Ова требаше да биде текст за танцувањето. За тоа како моето тело се движи на места во коишто најчесто не успева да стигне. За тоа како секојпат кога танцувам, а тоа е ретко, тоа е мала победа за мене и за моето тело. За подготовките што ги поминувам пред да заминам во клуб. За тоа дека дремнувам преку ден за да имам сила да останам подолго. Како не ги пијам моите лекови навечер и се плашам дека алкохолот ќе ми зезне нешто внатре во мене. Како наеднаш пред да излезам од дома, ми снемува енергија. Како во таксито си мислам дека ќе беше подобро да останев дома. Сакав да раскажам како и покрај сите овие работи, кога ќе успеам да танцувам, да сум меѓу моите блиски и пријатели, меѓу квир луѓе, за момент се чувствувам слободно. Моето тело ги надминува сите физички и психолошки препреки што вообичаено ги има.
Сепак, сфатив дека не можам да напишам многу за танцувањето. Дека не сум човекот што луѓето го гледаат секој викенд излезен како танцува. Како и за сè што некогаш сум почнал јавно да го отворам како прашање, така и за танцувањето мислев дека немам легитимитет токму јас да пишувам на оваа тема. Сфатив дека не можам да пишувам за танцувањето и ноќните клубови поради стравот дека луѓето ќе кажат оти не сум доволно веродостоен – зашто всушност таму се појавувам два пати годишно. Така порано мислев и дека не сум доволно веродостоен да пишувам за болести и хронични дијагнози затоа што најчесто на луѓето не им изгледам доволно болен.
Факт е дека мојата природна средина е покрај луѓе кои поминуваат низ некакви тешки животни предизвици и бараат оддишка во разговорите што се одвиваат меѓу нас. Затоа, решив да пишувам токму за овие кругови на поддршка, зашто, за волја на вистината, тие се мојата реалност и секојдневие. Го пишувам текстов откако завршив многу тежок разговор со пријателка која ми раскажа за првите епилептични напади на својот внук. Во истиот овој период, друга пријателка ми раскажа за патувањето со својот татко во Франција, чиешто тело во голем дел е опфатено со рак. За моето блиско семејство коешто страда од различни физички болки затоа што се преработени и веќе буквално не ги држат нозете.
Разговорите за болести, за тоа како ние живееме како болни луѓе, за нашите чудни, млитави тела; за катетари, за крвавење, за напади, губење свест, камења во жолчка, мускулни болки, иритабилни црева и повраќање, не се разговори што ги правиме во клуб или на подиумот за танцување. Нашите приказни се вообичаено тоа што ќе им го расипе расположението на луѓето со типични тела.
Овој круг на моите пријатели и нивни блиски кои го искусуваат животот различно, во болка, во незнаење за тоа што носи иднината, за нив е сепак изграден врз некакви нови динамики коишто се базирани на многу искреност, сочувство, делење на заедничката болка, а сепак и на целосно разбирање дека таа болка е само нивна и автентична, оснажување и меѓусебно бодрење луѓе коишто можеби и немаат од каде да црпат верба дека подобро утре сепак доаѓа.
Обидувајќи се да се сетам кои се точките на поврзување со овие луѓе, со кои постојано зборуваме за некакви физички и психолошки состојби, разбирам дека освен овие заеднички, а сепак многу различни телесни и психолошки состојби, ние исто така сме групи на квир лица, жени, разведени жени, мајки на лица со аутизам и жени од работничката класа, коишто стојат и по 10 часа на нозе. Покрај физичките и психолошките реалности за кои зборуваме, постојат и други позиции на маргиналност што нè поврзуваат, а коишто веројатно ги влошуваат нашите дијагнози. Размислувам за нашето постоење и пркосење на системи кои се креирани да го предизвикаат нашето постоење. Да останеш здрав(а) во систем што не те штити, каде општеството те мрази и повикува да те убие и посакува бавно да гориш, во систем што те преработува за најниски примања или што ти вели дека никогаш не си доволно добра мајка, е невозможно.
Од моите искуства и искуствата на моите блиски успевам да создадам место од кое успевам да црпам барем малку надеж за иднината. Размислувам за тоа како мојата другарка лежи на болнички кревет во Кратово, во ужасни жолчни напади, а како истовремено успеваме да се шегуваме со оваа ситуација, да се смееме и да си олесниме колку што можеме.
Успевам да најдам надеж во решителноста да се раскрсти со штетни партнери, да им се погледне во очи и да се остане трезвен при најтешките форми на биполарни растројства и АДХД, да се прифатат своите квир деца исклучиво од позиција на љубов од страна на своите мајки и отворајќи ги очите кон сето тоа, да се одржи надеж дека животот е сепак вреден да се живее, дури и со огромна физичка болка.
Од сите овие места на исклучителна ранливост, предаденост и пожртвуваност, наоѓам простор за да се оснажам и самиот себеси, во периоди како изминатиов, кога мислев дека занемарив кога станува збор за грижата за себеси, па морав да ја прашам мојата психотерапевтка „Дали потфрлив со тоа што морам сега да земам и антидепресиви?“. Кога мислев дека целата работа што ја имав вложено во себе пропаднала некаде, се сеќавам на овие луѓе. Се сеќавам на нив бидејќи ми даваат можност да најдам сила во себеси.
Можеби е чудно дека нè спојува нешто толку страшно како болеста. Сите овие луѓе имаат некаков физички или психолошки фактор кој ги носи во овој текст. Сакам конечно да им дадам нова димензија на овие наши тешки животни состојби како позиции од кои градиме мрежи на поддршка. Ова не се само нашите најлоши и најболни точки на постоење. Ова е нашиот танц кој нè ослободува. Ова се нашите точки на спојување. А без нив ќе бевме многу послаби.