Како жена и мајка на две ќерки сум изненадена зошто закон за родова еднаквост би одел на штета на жените. Можеби зошто е добар и конечно суштински навлегува во нееднаквоста и се обидува да ја промени преку системски решенија. Затоа не во мое име и во име на моите деца!
Неда Чаловска
Имаме должност да плаќаме данок.
Секој од нас.
Тој што не плаќа данок нема што да паламуди за општествово и за закони.
Кристина Костова
Ми се свиѓа што користиме термини како „дехуманизација“, ама ајде да дискутираме на темата кој кого „дехуманизира“ и како.
Другаров од подолу (Отец Јаков) е решен во ова секуларно општество да не отстапи од своите ставови и да остави на маргините еден тон лица што неговата верска заедница не ги препознава за достојни: достојни за живот, да добацам, читајќи ги коментарите по порталите деновиве. Тука не ги вбројуваме само ЛГБ (за кои коментарите варираат и може да се најде и условена поддршка), ниту само транс лицата (кои, искрено се надевам не ги читаат коментарите насочени кон нив). Тука ги вбројуваме и жените што не се покоруваат на мажот, се разведуваат и одат да работат наместо да седат дома и да гледаат деца.
Законот за родова еднаквост стреми кон тоа – секуларното општество и неговите механизми кога креираат политики на локално и национално ниво, да гледаат како тоа ќе влијае кон еднакви услови и предуслови за сите. Односно, не да има само право по закон, туку и фактички да може да го оствари правото без милијарда препреки, кои другиот ги нема.
Во моментов, колку и да викаме дека сме еднакви, не сме. Уште е непишаното правило дека жената ги чува децата и старите, а мажите носат пари и одлуки, дека имотот го наследува синот, итн. (Фала богу, процентот се менува, но не доволно, а локалните и националните политики би можеле да подбутнат со градење услови да се менува овој формат – на пример – повеќе градинки, регулиран јавен транспорт, сервиси за немоќни лица и лица со попреченост итн.)
Религијата, од која никој не очекува да биде секуларна, законот не ја закача. Законот разбира дека нема да се сменат религиите заради тоа што оштеството се менува, отсекогаш биле такви и такви можат да останат (иако знаеме за фракции кои ги менуваат – унапредуваат или уназадуваат правилата на својата религија). Но, тоа не смее да значи наметнување на национална политика.
Пред некој ден, едно друго свештено лице излезе со изјава дека со ова ќе се срушеле стереотипите на кои се базира општеството. Стереотипите што на дно држат еден тон луѓе, не затоа што не се способни да бидат дел од општеството, туку затоа што одлучуваме дека не се доволно добри да бидат дел од нашето големо друштво.
Општеството никогаш не било збир на хомогена маса луѓе. Секогаш нè имало различни. Штета е што наместо да се учиме да живееме и да одиме напред сите заедно, се бориме ништо да не се промени и да ги оставиме луѓето што се долу, да останат таму до крајот на животот.
Маја Атанасова
Кутрата црква, на маргините била, замолчувана, па не смееле да кажат мислење. Тешко ним, дошло време кога жената има право да има глас. Да помисли човек дека двоен данок плаќаат, наместо ич. Еве леам солза за МПЦ 😢
Румена Бужаровска
Лицемерието на црквата: не им е грижа за сиромашните, за лицата со попреченост, за децата што умираат без документи, за бегалците, за градежните работници што гинат како скапани круши, за пензионерите со 200 евра пензија кои едвај можат сметки и лекови да покријат, за пациентите кои умираат поради лошото здравство, за децата со трауми од врсничко насилство, за текстилните работнички, за децата на улица… за никој не им е грижа, единствено за „големата закана“ – родовата еднаквост. Но, јасно е како бел ден зошто е тоа така – колку повеќе и подлабоко нè делат нас, толку се тие и богаташите со кои меѓусебно се штитат помоќни. Не им е нив грижа ни за децата, ни за земјата, ни за иднината. Да не се лажеме, тие единствено се борат да си ја зачуваат сопствената дебело привилегирана положба.
Билјана Гинова
Институција која не е даночен обврзник, која си ги покачува произволно цените на погреби, 7 дена, 40 дена, вадење година, венчавки, крштевки, мали молитви, големи молитви, осветување на куќа, осветување на автомобил, осветување лепче за слава, бркање на ѓаволот и разни други лудила, институција која живее од последната сламка надеж на народ кој пропаѓа финансиски, културолошки и социолошки решила да организира протест против остварување на правата на 50% од населението – ЖЕНИТЕ.
Јавните функционери си ја покачија платата за 80%, црквата која „премногу се грижи“ за немаштијата на народот не организираше протест.
Инфлација највисока во регионот која не запира, црквата која „премногу се грижи“ за сиромашниот народ не организираше протест.
На жени им беа извадени органите на породување, умреа од сепса, жени жртви на семејно насилство секој ден страдаат, бројот на фемициди расте, црквата која „премногу се грижи“ за благосостојбата на жените не организираше протест.
Ромски деца без документи умираат поради неможност да си остварат здравствено право, црквата која „премногу се грижи“ за обесправените и немоќните не организираше протест.
За лица со ретки болести нема лекарства, црквата која „премногу се грижи“ за здравјето на народот не организираше протест.
Љупка Трајановска