Без правила, без насоки, без уредување – разгледуваме зборови, теми и концепти за ментална гимнастика. Оваа недела, размислувавме на што нè асоцира зборот темнина, а Лени Фрчкоска, Сара Миленковска и Ивана Батев ги споделуваат своите идеи на темата.
Лени Фрчкоска
Темата ја одбрав во миг, интуитивно.
Од мала сум импресионирана од идејата за темнината, фрлив копје во темнината и сега ми треба армија да го пронајде во таа темнина. Односно, ми треба интелектот (Ингмар Бергман).
Значи, низ тој океан ќе поминам пребирајќи низ сеќавањата. Ако сте по малку нејзини, битно е да го тргнете погледот токму пред амбисот да погледне во вас (Ниче) и да ве препознае.
Или како во една друга песна што ми остана (јас која инаку избегнувам поетичност), темнина е веројатно најблиску до траорот на “ноќите кога до утрото раѓаме чудовишта и во светлината на утрото не знаеме што со нив”. По што следи индиферентноста кон патетиката на длабоките мисли со следниот стих “ене ти ги долу, те чекаат пред колата”.
И уште еднаш од нечија песна “се надевам дека следниот пат кога темнината ќе дојде ќе ме научи дека некаде во мене ѕвездите направиле дом”.
Сара Миленковска
Низ шала ѝ признав на другарка ми дека понекогаш, навечер, пред да заспијам, сè уште се плашам од темнината. Таа ми кажа дека тоа е сосем нормално и тоа што имам 27 (се насмеавме) не значи дека некои нешта повеќе не треба да се дел од нас. Некои примитивни стравови, на пример.
Кога ќе сум сама, во својата соба, си помислувам дека ако доволно интензивно се чувствувам непријатно, тогаш ништо нема да ми се случи. Си велам, ако моето тело го чувстува стравот физички и тоа ми креира опиплив немир, тогаш ментално ќе jа предадам мојата жртва на чудовиштата и тие нема да излезат на виделина. Нема материјално да се манифестираат. Потоа изморена од измачувањето искреирано од самата себе, заспивам. Наутро почнува нов ден, без темнина, без страв за бидување присутна во оваа реалност.
Ноќе кога е темно и се движам, мојот страв не е ставен во исчекување, бидеќи точно знам што сè може да се случи во темнината. Нема простор за страв. Моето навигирање околу теминината на улиците е проследено со константна внимателност. Јасно креирана стратегија за преживување. Прво погледнуваш пред себе, па позади себе. Порано беа клучеви, сега е полулегален розев боксирач, испреплетен низ прстите. Телефонот со наполнета батерија, бројот на партнерот спремен за повик. Си мислам на истражувањата за ефектот на часовите по самоодбрана: ако се движам доволно самоуверено тоа ги плаши насилниците (некогаш фукнционира, некогаш не, особено не ако насилниците ти се блиски). Повторно погледнуваш околу себе. Му вртам. Веќе е традиција на секое одење накај дома да си разговараме и тоа да ми даде чувство на сигурност кое не можам да си го дадам сама. Изгледа не сум така програмирана. Стигам дома, менталниот напор на креирање сигурност повеќе не ме ни изморува, што би се рекло muscle memory на бидувањето жена.
Размислував и за мојата темнина, длабоко во мене. Ja префрлам одговорноста за нејзината креација на социјалната неприфатеност, насилството, недостатокот од разбирање и, едноставно, болката. Парадоксот е дека кога ќе наидам на темнина во некој друг, ја дожувувам како опасност. Мојата стратегија за прежиување веќе дава red flag кое се обидува да ме заштити, додека пак темнината во мене создава сила. Сила потребна да креирам места од каде ќе се зачнат нови жаришта на светлост.
Ако се плашиш од темнината, цел свет ќе го запалиме.
Ивана Батев
Како одново да порасне желадот во својата дабова судбина, ако не се заборави себе како семе во темнината? Затворам очи и ме пресретнува мислата немирна. Морам да работам. Морам да правам, создавам. За да бидам, мислам дека морам да постигнувам, да имам, да собирам. Не смеам да се успијам. Тешко си давам одмор кога сум преплавена, а најмногу ми треба. Заборавам дека семето во темната ладна земја само навидум мирува. Во темнината одмара и вибрира со креација. Заборава што било, за да порасне во тоа што навистина е. Од темнината кон светлоста. Светоста. Да мирувам во темнината е света работа. Темнината е света.