Во Босна и Херцеговина, жените имаат еднакви права на имот. Барем на хартија. Во пракса, многу од нив се откажуваат од тоа што им следува. Не зашто мораат, туку затоа што веруваат дека така е редот.
Ова го потврдува долгогодишното искуство на Лана Јајчевиќ, правна советничка во Фондацијата „Обединети жени“ од Бања Лука, која со децении работи со жени жртви на семејно насилство.
Повеќе од 10.000 жени поминале низ советувалиштето на оваа фондација.
„Жените како да се плашат да имаат имот на свое име“, вели Јајчевиќ.
Иако советува дека би било добро да го прифатат имотот при развод, исто како и имот што би го наследиле од родителите, бидејќи може да биде клучен за нивната заштита и сигурност, многу жени одбиваат да го сторат тоа. Затоа веднаш го пренесуваат имотот на своите деца или воопшто не го запишуваат на свое име.
Јајчевиќ наведува пример на жена која преживеала тежок случај на семејно насилство, но не го променила својот став кон имотот.
„Штом се спомна дека ќе наследи имот од родителите, уште пред да го наследи, праша како ќе го префрли на своите деца. Сопругот брутално ја претепал на јавно место, но кога наследи имот од родителите, веднаш го префрли на своите деца — има две деца од тој брак“, вели Јајчевиќ. „Се однесува како ништо да не ѝ треба, а живее како потстанар во Бања Лука.“
Според Јајчевиќ, жените често го оставаат имотот на своите браќа или други членови на семејството, дури и кога се во полоша финансиска состојба.
Преовладувачкиот став кај жените, забележува таа, е дека „имотот не треба да биде на нивно име“.
„Најчестото прашање е: што ќе кажат луѓето?! Овие традиционални вредности што се негуваат сè уште им покажуваат на нашите жени дека не треба да поседуваат имот“, истакнува таа.
Особено загрижувачки е што, како што вели, ни помладите жени во урбаните средини не се имуни на ваквото однесување. Исклучок најчесто се пообразованите жени.
Сè оди кај братот, затоа што ќерката припаѓа на „друго домаќинство“
Во анкета на тема семејно наследство, жените од Босна и Херцеговина, врз основа на лично искуство, потврдиле дека се откажуваат од имот поради традицијата и очекувањата на семејството.
„Кај нас повеќе се почитуваат мажите и велат: треба сè да му дадеш на братот, а не на жената, затоа што таа ќе се омажи во туѓа куќа“, укажува Мерка Мустафиќ од Сребреница на овие обичаи.
Таа вели дека денес, по поделбата на имотот, би постапила поинаку.
„Сега би го земала, макар само да имам своја соба, наместо сè да им дадам на браќата“, вели Мустафиќ.
Мевлида Јашаревиќ, 47-годишна жена од околината на Сребреница, укажува на својот специфичен семеен случај. Таа и нејзините сестри се откажале од имот во корист на машки роднина.
„Сè му дадовме на братучедот, затоа што тој беше единствениот што го наследи нашето презиме. Тој беше единствениот маж што остана.“
За некои, откажувањето не поминало без последици. Амина Буљубашиќ од Зеница опишува нарушени семејни односи поради нерешено наследство.
„Процесот никогаш не заврши, а брат ми и сестра ми ме блокираа и не разговараме, а кога ќе се сретнеме, се прават дека не ме гледаат. Ужасно е“, напиша Амина во анкетата.
Братот на Сајма Мехмедовиќ наследил сè по смртта на нивните родители.
„Брат ми наследи по смртта на мајка ми, бидејќи татко ми го изгубивме во ’95, а ние четири сестри му го подаривме (имотот)“, вели Сајма.
Тие, додава таа, веќе имале стабилност во своите нови семејства:
„Имавме понуда од брат ми ако сакаме, но не сакавме, бидејќи, фала му на Бога, сите имаме семејства и дом“, напиша Сајма.
Во Сребреница, во источна Босна и Херцеговина, тоа е традиција, вели Мухиба Хаџибулиќ.
„Тоа е наша традиција, за да не се расипат односите меѓу нас“, објаснува таа зошто имотот се остава на машките членови на семејството.
За повеќето жени, откажувањето од наследство е пред сè морална обврска кон семејството, желба да се зачуваат добрите односи, да не се цепка имотот и резултат на семеен притисок.
„Жените што бараат свој дел често се стигматизираат како алчни“
Само 34 проценти од жените во Босна и Херцеговина поседуваат недвижен имот, покажуваат податоците од CILAP евиденцијата за недвижности, спроведена со геодетските управи на Република Српска и Федерацијата БиХ.
Овој податок го наведува Мирјана Мишкиќ, професорка на Правниот факултет на Универзитетот во Бања Лука, во анализата „Заеднички имот и наследство во Босна и Херцеговина“.
Причините лежат во длабоко вкоренетата традиција според која семејниот имот се гледа како „машки“, одговара Мишкиќ.
Ќерките често се откажуваат од наследството во корист на браќата за да ги зачуваат добрите односи во примарното семејство.
„Постои верување дека со одењето во друга куќа (брак), ќерката е згрижена, додека синот останува да го одржува семејниот имот и презиме и се смета за легитимен наследник“, објаснува таа.
Патријархалните обрасци во општеството функционираат преку стереотипни родови улоги и се резултат на историскиот развој на правната положба на жените, вели Мишкиќ.
„Образецот според кој машкиот наследник наследува сè потекнува од обичајното право и првите заедници и опстанал до денес како непишано правило што често ги надминува современите законски решенија“, додава таа.
Иако откажувањето е доброволно, тоа често е резултат на прикриен социјален притисок.
„Жените што бараат свој дел често се стигматизираат како алчни или се соочуваат со прекин на контакт со семејството. Стравот од осуда и губење емоционална поддршка го прави ова откажување само условно доброволно.“
Ова има и економски последици.
„Без имот на свое име, жените немаат средства што би служеле како гаранција за кредити или за започнување бизнис. Тие зависат од добрата волја на сопругот или машките роднини и остануваат без сигурност во случај на развод или смрт на сопругот.“
Изборот често не е навистина слободен
Професорката Мишкиќ објаснува дека обичаите сè уште се многу силни.
Иако законите гарантираат еднакви права, во пракса масовно се користи откажувањето од наследство, под влијание на семејството и заедницата.
„Семејството ги учи девојчињата од мали дека имотот им припаѓа на браќата. Историски, верските закони различно ги третирале машките и женските наследници, што оставило длабока трага“, вели таа.
И локалната заедница го одржува овој модел „преку озборување и осуда на жените што го земаат својот дел“.
И професорката Амила Здраловиќ од Универзитетот во Сараево смета дека жените се откажуваат од имот под влијание на општеството и патријархалните норми.
„Луѓето ги усвојуваат овие вредности низ цели процеси на социјализација. Дури и кога мислиме дека одлуката е доброволна, во суштина не е“, истакнува таа.
Еднакви права на хартија, не и во животот
Се поставува прашањето како да се охрабрат жените да ги побараат своите права.
„Прашањето е како да се демонтира овој социокултурен контекст“, вели Здраловиќ.
Законот е јасен: жените и мажите имаат еднакви права на имот и наследство. Но постои длабок јаз меѓу законот и реалноста.
Во име на „мир во куќата“, жените се откажуваат од своите права и од генерација во генерација остануваат без имот, економска сигурност и независност.
Овој текст е плод на соработка помеѓу Медуза и Reporting Diversity Network, со поддршка на Европската Унија. Оригиналниот текст на босански јазик можете да го прочитате на Mediacenter Sarajevo, a англиската верзија на RDN. Ова неформално регионално поврзување и споделување има за цел да ги истражи обичајните пракси кои резултираат со сериозна родова дискрепанца во наследувањето на имот во овој регион. Иницијативата беше започната од авторките и новинарки Марта Стевковска и Лени Фрчкоска, а нивниот текст за состојбата во Северна Македонија е достапен за читање на Медуза и Reporting Diversity Network.