„Без заби е…? Има брк…? Смрди на гомна…? Босанка е“.
Графит испишан од непознат холандски војник на УНПРОФОР на еден ѕид од воените бараки во Поточари, Сребреница, 1994/95. Босанската уметница Шелја Камериќ го искористи овој цитат во својот авто-портрет „Босанка“ (2023) за да го прикаже односот на меѓународната заедница и на српската армија кон Босанките за време на војната. (Извор на фотографијата: Assemble Papers)
Предмет на овој текст се начините на кои се искористуваат, прикажуваат и испитуваат телата на Босанките во рамки на Босанската војна 1992-1995 и последиците од таквиот приказ; поконкретно, како е прикажано родово базираното насилство во академските текстови/литература, и како, до одредена мера, тој приказ е поткрепен од медиумите и културата за контекстуализација. Го користам терминот Босанки за да ја нагласам нивната националност, а не етничката поделба (босански Србинки, босански Хрватки и босански муслиманки/Бошњачки), иако поголемиот дел од студиите се фокусираат на босанските муслиманки. Понатаму, ќе ги разработам и последиците од имплицитното бришење на родово базираното насилство (оттука па натаму РБН) врз босанските Србинки и босанските Хрватки.
Во контекст на РБН, телото досега било обемно истражувано и теоретизирано како концепт. Меѓутоа, постојат две различни страни кога станува збор за тоа како концептот е прикажан во академските наративи за телата на Босанките за време на војната. Од една страна, со академските трудови се редефинирале сфаќањата за тоа што значи „силување за време на конфликт”. Од друга страна, дискутабилниот процес на истражување, изразувањето на траума и претпоставената хиерархија го продоложуваат колонијалниот наратив проткаен низ феминистичките трудови. Како теоретска рамка за мојата анализа ќе ја користам песната “They Descend Upon Us” („Тие се надвиснуваат над нас”) на босанската авторка Селма Асотиќ, во која директно се опејува академскиот екстрактивизам, злоупотребата на воена траума, положбата на жртвата (англ. survival positionality), и начинот на кој овие појави резултираат со епистемолошко угнетување.
Кога истражував и го пишував овој текст, едно прашање постојано ми остануваше неодговорено: Која е првичната идеја што служи како појдовна точка за одредени феминистички практики да ја искористат Босна како предмет на нивното истражување за РБН во време на војна? Дали поради тоа што не е многу далеку за академиците од Западот, за разлика од „Глобалниот Југ“, или, пак, е само продолжеток на општиот ориенталистички наратив кон Балканците?
Американските докторанди, желни да го истражат овој дел од светот толку често опустошуван од изблици на внатрешно етничко насилство. Пред тие да пристигнат, не знаевме дека убивањето е тукашен злочин, ствар што расцутува во редовни интервали како смеата на историјата.
Ник од Конектикат е тука да испита.
Дипломец на мировни студии, кога и да има војна
Ник од Конектикат го праќаат да шири општа култура,
да ги постави точните прашања—зошто, наместо зошто да не…
Политички и културолошки контекст
Досега се евидентирани околу 50.000 Босанки кои биле системски силувани за време на Босанската војна. Документирани се насилствата врз жените за време на војната во БиХ, а за некои од случаите се преземени правни постапки, но не секогаш се постапувало соодветно од страна на државата, или, пак, не се применувале целосно меѓународни закони. Она што се смета за насилство варира во законите на секоја држава. На пример, некои закони бараат физички доказ, а не ги признаваат емотивната и психолошката штета.
Со ова се ограничува законската рамка по која се постапува со овие случаи. Поствоеното справување на Србија, Хрватска и Босна со жртвите на силување за време на војната, кое се заснова на патријархални норми, е слично со употребувањето на женските тела како боиште за време на војната: со силување, дехуманизација и сексуално ропство (Кохен 1996). Во извештајот на TRIAL за Босна од 2018 стои запишано дека: „Босанските власти постојано нагласуваат како треба да се преболат и заборават ужасите од војната, но со ваквиот став тие всушност ги занемаруваат правата и потребите на многумина жртви“.
Меѓутоа, еден аспект е сè уште недоволно застапен. Постои епистемолошко запоставување како резултат на хомогенизацијата на силувањата и РБН искуствата во и од страна на западните академски трудови, со што се создале наративи за беспомошни, замолчени и распарчени жени. Ова вмешување е важно да се напомене бидејќи една од најклучните причини зад постоењето на Меѓународниот кривичен суд е токму тоа што силуваните жени за време на војната одбивале да молчат (Жарков 2007).
Токму нивната храброст да зборуваат отворено и јавно за време на и по војната придонела кон тоа да се увиди како е дефинирано РБН и која е кривичната постапка во меѓународните закони (Миленковска 2023). Доколку подетално го разгледаме западниот академски приказ, можеме да заклучиме дека се придаваат присиленото отелотворување на тишината и срамот кон искуството на Босанките кои преживеале насилство.
Како што забележува Дубравка Жарков (2017), експертка за род и медиуми, ваквото врамување и злоупотребата на нивната траума се навреда за силуваните жени од Босна (и Хрватска), бидејќи многумина од нив одбивале да молчат и да се срамат: „Не само што зборувале и барале правда, туку и се труделе да ја добијат среде војната“.
Перцепцијата и приказот на Босанките во медиумите
„Не им дозволувајте да нè убијат“
Коте пишува за користењето на женските тела со цел да се поттикне емпатија и да се зголеми видливоста за војната во мејнстрим медиумите. Таа ја истакнува иронијата во тоа дека за да се постигне некаков ефект врз Западот, комплексноста на еден град под опсада „мора да се преведе со западни хегемониски термини, како русокоси убавици… коишто се сметаат само како убави (според западните стандарди), ‘ориентално’ лоцирани жени кои нашите западни борци треба да ги спасат од неволја“ (1999: 151).
Всушност, овој феномен потекнува од постоечката збунетост кај западните теоретичари кога се обидуваат да го разберат уделот на Исламот во идентитетот на Босанките. Жарков кон ова ја надоврзува анализата на Тон Бринга и истакнува дека „ориентализмот влијае врз способноста на европските етнографи да се справат со европејството на муслиманите во Босна … Босанските муслимани или не биле сметани за целосни Европејци, или пак биле Европејци, но не целосно муслимани“.
Во документарецот Мис Сараево (реж. Бил Картер) се прикажува избор на Мис кој бил одржан за време на опсадата на Сараево. Дел од неговиот опис гласи: На изборот победува седумнаесетгодишната русокоса девојка Инела Ногиќ. Подоцна, ирската рок група U2 снимила песна со наслов Мис Сараево. Во видео записот за песната, босански мисици држат транспарент на кој пишува: Не им дозволувајте да нè убијат. За многумина Босанци таквите културни вмешувања од страна на Западот биле особено важни како барања за ставање крај на насилството. Во голем број на локални продавници на ѕидовите е врамен портрет на Боно онаму кадешто некогаш стоел врамен портрет на Тито. Меѓутоа, важно е да се придвижиме отаде добрите намери на U2 и Бил Картер, поради тоа што живееме во општество на хегемониски дискурси, каде жените се издвоени во нивната различност.
„Ние им даваме глас“
Кога се дискутира за сопственоста во контекст на женските тела и гласови, треба да се одалечиме од неолибералните или дискусиите за приватна сопственост поврзани со критиките на колонијалните трудови (Филипс 2011; Дејвис 1999). Во овој случај, под концептот на сопственост се мисли на поседување на наративот, односно приказната со која се раскажува за нечија траума, злоупотреба и искуства. Оваа анализа има цел да придонесе кон процесот на реосвојување на поставеноста на жртвите.
Со тоа што им даваме глас на жените кои минале низ такви премрежја и им даваме простор самите да ги сместат своите искуства, добиваме увид во различните влијанија што воените силувања ги имаат врз различните жртви, нивните семејства и односи“ (Скјелсбек 2006).
Поставеноста на туѓите тела
Во академските трудови на луѓе кои не ја искусиле војната или не потекнуваат од БиХ може да се забележи одреден патронизирачки наратив и „комплекс на спасител“ (англ. savior complex). Сепак, вреди да се напомене дека западните академици значително придонеле кон видливоста и препознавањето на војната и нејзините ужаси. Босанската војна ќе продолжи да има влијание врз сите нас, особено ако ги земеме предвид моменталните проблеми во државата и низ светот.
Нивната траума е политичка и не е резултат само на националистичка пропаганда ━ односно не може да се објасни со префинети академски појаснувања. Анализирањето на сведочењата на жртвите може да им понуди алатки на феминистките за да ја разберат траумата. Меѓутоа, некои од работите не можат да се преведат или контекстуализираат на начин на кој просечниот Американец би разбрал зошто се случувало насилството и како РБН имало централна улога во бришењето на босанскиот идентитет и националност.
Уште еден аспект погоден за понатамошни научни истражувања, кој е надвор од рамките на овој есеј, но сепак е валидна критика, е прашањето: Дали трудовите на оваа тема заземаат политички став и целат кон промени или, пак, служат само за индивидуален професионален и академски развој? Суштинската критика на овој есеј не е да ја индивидуализира вината, ниту пак да ги претстави (феминистичките) експерти од Западот како негативци, туку да им пркоси на хиерархиските ставови и комплексот на спасител/ка кои се темелат врз колонијална историја. Понатаму, есејот го разгледува дополнителното објективизирање што се појавува кога некој научно истражува одредена форма на родово насилство. Кога се користи наративот дека „некому му се дава глас“, тоа повлекува претпоставки дека споменатите жени немале агенс и свое јас, дека нивните тела биле безгласни пред да бидат „спасени“ од ескпертите.
„Од каде да почнам? Од почетокот или да се задржам на најважните детали? Сакаш да ти кажам за нападот врз селото или само за концентрациониот камп?“ (жртва на силување, цитирана во Скјелсбек 2007: 382)
Кон непопустливата критика на Лугонес кон белиот феминизам, кадешто се апелира на деколонизација на родот како поим, би сакала да додадам уште една категорија на жени чиишто гласови биле изменети, а тоа се босанските жени. Лугонес (2016) забележува дека за некои бели феминистки, родот подразбира сестринство, со што целосно се бришат интерсекциските нееднаквости што ги ограничуваат различните тела.
Прикажувањето на Босанките како беспомошни жени чијшто спас лежи во западните академски трудови претставува дополнителен начин да се избрише историското стереотипизирање на Босанките, или општо балканските жени, како егзотични и ориентални во очите на колонијалниот Запад.
„Во феминизмот постои силна, спротивставена струја според која да се зборува во име на другите ━ дури и во име на други жени ━ се смета за арогантно, вообразено, неетичко и политички нелегитимно“ (Руф 1995: 97). Како што укажува Руф, иако феминистичката експертиза е предводена од ослободителна перспектива во која зборувањето во име на други жени (или родови) е проширено и развиено, заматувањето на разликите во однос на расата, моќта, културата и сексуалноста, на која ќе ја додадеме и географската поставеност, ризикува да ја доведе во опасност главната идеја зад феминистичкиот труд. Кога станува збор за Босна, етничката припадност и религијата имаат клучна улога во механизмите на претставување. Жарков (2007) во нејзиното обемно истражување го анализира повеќеслојниот пристап на стереотипната епистемолошка неправда кон Босанките.
Западните академици се тие кои одлучуваат што се смета за соодветна анализа во однос на тоа како Босанките-жртви „успешно можат да ја пребродат траумата“. Поставувањето на раскажувачките е важно бидејќи токму тие се оние кои го носат епистемолошкиот авторитет, влијаат врз креирањето политики, меѓународно право и односи, и до одреден степен ја дефинираат иднината на процесите за помирување (улогата на меѓународната заедница).
Токму западните академски трудови ќе се сметаат за релевантни, прегледани, напишани со напредно ниво на англиски јазик и совршен академски стил, и ќе послужат како аргументи кога ќе се даваат мировни препораки за процесот на помирување.
Феминистичката мисла на Рич нè потсетува дека мора да се соочиме со специфичното потчинување на жените. Меѓутоа, соочувањето подразбира разговарање и одбивање разговорот да го води некој друг, спротивставување на тишината и барање правда. Рич образложува и позиционира повеќе концепти наспроти белата раса, но за потребите на овој есеј, ќе го наведам овој нејзин цитат: „безличната, расно и класно неопределена категорија на ‘сите жени’ како категорија создадена од белата, западна, централна самопоставеност“ (1984: 214).
Важноста на овој контекст зборува за интерсекцискиот пристап на транснационално ниво. Да се каже дека проблемите се „безлични“ и „бескласни“ значи да се занемарат државјанството, геополитичката положба и деликатните општества.
Експерти како Тејлор (1993) и Кашиќ (2000) имаат препознаено врска помеѓу злоупотребените женски тела и безгласноста на жртвите во Аргентина и Босна, и тврдат дека безгласноста на жртвата оди рамо до рамо со присвојувањето на нејзините болка и глас за одредена политичка цел (диктатура, национализам). Постои можност од потенцијално нарушување на политичката самостојност доколку одново се прикажат Босанките како немоќни кога се наидува на нов предизвик поради стари нерешени судски процеси.
Конкретно за оваа војна, едно од главните сознанија е токму неуспехот на меѓународната заедница да реагира навремено и соодветно, што за жал претставува уште еден потсетник за справувањето со тековните геноциди, војни и конфликти.
Товарот паѓа на експертите надвор од Западот да ја пломбираат штетата од епистемолошкото угнетување
Жарков во својата аналитичка книга наведува дека дури и во феминистичките истражувања, одново се создаваат прикази на замолчени и засрамени Босанки. Меѓу останатите, таа посебно ги издвојува трудовите на западните теоретичарки и експертки како Керолајн Крас (1994), Елизабет Кон (1994) и Џордан (1995). Ова академско вмешување ја нагласува присилно отелотворената тишина наместо веќе активно отелотворениот отпор на Босанките. Затоа е важно да се нагласи дека таквите академски написи воопшто не се наивни.
Босанската заедница
Во Босна и Херцеговина, заедницата и женските организации биле клучни за рехабилитација и ресоцијализација на жртвите на силување, за разлика од институциите. Оттука, во босанскиот контекст, наративот дека дел од муслиманската заедница не ги прифатила жртвите на сексуализрано насилство за време на војна го влошува веќе постоечкото западното стереотипизирање кон муслиманските жени. Напротив, во многу извештаи се наведува дека жртвите добиле поддршка од семејствата (Мертус 2004; Исак и Јураж 2018).
Дополнително, колективната реакција кон траумата го поттикнала создавањето на организации предводени од Босанки чија цел била поддршка на жртвите. Без воопшто да возвратат на епистемолошкиот авторитет на колонијалниот, феминистички академски круг, женските организации во БиХ продолжуваат со напорите за справување со последиците од војната при недоволна системска поддршка. Во ваквите организации спаѓаат Моќта на жените (Snaga Žene) и Сара-Сребреница (Sara-Srebrenica) и многу други чијшто фокус претставува пружањето помош на жените и одново градење на заедниците (Родригез 2021).
Улогата на муслиманскиот идентитет
Одредени академици и понатаму се потпираат на своите предрасуди со тоа што го спојуваат идентитетот на жртвата со религиозниот идентитет во едно единствено отелотворување на муслиманките. Продолжуваат да ги претставуваат како лесно поводливи или како жртви на традиционални норми, со што им се одзема каква било лична автономија или своеволна политичка субјективност (Блоул 1997; Луц 1991, 1997, цитирани во Жарков, 2007). Како доказ за овие тврдења, тука настапува традиционалниот родов аспект во прикажувањето на телата на Босанки/Бошњакини од страна на западните експерти: „Нивните тела биле дел од боиштето, но нивните женски идентитети не се уништени. Тие сè уште се мајки на своите деца, сопруги на сопрузите и негувателки во семејствата“ (Скјелзбек 2006: 387).
Преку импликацијата дека силувањето може да ги уништи женскоста и мајчинството се зајакнува и онака воспоставеното владеење на родовиот пристап кон сексуалното насилство и нацијата. Со тоа се воспоставува идејата дека телото ја одредува способноста на жртвите да бидат нешто друго освен „вечни“ жртви. „Парадоксално, со ваквите дефиниции се зајакнува најголемата родова разлика со која повторно се наметнуваат семоќноста на мажот и апсолутната немоќ на жената“ (Жарков 2007: 177). Во комбинација со праксите на замолчување и лишување од агенс, трудовите истакнуваат уште еден важен фактор: односот со заедницата.
Понатамошното влијание врз феминистичката борба
Со анализа на студијата на американската самодефинирана феминистка Кетрин МекКинон можат да се издвојат два доминантни наратива кои биле контрапродуктивни: негирањето на силувањата на босанските Србинки и експлоатирањето на силувањата на Босанките како алатка што таа ја користи за да се застапува против порнографијата како феминистички проблем, а притоа целосно ги занемарува вистинските трауми. Во анализата на Жарков може да се увиди дека есејот на МекКинон, и покрај нејзините дискутабилни ставови, е најцитираниот есеј (во тоа време) кога станува збор за сексуалното насилство во Босна благодарение на меѓународниот статус на МекКинон како американска истражувачка. Есејот допринел кон ширењето на виктимизацијата на муслиманките, демонизирањето на Србите и негирањето на силувањата на Србинките (Стиглмејер 1994).
Ги поднеле своите докторските трудови, но каде е промената?
Иако најголемиот дел од мојата анализа се заснова врз делото на Жарков, би сакала да изведам свои толкувања. И покрај обемот на трудови напишани како критика, сѐ уште постои потреба од подобрување и реакција кон колонијалите, ослабувачки, бели, западни, феминистички вредности во истражувачките практики и креирањето на знаења. Во рамки на моето ограничено истражување, во обидот да се надоврзам на веќепостоечката критика, успеав да идентификувам неколку механизми користени во различни академски студии (Кониг 1994, Скјелсбек 2006, Хелмс 2008) кои ги содржеа следниве клучни зборови: РБН, силување, Босна. Преку мојата анализа, увидов дека тие во голема мера се потпирале на западните експерти и ги користеле нивните академски трудови за БиХ, сексуално насилство и траумата од настаните. Во трудовите може да се забележат сродни појдовни точки: потреба од дополнително истражување во оваа област, употреба на наративна анализа, директно спомнување на нанесената телесна штета, експлицитно спомнување на болката, претпоставки дека тишината и срамот се неизоставен дел од процесирањето на траумата кај жртвите. Мора да се нагласи следнава препорака за сите понатамошни дискусии на оваа тема: „Наместо да ја трупаме реалноста со повеќе обезгласени и распарчени жени обвиени во срам и тишина, самото феминистичко претставување треба да го деобјективизира женското тело и да ги повика, па дури и да ги присили останатите да го прават истото“ (Жарков: 77).
За крај, би сакала да истакнам уште еден важен аспект: да не бев стипендистка при ЛСЕ, не би имала пристап до повеќето академски трудови чиишто предмет е БиХ, војната и сите анализи на РБН. Во однос на мојот придонес кон оваа област, размислував кој е правилниот јазик на којшто треба да зборувам за нешто лично како некој кој има босанско потекло.
Дали да ги прифатам веќепостоечките граматички структури на некоја западна феминистка која „прва“ го анализирала РБН во Босна или да ја предизвикам епистемолошката хегемонија со добиениот ветер во грб од независните босански/балкански феминистки? Академскиот јазик останува инхерентно недостапен за директно погодените од војната, силувањата и структурната нееднаквост.
Босанските академски експертки не биле во можност порано да ги поддржат жртвите бидејќи сè уште го чувствувале влијанието и последиците од војната, но сега веќе има голем број трудови напишани од нив во кои повикуваат на транснационална солидарност во различни контексти. Се надевам дека со пркосење на хиерархиите во (пре)создавањето на знаењето ќе се придвижиме кон свет каде имањето совршен англиски јазик нема да биде предуслов за нашиот труд да добие на вредност.
Во признанијата, ќе искажеш искрена благодарност до жртвите чиишто приказни сведочат за потребата од обновена правда и трансверзално помирување во сублиминалното место на постконфликтните контексти.
После тебе, лежиме долго со широко отворени очи,
во обид да се сетиме на нашите имиња.
Лиги ни течат по брадите.
Зашто замислуваме како те врзуваме за стол,
Ти ја кршиме главата, младо, мило момче од Конектикат.
Овој текст е напишан како дел од испит за предметот Род, медиуми и култура во 2021. Потоа е објавен во Shota Magazin. Преводот од англиски на македонски јазик го изработи Ана Илиева во соработка со Душица Лазова. Препевот на песната на Асотиќ од англиски на македонски го изработи Душица Лазова.
Библиографија:
Ahmad, S. Z. (1998). “The UN’s Role in the Bosnian Crisis: A Critique.” Pakistan Horizon, 51(2), pp. 83–92. http://www.jstor.org/stable/41394460
Ahmed, S. (2007). “A phenomenology of whiteness.” Feminist Theory, 8(2), pp. 149-168.
Asotich, S., n.d. They Descend Upon Us.
BIH: Reducing Wartime Sexual Violence Survivors’ Stigmatization During Criminal Proceedings. (2018, January). https://trialinternational.org/latest-post/bih-reducing-wartime-sexual-violence-survivors-stigmatization-during-criminal-proceedings/
Cohen, Philip J. (1996). “The Complicity of Serbian Intellectuals”. in Cushman, Thomas; Meštrović, Stjepan G. (eds.). This Time We Knew: Western Responses to Genocide in Bosnia. New York University Press. pp. 39–65. ISBN 978-0-8147-1535-2.
Davies, M. (1999). “Queer Property, Queer Persons: Self-Ownership and Beyond.” Social & Legal Studies, 8(3), pp. 327-352.
Faria, C., & Mollett, S. (2016). “Critical feminist reflexivity and the politics of whiteness in the ‘field’.” Gender, Place and Culture: A Journal of Feminist Geography, 23(1), pp. 79-93.
Helms, E. (2003). Gendered Visions of the Bosnian Future: Women’s Activism and Representation in Post -war Bosnia -Herzegovina.
Helms, E. (2008). “East and West Kiss: Gender, Orientalism, and Balkanism in Muslim-Majority Bosnia-Herzegovina.” Slavic Review, 67(1), 88–119. https://doi.org/10.2307/27652770
Insight, V. (2022, April 14). “The Crisis in Bosnia and Herzegovina.” Visegrad Insight. https://visegradinsight.eu/the-crisis-in-bosnia-and-herzegovina/
Isaac, M., & Jurasz, O. (2018). “Towards an Intersectional Understanding of Conflict-Related Sexual Violence: Gender, Sexuality, and Ethnicity.” International Criminal Law Review, 18(5), 853-882.
Inglis, S. (1998). “Re/Constructing Right (s): The Dayton Peace Agreement, International Civil Society Development, and Gender in Postwar Bosnia-Herzegovina.” Colum. Hum. Rts. L. Rev., 30, 65.
Kothe, A. (1999). “Saving the Maidens: Reading “Miss Sarajevo””. Modern Language Studies, 29(2), pp. 137-152.
Koenig, D. M. (1994). “Women and rape in ethnic conflict and war”. Hastings Women’s LJ, 5, 129.
Lugones, M. (2016). “The Coloniality of Gender”. In Harcourt, W. (ed.). The Palgrave Handbook of Gender and Development. Palgrave Macmillan, London. https://doi.org/10.1007/978-1-137-38273-3_2
Milenkovska, S. (2023). “Hague Tribunal’s Blind Spots Marred Wartime Sexual Violence Cases”, Balkan Insight [online] https://balkaninsight.com/2023/01/24/hague-tribunals-blind-spots-marred-wartime-sexual-violence-cases/
Nagar, R. (2002). “Footloose Researchers, ‘Traveling’ Theories, and the Politics of Transnational Feminist Praxis”. Gender, Place and Culture: A Journal of Feminist Geography, 9(2), pp. 179-186.
Phillips, A. (2011). “It’s My Body and I’ll Do What I Like with It: Bodies as Objects and Property”. Political Theory, 39(6), 724-748.
Rich, A. (1984). “Notes toward a Politics of Location”. Women, Feminist Identity and Society in the 1980’s: Selected Papers, pp. 7-22.
Roof, J.A., & Wiegman, R. (1995). Who Can speak?: Authority and Critical identity.
Rodriguez Castro, L. (2021). ‘We are not poor things’: Territorio cuerpo-tierra and Colombian women’s organised struggles. Feminist Theory, 22(3), pp. 339-359.
Skjelsbæk, I. (2006). “Victim and Survivor: Narrated Social Identities of Women Who Experienced Rape During the War in Bosnia-Herzegovina”. Feminism & Psychology, 16(4), pp. 373–403. https://doi.org/10.1177/0959353506068746
Stiglmayer, A. (1994). Mass Rape: The war against women in Bosnia-Herzegovina. Lincoln, Neb. ; London: University of Nebraska Press.
Walsh, M. (2000). “Aftermath: The impact of conflict on women in Bosnia and Herzegovina”. Center for Development Information and Evaluation. USAID.
Žarkov, D., & ProQuest. (2007). The body of war: Media, ethnicity, and gender in the break-up of Yugoslavia (Next wave (Duke University Press)). Durham: Duke University Press.
Žarkov, D. (2017). “From women and war to gender and conflict?: Feminist trajectories”. In The Oxford Handbook of Gender and Conflict. pp. 17–34. doi:10.1093/oxfordhb/9780199300983.013.3