Пред точно три години, обеземена од ужасот познат како влез во триесеттите, како вистинска мазохистка си дадов една смешна задача да пишувам текст на овој ден. Изгледа стресот кој го носи континуираното вртење на планетата не ми е доволен, па сакам на тоа вртење да му ставам и машничка.
Денес е сончево, па ќе се обидам да бидам кратка. Некогаш некаде прочитав една реченица што остана со мене. Реченицата гласи: жена која не мора да прави ништо (33 години и уште немам развиено систем на систематизација на знаење). Идејата за оваа жена остана со мене, веројатно зашто звучи како фантазија. Која е всушност таа жена?
Оваа фигура ја ставив во една песна. Девојчето треба да пресуди: да остане онаму каде што нема име или да замине и стане жена која не се плаши од својот одраз. Жена која не мора да прави ништо.
Низ болниот процес на растењето како жена, животот ни дава шанси да престанеме да бидеме pick me girls, девојчиња кои се потценуваат себеси и другите девојчиња (а не ли е тоа едно те исто?) и да научиме да живееме за себе. Колку што е примамливо да се стишаш себеси за да им се допаднеш на другите, уште попримамливо е да се обидеш да го населиш сопствениот живот. Но, знае ли некој како всушност се прави тоа?
Идејата дека еден убав сончев ден, роденден ил не, ќе се разбудиш и ќе знаеш точно која си и ќе знаеш точно што правиш е слатка и опасна илузија. Понежниот пристап подразбира секојдневен, на моменти мачен, на моменти прекрасен, обид за прифаќање. Среќата лежи на некоја раскрсница меѓу тоа како си го замислуваме сопствениот живот и со какви околности сме соочени во реалноста. Болно е постојано да се учат истите лекции. Понекогаш, едноставно сакаме да е лесно. За оние кои имаме тендеција да се маваме по грб со камчишето секој пат кога ќе се сопнеме, животот знае да е доста напорен.
Пред неколку дена достигнав една интересна форма на себеказнување. Решив дека не заслужувам да го прославам сопствениот роденден, зашто не се наоѓам во менталниот простор кој си го замислив за оваа година, која на многу начини за мене беше трансформативна. Да пораснеш од девојче во жена, е свечен и тежок процес, тоа Бритни одамна ни го соопшти, а јас го потврдувам. Повеќе не се чувствувам како да сум во просторот помеѓу, популарните и често наметнати стравови од стареење, осаменост и неуспех, најголем дел од времето ми се чинат смешни, но понекогаш се чувствувам како премногу нешта да остануваат незаокружени. Толку многу обиди да се започне одново пропаднаа.
Ноќта пред роденденот е чудна зашто животот те гледа дирекно во очи и сè делува толку набиено, жестоко и сурово.
Пораснав ли барем малку оваа година?
Некои години се кршиме под притисокот од ова прашање и избираме телефонот да го ставиме на silent и денот да го поминеме сами. Ова е линија на помал отпор. Смешно е колку сме мали, неважни и исплашени, но без разлика на тоа сепак постоиме. Нежниот пристап е некако да го одбележиме нашето континуирано постоење, со помалку притисок кон заокружувањето. Кому всушност служи тоа заокружување?
Понекогаш се чувствувам како да сум лик од видео игра што собира поени за аплауз од луѓе кои не ми значат ништо во животот. Притисокот да стигнеме до одредени нивоа на живот, особено во релација со возраста, ни ја одзема можноста да ги интегрираме животните искуства во нашето сегашното, денешно тело. Тело кое упорно расте, се менува, трае, страда, старее, ужива и умира по малку секој ден.
Телото не знае за нови почетоци, бришење на грешки и големи слики.
Знае само за вдиши – издиши.
Во несвесна потрага по знак дека ова тело е во вистинското време на вистинското место, пред неколку дена стигнав до еден текст со брилијантен наслов: Твојот живот не е приказна. Премисата на текстот е дека иако размислувањето во наративен стил е својствено за луѓето, истовремено може да го ограничи нашиот потенцијал да живееме слободно. Приказните кои си ги кажуваме на себе (и за себе), иако најчесто се втемелени во настани кои навистина се случиле, тие се сепак само приказни кои ни помагаат да им дадеме смисла на нештата што ни се случуваат. (инаку треба да го прифатиме фактот дека животот е само рандом компилација на бизирани настани, а тоа исто така ни оди тешко). Но да се заглави во една приказна или траекторија често значи да се пропушти нелинеарната комплексност на животот и светот, која се состои од моменти, а не наративи поврзани со минатото и иднината.
Олабавувањето на стисокот околу нашиот наратив подразбира и креирање простор за туѓите наративи кои исто така ја сочинуваат нашата реалност. Подразбира олабавување на егоцентричното опсесивно размислување за себе. Подразбира општо олабавување.
Жената која не мора да прави ништо го знае ова. Јас сè уште го учам.
Што да кажам за крај? Инсистирањето на заклучоци на текстови кои немаат јасна поента ми паѓа еднакво тешко како и заокружувањето на годините поминати на оваа планета. Параграфите и поентите за тетките-вештерки од филмот „Практична магија“ кои јадат чоколадна торта за доручек ќе останат за некоја друга прилика.
Денес ќе си дозволам да живеам со овој несовршен и неспектакуларен текст и ќе одам некаде да фатам малку октомвриско сонце. Тоа е нежниот пристап.