Мила Паниќ, Лута имигрантка, 2021
Можат да бидат урнебесни и пакосни користејќи хумор како алатка за пружање отпор. Го креваат системот и го разбиваат на парчиња или, пак, тргнуваат токму од спротивното и ја користат сензуалноста за да ги срушат очекувањата. По нејзината книга „Јас сум Југословенка“, уникатна приказна за женскиот отпор на интерсекцискиот пресек помеѓу феминизмот и социјализмот, Јасмина Тумбас овојпат се осврнува на феминистичките фигури на уметниците од Југословенка кои се активни во дијаспората денес.
Одбивна во итроштината на своето нерешливо мноштво и контрадикторните манифестации низ децениите, различните географски одредници и феминистички оспорувања, фигурата на Југословенка, како што ја теоретизирав во мојата прва книга, еднаш беше споредена со франкенштајнското чудовиште. Во феминистичката, квир и транс теоријата, како и во популарната култура, чудовиштето одамна е преосвоено како величествена икона на отпорот, заканувајќи им се на оние репресивни патријархални режими што се обидуваат да ги контролираат родот, сексуалноста, телесната автономија и заедничкиот живот. (1)
Да го цитирам извонредното теоретско промислување на историчарката на родови студии Сузан Страјкер за судбината на суштеството како аналогија за нејзиното транс искуство: моето исклучување од човечката заедница има потпалено длабок гнев што тлее во мене и кој јас, како чудовиштето, го насочувам против условите во кои морам да се борам за да постојам. (2) Во периодот кога Страјкер ја започна својата критика во американскиот академски и медицинско-психијатриски контекст во 1993 година, Социјалистичка Југославија се распаѓаше во граѓанска војна, создавајќи генерации непослушни отпадници кои до ден-денес ги прогонуваат нивните создатели. Овој есеј се осврнува на Југословенките кои се активни во дијаспората денес, чија уметност открива моќни елементи на монструозноста наследена од пропаднатата социјалистичка држава која ги создала, но и на западните демократии кои се обидуваат да ги скротат.
Феминистките од југословенската дијаспора се наоѓаат во центарот на моќни идеолошки судири во некои од најважните европски престолнини на современата уметност. Додека го пишувам овој текст, писателката Лана Басташиќ го раскина договорот со престижната германска издавачка куќа S. Fischer Verlag како протест кон цензурирањето на пропалестинските сентименти во Берлин (3); таму, многумина ја поддржуваат нејзината критика на германските културни елити и институции, вклучувајќи ја и Хана Ќурак, основачка на добропознатата мултимедијална и колективна платформа Sve su to Vještice, која се фокусира на создавање контра архива на југословенската феминистичка историја, со цел да направи радикална интервенција во можните феминистички иднини. (4) Урнебесни и пакосни, гневот и хуморот играат подеднакво важна улога во феминистичкиот и дијаспорски релјеф потребен за обликување на таквите алтернативни иднини, особено за странците во Германија. Автопортретот на Мила Паниќ, Лута имигрантка, ја илустрира гротескната изнасиленост во задолжителната асимилација на совршената насмевка—достапна на привилегираните—фиксирана на заузданата уста на уметницата, додека гневот ѝ се прелева од рабовите на нејзината воздржаност. Нејзиниот смел израз го обележува токму силата што ја смогнува од таквото обезличување. Како стенд-ап комичарка, Паниќ циркулира и во просторите за уметност и за комедија, со што лукаво ја проширува својата публика и се претставува како варварска Друга која доаѓа од срамниот балкански регион: … Додека другите деца си играа со Лего коцки, јас си играв со ковчиња од нозе. Не беа секогаш од животни. Во Босна се војуваше, што знаев јас? Играта бараше да соберете пар. Океј е дечки, можете да се насмеете. Благодарение на мене, моето семејство конечно е целосно. Посочувајќи на болните последици од војната, каде семејствата беа оставени самите да ги најдат посмртните останки на своите најблиски, Паниќ додава: Играта беше многу тешка. Моето село беше на воениот фронт. Знаете ли колку е тешко да се разграничат муслиманските од српските коски? (5) Додека нејзината публика се смее, многумина од нас од регионот се грчат од болка и тага под нашата длабока, но дискретна благодарност за нејзината храброст.
Меѓутоа, благодарноста, кога се очекува од другите, може да го окова нејзиниот носител; ова добро го знаат оние кои добиваат мобилност и пристап до елитните уметнички и академски кругови преку заслуга и добро поведение како странци. Благодарноста може да ви го изглода срцето, забележа еднаш феминистката и писателка од работничката класа, Дороти Алисон, бидејќи ве принудува да ѝ се предадете на сигурноста на својот статус во општеството како помалку вредни или како просјаци. (6) Отпорот кон таквата непочит е присутен во извонредната способност на Селма Селман да разговара со уметничкиот свет и да ги разоткрие експлоатативните режими кои ги хранат елитите кои го водат. Моите родители не се богати како твоите, пишува таа во едно од нејзините Писма до Омер. (7) Во друго писмо, вели: Знам дека никој не ја заслужува мојата благодарност. (8) Постои застрашувачка гордост во с’ржта на непопустливата посветеност на Селман да ја преврти наопаку социјалната економија на очекуваното потчинување: наместо послушна благодарност кон Западот, уметницата ја симнува својата публика да се чуди на колена пред нејзината прометејска стручност—која ѝ ја оставило нејзиното семејство—за демонтирање фрлени машини и извлекување скапоцен капитал од ѓубрето поставено пред нејзините нозе. (9)
Заинтригирани од еротски наелектризираните тела кои се трансформираат и судираат во заедничкото списание на Шејла Камериќ и Александра Вајд насловено Review (10), моментално изложено во Kunsthalle Wien, гледачите во Виена клекнуваат да ги допрат неговите примамливи страници, продупчени и прикачени со метални алки за подножјето на столбот и распослани по подот. Со ослободување на тензијата на телесното соединување во блиските кадри од гола кожа што се испреплетува, прсти кои влегуваат во усти и други отвори, границите на себството се поништуваат: нештата се појавуваат превртени наопаку и дијагонално, гениталиите се меѓусебно заменливи, а еротската желба продира насекаде, вклучително и низ неживите предмети.
Ранливоста, сензуалноста и поврзаноста ја нарушуваат можноста за било какви очекувања од дијаспорскиот интегритет, во двете негови значења: отпорот не лежи во телесната автономија, туку во гладта на уметниците за спојување со светот која се прелева оттаде границите на моралната прибраност и контрола присутни во припишаната хетеросексуалност, професионалните граници и очекуваната пожртвуваност, толку лесно проектирани врз жените кои доаѓаат од (пост-)воени контексти. Како што велат Bikini Kill: Како жена ме научија секогаш да бидам гладна. На жените жедта им е добро позната. Да, можеме да проголтаме речиси сѐ. Ќе ја изедеме дури и вашата омраза како да е љубов. (11)
Колективниот отпор наместо капиталистичкиот индивидуализам лежи во сржта на најновиот филм на Јасмина Цибиќ, Светилници (2023), во кој уметницата ја транспортира својата публика во шуми покриени со мов и снежни планински места кои сведочат за југословенските истории на антифашизмот и нивните спектакуларни споменици. Протагонистките се служат со различни креативни стратегии како танц, Морзеова азбука, светлосни сигнали и разни музички инструменти за да ги рехабилитираат револуционерните прогласи што биле првично донесени во 1985 година, на првата конференција за неврзаните културни работници што се одржала во Титоград (денешна Подгорица). (12) Овие пораки на отпор се емитуваат преку мегафон на почетокот на Светилници, од страна на осамен јавач снимен во шумата во Јеловица над Дражгоше, словенечко село кое нацистите го изгореа до темел во 1942 година. Во оживувањето на сеќавањето за она што уметницата го нарекува „издржливост на предците“ (англ. ancestral resilience), сведоци сме на синџир на вешти гласнички кои ја отелотворуваат својата единствена задача да ги надминат огромните пејзажи—идеолошки и стварни—со својот занает. Тие се светилниците кои ги транскодираат неисполнетите ветувања од минатото, кулминирајќи со хипнотизирачки говор кој го нагласува ослободувањето на работниците на глобално ниво. Неговите пораки се сè само не застарени, особено ако се земе предвид тешката состојба во светот денес. Светилници на тој начин станува моќна аналогија за новонастанатата феминистичка југословенска дијаспора во уметноста: колку и да се дисперзирани и фрагментирани, овие уметници делат силни, иако различни заложби за феминистичкиот отпор; врамени како колективно тело—кое се издига од уникатното наследство на Југославија низ различни генерации и географски граници—тие се монструозна сила на убавината, или како што вели Цибиќ, се ослободуваат преку империи на пркосење.
Извор: Vogue Adria
Авторка: Јасмина Тумбас
Превод: Душица Лазова
Забелешки:
- Susan Stryker, My Words to Victor Frankenstein Above the Village of Chamounix: Performing Transgender Rage, in GLQ (1994) 1 (3): 237–254.
- Ibid, 238.
- За повеќе информации, видете во Philip Oltermann, Novelist breaks with German publisher amid call for wider cultural boycott over Gaza, The Guardian (January 15, 2024): https://www.theguardian.com/world/2024/jan/15/novelist-lana-bastasic-breaks-with-german-publisher-cultural-boycott-israel-gaza
- Sve su to Vještice: https://www.svesutovjestice.com/
- Снимка од Мила Паниќ во Propaganda Comedy, 2023. Благодарност до уметницата.
- Цитирано во Amy Wright, Dorothy Allison: Tender to the Bone, Guernica (May 16, 2018): https://www.guernicamag.com/tender-to-the-bone/
- Selma Selman, Instagram, September 5, 2023.
- Selman, Instagram, August 1, 2021.
- Krzysztof Kościuczuk, Selma Selman’s Art Is Dirt-Cheap but Worth More Than Gold, Frieze, Nov 28, 2023: https://www.frieze.com/article/selma-selman-her0-profile-2023
- Колаборативното дело на Камериќ и Вајд е омаж на прашкото надреалистичко списание од 1930-тите, Erotic Review.
- Bikini Kill, Feels Blind, Revolution Girl Style Now! (Bikini Kill Records), 1991.
- Филмот е инспириран од работата на Марина Шарановиќ, Анита Ќулафиќ, Нада Баковиќ и Наталија Вујошевиќ за проектот „Non-Aligned Countries Laboratory“ во Центарот за современа уметност во Црна Гора, каде истражувањето на Цибиќ за конференцијата од 1985 ја дава основата за политичките пораки пренесени во Светилници.