Режија: Luca Guadagnino
Улоги: Tilda Swinton, Ralph Fiennes, Matthias Schoenaerts, Dakota Johnson
Земја: Италија, Франција
Времетраење: 124’
Жанр: психолошка драма
Поголем плисок (2015) е вториот дел од неформалната трилогија која режисерот Гудањино ја нарекува Desire, издаден по „Јас сум љубов“ (2009) и пред „Викај ме со твоето име(2017). Главните улоги ги толкуваат Тилда Свинтон, Матијас Шоенертс, Ралф Фајнс и Дакота Џонсон, а филмот е (лабаво) базиран на „Базенот“ (1969) на Жак Дереј и именуван по истоимената слика на Дејвид Хокни од 1967 година.
Тилда Свинтон ја игра Маријана, глобално позната рок-ѕвезда која се повлекува од лудилото на нејзиниот свет, среќно одмарајќи се со својот партнер Пол (Матијас Шоенаертс), иден режисер на документарни филмови. Динамиката во изолираната вила на Сицилија целосно се менува, кога познатиот продуцент и нејзин бивши дечко (Ралф Фајнс) се појавува непоканет со неговата млада и провокативна ќерка.
Сепак, иако во центарот на филмот е сличен заплет како оној во „Базенот“, каде двајца бивши љубовници неочекувано се спојуваат, и летното бегство и спокој полека се претвораат во неизбежен пекол, постојат некои нови слоеви на приказната кои ги носи Гудањино, заедно со одлична актерска игра на главните ликови. Поголем плисок, на прв поглед е класично, летно „eye candy“, но зад зашеметувачката убавина, полека се развиваат приказните за машкото ривалство, женската моќ, современата меланхолија, како и незамисливите привилегии на ултра богатите, скриени во луксузна вила, удавени и фигуративно и буквално во потрагата по повеќе, додека истовремено, на истиот тој брег стотици мигранти од Африка се борат да преживеат.