завршниот текст на „Новите добри времиња“
На први декември 1955, на пат кон дома во автобус во Монтгомери, Роза Паркс ќе почувствува бран решителност. Минути подоцна, кога шоферот ѝ наредува да им го отстапи своето место на белите луѓе, Роза продолжува да седи на седиштето за кое платила билет. „Ме тераш да викнам полиција и да те уапсат.“ „Слободно стори го тоа“, помирено вели Роза. Години подоцна, во својата автобиографија, таа раскажува: „Луѓето велат дека не сум го отстапила седиштето бидејќи сум била уморна, но тоа не е вистина. Не бев физички уморна, не повеќе од вообичаениот умор на крајот на работниот ден. Не бев стара, иако тоа е замислата на некои луѓе. Имав 42 години. Не, единствениот умор што го чувствував беше уморот од попуштање“ (Паркс, 2009).[1]
Светот во кој живееме постојано ни ги тестира границите и чека да попуштиме. Криза по криза, војна по војна, борба по борба. Му остана ли некому малку надеж, верува ли некој во нови добри времиња? Во банален свет на негрижа, во кој секојдневно скроламе преку фемициди и геноциди без телото воопшто да ни се наежи, размислува ли некој за иднината? Искрено, кога и да се обидам, ме фаќа срам и паника како некој да ме фатил дека правам нешто непристојно и/или недозволено. Иднината е инхерентно мрачна, посочува Андриана Захариевиќ во книгава, цитирајќи запис од дневникот на Вулф. За да ја замислиме отаде мракот, за да добие конкретна форма и значење, треба да направиме мисловен и временски напор да се истргнеме во просторот. Но како да им дозволиме на имагинацијата и љубопитноста непречено да се шират во умот и во телото, кога тие се одамна заглавени во норми и матрици, осудувани при секоја отстапка и различност?
Во „Телото не е извинување“ (2020), Соња Рени Тејлор кажува една навидум очигледна работа, а тоа е дека кога зборуваме за насилство, сиромаштија, неправди, мизогинија, етничка омраза, хомофобија и трансфобија, не се расфрламе со недофатни идеи и концепти, туку зборуваме за вистински работи што им се случуваат на вистински, отелотворени субјекти кои ги чувствуваат овие повреди и попуштаат под притисокот.[2] Нашите тела немаат веќе сила да се спротивстават и да го заземат просторот што им припаѓа, да ги растегнат неговите граници и да сонуваат. Прекорниот поглед на светот е заклучен внатре во нас, а ние сме осудени да се саморегулираме и смалуваме за да преживееме (Фуко), на сметка на сопствената автентична човечност и препознатливост. Сето ова во свет што истовремено нѐ залажува дека сме слободни, но пред сѐ одговорни, да ги креираме сопствените трансформации и оптимизации.
Токму затоа, свесни сме дека нашето барање автор(к)ите во оваа книга да нурнат во своите интимни утопии и/или да се соочат со своите дистописки кошмари наметнува извесна одговорност и предизвик. Воопшто не е лесно да гледаш во густиот мрак на иднината од позиција на безнадежна сегашност и да препознаеш поинаков и подобар свет. А, сепак, токму тоа треба да се прави, и тоа постојано. Оној ден во автобусот во Монтгомери, Роза Паркс не го отстапила своето седиште бидејќи замислила иднина во која нема да мора да го прави тоа. Во моментот кога го пишувам овој текст, протестираме против геноцидот во Палестина бидејќи замислуваме иднина во која палестинскиот народ е слободен. На ист начин, секојдневно ги преиспитуваме и деконструираме хегемониските идеологии, замислувајќи свет во кој уживаме еднакви права и можности, практикуваме политики на солидарност и грижа и ги славиме различностите.
Читајќи ја книгава, можеби го насетивте извинувачкиот тон со кој почнуваат голем број од текстовите. Преиспитувачкиот кој/а сум јас да пишувам на оваа тема? или дали ми е дозволено да сонувам? глас на подмолниот критичар, како што секогаш ме потсетува мојата психотерапевтка кога сум престрога со себе. Но колебливоста, доволно силна за да остане впишана на страницата, се покажа продуктивна и уште еднаш потврди дека често треба да се почне од она што ни недостасува, од она за кое сѐ уште немаме зборови, но на некаков начин нѐ вознемирува. Да ја преточиш тишината во јазик и акција, вели Одри Лорд, е ужасно страшен соголувачки чин, на кој секогаш му се заканува опасност. Но додека пишувам и треперам, знам дека стравот ќе остане со мене без разлика дали ќе се осмелам да проговорам. Стравот од неуспех, стравот да бидам судена или предизвикана, стравот дека ќе бидам препознаена – зар не ги живеам секој ден во својата тишина, под закана дека еден ден целосно ќе ме замолчат?
Според Соња Рени Тејлор, причината поради која ни е тешко да проговориме и да се изјасниме на одредени теми и чувствуваме дека немаме право на тој дискурзивен простор е следна: „Тешко ни е да ги издржиме и засолниме туѓите вистини бидејќи многу ретко сме искусиле некој да ги причува нашите“ (2020). За мене, ова е целта на нашата книга и на „Медуза“ како феминистичка платформа. Во сајбер-свет на „поствистини“, луѓето се изненадувачки гладни за автентични, сирови живеани приказни кои прават да се чувствуваат препознаено и помалку сами. Со „Медуза“, ослободуваме простор за таквите вистини и ги правиме подостапни. Овој простор, дигитален и материјален, истовремено го предизвикува дуализмот на таквата поделба. Нашиот простор не е фиксно место, тој е неуреден, се излева и ги предизвикува конструираните граници со тоа што се шири и циркулира меѓу телата (Ахмед), онлајн и офлајн.
Горда сум и благодарна на нашите автор(к)и – на оние застапени во книгава, но и на оние чии текстови ќе ги најдете на нашата платформа. Изминативе пет години неуморно градиме нов, контрајавен дискурс (Фрејзер) со кој ги потврдуваме нашето постоење и итноста на нашите[3] потреби, замислувајќи свет во кој тие се соодветно институционално и општествено препознаени. Вистина е дека отсекогаш се очекувало од опресираните и маргинализирани – смалени, истиснати – тела да се издолжат во просторот и да го премостат јазот помеѓу замижувањето на јавноста во обид да ја разбудат човечноста скриена во секој од нас. Но, тука лежи и нашата револуционерна моќ. При премостувањето, ја напуштаме и дестабилизираме нашата предодредена позиција, стануваме креативни, замислуваме, се судруваме со посебностите на другите и се бориме за свет каде „моќта во допирот и средбата со различностите и чудесиите [на другите] најпосле ќе ја надмине потребата од нивно поништување“.[4] Оттука, самоиспишувачката архива на „Медуза“ ја потврдува нашата „одговорност и обврска кон пишаниот збор“ – како што вели Ана Аврамовска во книгава – и кон раскажувањето на нашите и туѓите вистини. А одговорноста, пишува еден драг поет, започнува во соништата.[5]
[1] Parks, R. and Haskins, J. (2009). Rosa Parks: My Story. Bridgewater, Nj: Distributed By Paw Prints/Baker & Taylor.
[2] Taylor, S. R. (2020). The Body Is Not an Apology: the Power of Radical Self-Love. S.L.: Berrett-Koehler.
[3] Зад секое „наш/а/и“ стои хетерогено, комплексно повеќегласие кое се темели на феминистички вредности и начини на живеење.
[4] Lorde, A. (1984). Sister Outsider: Essays and Speeches. S.L.: Penguin Books, pp.40–44.
[5] Цитат од песната „Одговорности“ на Вилијам Батлер Јејтс (‘Responsibilities’, 1914).