Точно се сеќавам на првиот момент кога почувствував вина како нова мајка. Тоа беше во првите денови откако ја родив ќерка ми и имав потешкотии со доењето, а вината се зголемуваше многу брзо, додека цела не ме обзеде. Замислата дека доењето ќе биде поедноставно и навикнувањето на целата нова ситуација со мало бебе ќе биде полесно, беше тотално нереална. Вистината е дека беше потребен огромен труд, голема посветеност и неверојатна поддршка за да се дои едно мало бебе и дека доењето не е секогаш успешна приказна на мајката и бебето. Се обвинував и се срамев од тоа дека ќерка ми не е на ексклузивно доење, наспроти сите светски здравствени препораки дека мајчиното млеко е најдобро за бебето. Па затоа кога некој (секој) ќе ми го поставеше прашањето „Дали ја доиш?“ – одново ми се случуваше преживување на непријатните чувства.
Чувствата на вина и срам не запреа само кај доењето, напротив, ме следеа во повеќето фази на растењето на ќерка ми и придонесоа кон сè поголема анксиозност. Често се прашував дали навистина го правам најдоброто за моето дете или дали сум доволно добра мајка. Со текот на годините сфатив дека не постои дефиниција за „доволно добра мајка“, туку дека се тоа збир на општествено наметнати правила, кои мајките ги слушаат, читаат за нив или ги набљудуваат преку односите на другите мајки и деца околу нив. Според психологот Ники Лајвли, надворешните пораки што се примаат од околината многу често се мешаат со тоа што навистина им е потребно на мајките и што е навистина добро за нивните деца. [1]
Наметнатите правила за „добра мајка“ само го зголемуваат товарот на неоснована вина и срам кај мајките, а често како последица самите тие не умеат сосема да си веруваат себеси дека го прават најдоброто што знаат и можат за своето дете. Поради тоа не е ни чудно што голем број мајки постојано имаат чувство на вина дека прават нешто погрешно и му штетат на своето дете или дека не се на тоа ниво на мајки какви што имале замисла да бидат. Можеби не им даваат секој ден здрава, органска храна на своите деца; можеби бебето е само на формула, а не на доење; можеби бебето почнало порано во градинка зашто мајката го прекинала порано породилното; можеби некоја мајка ја напуштила работата; можеби детето денес гледало 15 минути повеќе цртани на паметниот телефон отколку што требало да гледа… Постојат безброј причини за сомнеж во себе кои секојдневно се вртат во главата на мајките, а со тоа доаѓа и неминовното себе-обвинување и срам дека тие некаде грешат. Но зошто е тоа така?
Грижата за едно дете традиционално се поврзува со митот за мајчинскиот инстинкт, па оттука и тешкотиите кои се јавуваат се последица на идејата дека чувството за грижа е вродено и дека мајката инстинктивно знае сè за своето бебе и секогаш знае како да реагира и постапи. Кога реалноста покажува дека не секогаш сè оди по планот, мајката е збунета, се обвинува и се срами. Тоа убаво го објасни авторката Челзи Конабој во текстот „Митот за мајчинскиот инстинкт“ за Гардијан, преведен од Лени Фрчкоска:
„Во месеците што следеа, додека барав зборови што би можеле да го опишат она што го чувствував како нова мајка, сфатив дека со мене сѐ е во ред. Всушност, јас бев каква што треба да бидам – посветена, внимателна, заштитнички настроена. Но, многу работи беа погрешни со претпоставките што ги имав за мајчинството. Особено вкоренетата идеја дека природниот мајчинскиот инстинкт ќе ме води низ тие први тешки денови од мајчинството.“
Во недостаток на локални истражувања на овие теми се потпирам на едно истражување спроведено во Финска, во кое авторките Ана Роткирч и Кристина Јанхунен направиле анкета меѓу мајки од 20 до 40 години од широка социо-економска структура за различните типови на вина и забранети чувства што се појавуваат кај нив. Освен чувството на вина што се јавувало после конфликтна ситуација со своето дете, голем број мајки одговориле дека чувствуваат вина и поради културолошките и општествените очекувања од нив. Повеќе од секоја петта жена реферирала на митот на мајчинството односно тие имале контрадикторни очекувања околу тоа што значи да се биде добра мајка и чувствувале дека не можат да одговорат на високите стандарди за мајчинството. Меѓу нив ги навеле и безусловна љубов во секое време, никогаш да не почувствуваат гнев или лутина или постојано да бидат активно и внимателно внесени во ситуациите со нивното дете.
Во друго системско истражување во Англија, конкретно за тип на исхрана кај новороденчиња (доење или формула), резултатите покажале дека вина генерално повеќе преовладува кај мајките што не дојат, односно го хранат бебето со формула и вината најчесто се доживувала пред медицинските професионалци и пријателите. Кај мајките што доеле, вина се јавувало најчесто кога се намалувало екслузивното доење или намерите за доење не биле до крај исполнети. Оваа вина најчесто се јавувала пред фамилијата и најблискиот круг пријатели. Според истражувањето потребно била пореалистична, неосудувачка и насочена поддршка кон мајката за да се намалат себе-обвинувањето и срамот.
„Како балансираш помеѓу мајчинските обврски и работата?“
Традиционалните родови улоги во едно хетеросексуално, нуклеарно семејство, каде мажот е тој што ги носи парите, а мајката е таа што се грижи за членовите во семејството, сè уште ги одржуваат родовите јазови помеѓу мажите и жените. Тука се јавува поимот грижа кој се поистоветува со жената, а според тоа и грижата за децата најчесто паѓа на грбот на жените во семејството, дури и кога тие се активни на пазарот на трудот, исто како и мажите. Затоа кога завршува породилното отсуство и вработените мајки треба да се вратат на работа, најчесто ним им е упатено прашањето „А кој ќе го чува детето?“.Тука пропратно се јавува и прашањето за тоа како се успева да се балансира помеѓу работата и мајчинството. Чисто се сомневам дека голем број татковци (ако воопшто и некој) ги добиле истите прашања.
Според истражувањето на „Реактор“ од 2021 година „Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Македонија“ жените во Македонија извршуваат над 70% од неплатената работа за грижа за семејството и децата.
Неретко, вработените мајки чувствуваат вина многу повеќе од татковците додека се на работа и сметаат дека губат драгоцено време и важни моменти од растот и развојот на своите деца, поради посветеноста на својата кариера. Моменти кои не можат да ги надоместат подоцна.[2] Една светла точка во поглед на родовата распределба на грижата е новиот предлог-закон за работни односи со кој би се дало можност за породилно отсуство и на татковците. Ова е чекор напред во намалување на родовиот јаз во грижата за бебето и треба да биде поттик да се охрабрат татковците да го искористат, за да бидат еднакво вклучени во растењето и развојот на нивното дете.
Новиот предлог-закон за работни односи наместо досегашното породилно отсуство, предвидува поделба на мајчинско, татковско и родителско отсуство. Татковското отсуство е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно. Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има пет месеци мајчинско и четири месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, односно девет месеци. Но, дополнително, тука се и четирите месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните девет месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци. Овие четири месеци на таткото не може да се префрлат на мајката, што значи дека се исклучиво само за таткото, доколку тој сака да ги искористи. Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во подкаст за „Радио Моф“ појасни дека „ова е супер новина што и на работодавачите ќе им ја скрати можноста да речат – мајката може да се грижи за детето“.[7]
Да се биде доволно добра мајка за сопственото дете не е нешто што се мери и оценува и не нè чека медал на крајот на денот, па според тоа не треба да бркаме непостоечки идеали по цена на сопственото ментално здравје.
Системската, како и меѓусебната поддршка на мајките, ослободеноста од предрасуди, осуда и дискриминација, како и согледување на реалната ситуација во која се наоѓаат, со потреба од посебно насочена грижа, особено по раѓањето на бебето, се клучни во тоа да се намали несаканиот товар на неосновано чувство на вина. Кога стануваме родители некогаш се случуваат ситуации кои не зависат директно од нас, а замислените сценарија во многу голем дел не се остваруваат. Имаме измешани чувства што кришум ги чувствуваме и тоа е сосема нормално за нешто што носи огромна промена и голема одговорност. Отвореното зборување за предизвиците и табу темите со кои се соочуваат родителите може да помогне да се разбие идеалната слика за мајчинството или татковството и да се добие поголемо разбирање во заедницата. Токму затоа нужно е приватните и државните политики да се насочат кон поголема поддршка на родителите, како и создавање подобри услови и работни средини кои ќе овозможат мајките, но и татковците, да добијат родово еднаков систем, систем на доверба и сигурност и со тоа посреќен и поквалитетен живот и за себе и за своите деца.
[1]https://www.family-institute.org/behavioral-health-resources/maternal-guilt-and-moms-sense-self
[2] https://bpspsychub.onlinelibrary.wiley.com/doi/full/10.1111/bjso.12575