештата мируваат. Од домот треба да се излезе за да се биде активен, за да се живее, за да се освои слободата. Во домот има една тегобна застоеност, врзаност. Домот ни е потребен за да имаме од каде да излеземе, за да бидеме во светот, да постанеме свои.

Градот е просторот што ја носи слободата, улиците, кафулињата, местата каде се среќаваме, се препознаваме, се гледаме, се поздравуваме или разминуваме. На многумина едноставно динамиката на градот, целата енергија што се разлева по улиците, што се повторува во кафулињата, што се среќава на раскрсница е нужен услов за функцинирање. Спокојството е овозможено од непрекинатата динамика на размена и текови. Самото движење успокојува, сите препознатливи места и ситуации.

Само тогаш има смисла враќањето во домот. Каде да се повлечеме ако постојано сме во домот?
Враќањето во него на начин што не нуди и излегување е тегобност. Клаустрофобична притеснетост и немир.

Друго чувство што полека се вгнездува е некаква језа, тивка, или засилена зависно во кој контекст. Тегобноста измешана со гадење, неспокој и постојаниот аларм од зараза! Го вовлекува во секој поглед, без разлика дали е вперен кон празните улици, полните и празни маркети или лицата на луѓето. Тоа е истото чувство кога ги следам бројките во статистиката што вртоглаво се менуваат од час во час. Тоа е чувство со кое се будам.

Па што може да се прави?
Во психотерапискиот процес, често започнувам со работа токму преку истражување и опис на тоа што се случува. Запознавањето на тоа што го сочинува актуелното доживување, сите нешта што го дефинираат и што влијаат врз него.

Описите и ова истражување имаат за цел да ја согледаме од една перспектива сосотјбата во која се наоѓаме. Така го креираме наративот за актуелното. И така може да се изрече она што бега од досегање и изрекување. Преку опишувањето некако се приближуваме создаваме доволна дистанца, од чувствата до средината. Перспективата е клучниот простор што го имаме во време на изолација и лишување. Перспективата е новиот ментален простор што треба да го отвориме за да може да ја освоиме слободата. Меѓите да се трансцендираат во просторот на можното, наместо во просторот на физичкото и ограниченото.

Дистанцата која е нужна за перспективата не е лесно осоива. Чувствата се препреки, прекини на патот. Вознемиреност, лутина, бес, страв, нелагода, паника. Чувствата ја заматуваат или сосема ја прекриваат перспективата, тие се нашата ургентност, нашето сега, нашиот импулс и реакција. Во нив, особено во криза, нема препознање на привилегија, на слоевитост и на солидарност.

За да се освои перспективата, потребно е следење и бидувањето во конктакт со чувствата. Во терапискиот простор кога ќе бидеме во контакт со било кое чувство што се појавува, кога го истражуваме и дозволиме, искуството е дека до крајот на опитот преминува во нешто друго. Најчесто тоа се случува откако ќе разбереме што чувствуваме која е позадината што го создава чувството и ќе ја согледаме потребата што ја имаме во тој момент. Тогаш ја имаме нужната дистанца да може да решиме што да правиме во ситацијата во која сме.

Пишувањето и воопшто творештвото го носат потенцијалот за отворање на песпективата, за погледот да се впери каде што ни е потребно, или каде што самиот ќе стаса. Сите медитативни активности впрочем ја имаат истата цел, да го застанат фокусот, и во еден миг наместо мноштвото што има сила да преплави, сознаваме дека има простор да бидеме ок.

Предизвикот да се биде во контакт со себе, мигот бара подвиг. За подвизи е потребна добра подготовка. Затоа е неопходно да ја искористиме секоја поддршка што може да ја лоцираме. Поддршките не се однесуваат само на разговори со пријатели, туку и на поддршките што телото може да ни ги даде. Некогаш се тие толку едноставни како дишење. Некогаш е потребна професионална помош за да ја создадеме и почувствуваме сигурноста во самите себе и да умееме да ги користиме поддршките во средината.

Перспективата надвор од себе е важна затоа што во оваа ситуација сме засегнати и колективно. Не само оние што имаме привилегија да бидеме дома, туку и оние што се принудени да бидат надвор од дома, што немаат дом, што се постојано на работа, што губат или се несигурни дека ќе изгубат работа заради економските последици од ситуацијата. Впрочем оваа пандемија покажува колку сме поврзани и на каков начин нееднаквоста се одразува врз сите нас. Перспективата во таа смисла може да подразбира да бидеме вклучени во процеси што ќе отворат поинаква визија за политичкото.

НАПИШАНО ОД:

Ана Блажева

Mar 19, 2020

Коментари
Scroll to Top