„Никој директно не ме притискаше, но едноставно се подразбираше дека така треба да постапам“, изјави една од учесничките во мини-анкетата што ја спроведе Центарот за истражувачко новинарство на Црна Гора (CIN-CG), опишувајќи го своето искуство за време на оставинската постапка.
Токму оваа реченица најдобро го доловува она што со децении се случува зад затворените врати на многу семејства во Црна Гора. Жените формално „доброволно“ се откажуваат од наследството, но таквата одлука често се носи во атмосфера исполнета со очекувања, молк, чувство на вина и страв дека, доколку го побараат она што законски им припаѓа, ќе бидат прогласени за оние што „му го земале имотот на братот“, „предизвикале раздор во семејството“ или „го уништиле семејниот дом“.
Црногорското законодавство им гарантира еднакви наследни права на жените и мажите. Сепак, истражувањето на CIN-CG покажува дека јазот меѓу законските права и секојдневната реалност останува длабок. Во пракса, правото на жената да наследува ретко се оспорува пред суд – тоа најчесто се доведува во прашање на семејните собири, преку воспитувањето, генерациските убедувања и длабоко вкоренетото верување дека синот е „наследник на семејната куќа“, додека од ќерката се очекува „да се омажи“ и на тој начин да го реши сопственото станбено и имотно прашање.
Во моментов нема понови податоци што покажуваат дали жените и мажите навистина наследуваат еднакво. Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година го објави извештајот „Родот и сопственоста врз имот во Црна Гора – мапирање на имотниот јаз“, во кој предупредува дека жените често се откажуваат од наследството во корист на машките членови на семејството и дека имотот стекнат по пат на наследување е нерамномерно распределен. За ова прашање претходно известуваше и CIN-CG.
Според оваа студија, жените сочинуваат нешто повеќе од една третина (36 %) од сите регистрирани сопственици на имот во Црна Гора. Од жените што поседуваат недвижен имот, само 36 проценти го стекнале преку наследство.
Во Акцискиот план на Владата на Црна Гора за родова еднаквост од 2019 година беше посочен обемот на нееднаквоста во поседувањето на имот. Според документот, жените биле сопственички на само 4% проценти од становите, 8% од земјиштето и 14 % од викенд-куќите.
Националната стратегија за родова еднаквост за периодот 2025–2029 наведува дека Индексот за родова еднаквост на Црна Гора за 2023 година изнесува 59,3, во споредба со просекот на Европската Унија од 68,6. Најголемиот јаз во однос на ЕУ е забележан во областа на финансиските ресурси и економската независност. Црна Гора во оваа категорија освоила 61,9 поени, додека просекот на Европската Унија изнесувал 82,6.
Во Стратегијата се наведува и дека жените сочинуваат 43 проценти од вкупниот број вработени, најчесто работат во пониско платени сектори, заземаат само околу 20% од раководните позиции и се соочуваат со родов јаз во платите од 21,6%.
Доброволна одлука или семеен притисок?
Според анкетата на CIN-CG за жените и наследството, во која учествувале 45 испитанички, 19 жени (42%) изјавиле дека се откажале од целото или од дел од своето наследство. Единаесет се откажале само од делот што им припаѓал, додека осум целосно се откажале од наследството. Уште пет испитанички рекле дека сè уште не донеле одлука како ќе постапат. Најголем дел од жените што се откажале од наследството својот дел му го пренеле на својот брат, додека останатите го отстапиле на мајка, сестра или друг член на семејството.
Повеќето испитанички изјавиле дека не биле изложени на директен притисок. Осум жени рекле дека едноставно „се очекувало“ да се откажат од наследството, додека шест пријавиле дека биле под отворен притисок од семејството. Дел од нив рекле дека им било кажувано дека „жените не земаат имот“, дека семејниот имот треба да остане кај братот или синот и дека барањето на нивниот законски дел ќе предизвика семејни конфликти или ќе ги наруши односите во семејството. Други споменале закани, уцени и обвинувања дека се „себични“ или дека „го растураат семејството“.
Една жена во анкетата напишала дека браќата ја притискале да се откаже од наследството, но на крајот сепак одлучила да го задржи својот дел.
„Нашиот однос се наруши поради тоа, но не жалам. Беше тешко, но повторно би ја донела истата одлука“, изјавила таа.
Друга учесничка напишала:
„Брат ми целиот живот беше третиран како да е единец, иако имаше две сестри. Така беше воспитан.“
По смртта на нивниот татко, имотот бил поделен подеднакво меѓу мајката, братот и двете ќерки. Сепак, таа вели дека братот, преку нивната мајка, им се заканувал на двете сестри бидејќи сметал дека „сè му било одземено“ и дека „сè му припаѓа нему“. Таа нагласува дека тоа не се случило во рурална средина, туку во „образовано семејство кое живее во урбана средина“. Нејзиното искуство го оспорува широко распространетото верување дека ваквите ставови постојат само во селските средини, кај постарите генерации или во помалку образовани семејства.
Друг одговор од анкетата покажува како законското право на жената често се заменува со ветувања од машките членови на семејството дека тие ќе „се грижат“ за неа.
„По смртта на татко ми, брат ми и јас сè префрливме на мајка ми. Наследството сè уште не е поделено, но некако сите очекуваат дека јас ќе се омажам и така ќе си ја обезбедам иднината. Мајка ми постојано ми вели: ‘Брат ти никогаш нема да те остави.’“
Друга жена објаснила дека моментот кога нејзиното семејство почнало да стравува дека таа би можела да го побара станот кој првично бил наменет за неа, целосно ѝ го променил погледот на работите.
„Сега знам дека никогаш повеќе не би се откажала од ништо при каква било идна поделба на имотот. Порано веројатно ќе попуштев пред очекувањата и ќе го следев моделот според кој жените секогаш се откажуваат од наследството во корист на брат или друг машки роднина.“
За многу жени, правото на сопственост сè уште не се доживува првенствено како прашање на правда или владеење на правото, туку како прашање на семејна лојалност и доверба. Од нив се очекува да имаат доверба во брат, син, чичко или во семејството на сопругот, дури и кога од нив се бара да се откажат од единствениот материјален имот што би можел да им обезбеди долгорочна финансиска сигурност.
Зорица Конатар, социјална работничка во Центарот за женски права (ЦЖП), за CIN-CG изјави дека релативно мал број жени директно се обратиле до организацијата поради притисок да се откажат од наследството. Најчесто бараат правна помош и застапување во постапки за поделба на брачниот имот, при што прашањата за наследството и имотните права во нивното матично семејство најчесто се појавуваат само индиректно.
„Сметаме дека толку мал број жени ни се обраќаат затоа што многу од нив едноставно не знаат дека законски имаат право на дел од имотот или наследството и, следствено, не препознаваат дека врз нив се врши притисок да се откажат од тие права“, објаснува Конатар.
Таа нагласува дека верувањето оти семејниот имот треба да остане кај машките членови на семејството, најчесто кај братот, сè уште е длабоко вкоренето во Црна Гора.
„Повеќето жени растат со индиректни, а понекогаш и многу директни пораки дека од нив едноставно се очекува да се откажат од наследството. Поради тоа, тие често ја носат оваа одлука без да ја преиспитаат или да размислат за долгорочните последици што може да ги има врз нивната финансиска сигурност и економска независност“, вели Конатар.
Таа додава дека ваквиот притисок ретко има форма на отворени закани или уцени.
„Во најголем дел од случаите не станува збор за директни закани или присила, туку за емоционален и општествен притисок“, објаснува Конатар. Жените често се наведуваат да веруваат дека ако го прифатат делот од имотот што законски им припаѓа, ќе ги нарушат семејните односи, ќе предизвикаат конфликт или ќе значи дека „му земаат нешто на братот“.
Поради тоа, многу од овие одлуки се претставуваат како доброволни, иако се донесени под влијание на долгогодишни семејни и општествени очекувања.
„Врз основа на нашето искуство во работа со жени, можеме да кажеме дека одлуката на една жена да го побара својот законски дел од наследството често резултира со сериозни семејни конфликти и нарушени односи со браќата или со други роднини“, вели Конатар.
Имотот е прашање на сигурност
Многу жени не се откажуваат од својот имот затоа што не им е потребен, туку затоа што им веруваат на ветувањата на најблиските. Семејствата често им ветуваат дека подоцна ќе им надоместат, ќе им помогнат финансиски ако имаат потреба или ќе се грижат за нив кога ќе остарат или ќе останат сами. Особено ранливи се случаите кога вдовица се откажува од својот дел од имотот во корист на синот, верувајќи дека така ќе го зачува семејното единство и дека за возврат ќе добие грижа и финансиска сигурност.
Сепак, Центарот за женски права предупредува дека ваквите ветувања честопати остануваат неисполнети. Жените неретко остануваат и без имотот од кој се откажале и без поддршката што им била ветена. Во некои случаи, посочува Конатар, наследниците подоцна покренувале и судски постапки за нивно иселување од сопствениот дом.
„Кога жените се откажуваат од својот дел од имотот, тие често губат значаен ресурс што можел да им обезбеди поголема финансиска сигурност и независност“, вели Конатар.
Ова е особено важно за жените кои се соочуваат со семејно насилство. Без имот, сопствен дом или финансиска сигурност, на многу од нив им е значително потешко да ја напуштат насилната врска. Конатар посочува дека економската зависност и натаму е една од главните причини поради кои жените остануваат во насилни односи или го одложуваат заминувањето, особено кога имаат малолетни деца и не знаат каде би живееле ниту како би се издржувале себеси и своите деца.
Поширокиот економски контекст дополнително објаснува зошто сопственоста врз имот е толку важна за жените. Националната стратегија за родова еднаквост наведува дека стапката на вработеност кај жените изнесува 45%, во споредба со 58% кај мажите, додека родовиот јаз во платите изнесува 15%. Во Стратегијата се наведува и дека жените сочинуваат 43% од работната сила, но и понатаму се концентрирани во пониско платени сектори и заземаат само околу една петтина од раководните позиции. Кога на оваа веќе нерамноправна економска положба ќе се додаде и откажувањето од наследството, губењето на имотот повеќе не е само семејно прашање, туку станува долгорочен фактор на ризик за економска зависност и сиромаштија.
Претходните истражувања на CIN-CG за имотните права на жените исто така покажаа дека нееднаквоста не се манифестира секогаш преку директно кршење на законот. Наместо тоа, законските права често се заобиколуваат преку семејни договори, договори за подарок, договори за доживотно издржување или преку притисок врз жените „доброволно“ да се откажат од она што законски им припаѓа.
Затоа, наодите од оваа мини-анкета се совпаѓаат со оценките во националните стратешки документи, според кои традиционалните родови улоги и очекувања остануваат еден од клучните предизвици во Црна Гора, бидејќи и понатаму ги ограничуваат можностите на жените во економијата, политиката и во другите сфери на општеството. Наследувањето е еден од најјасните примери за тоа, бидејќи нееднаквоста ретко произлегува од експлицитна дискриминација, туку од семејни договори и очекувања на кои жените тешко можат да им се спротивстават без да се соочат со сериозни лични последици.
Овој текст е плод на соработка помеѓу Медуза и Reporting Diversity Network, со поддршка на Европската Унија. Оригиналниот текст на босански јазик можете да го прочитате на Mediacenter Sarajevo, a англиската верзија на RDN. Ова неформално регионално поврзување и споделување има за цел да ги истражи обичајните пракси кои резултираат со сериозна родова дискрепанца во наследувањето на имот во овој регион. Иницијативата беше започната од авторките и новинарки Марта Стевковска и Лени Фрчкоска, а нивниот текст за состојбата во Северна Македонија е достапен за читање на Медуза и Reporting Diversity Network.