препорачува: Билјана Радиноска
Режија: Себастиан Силва
Глумат: Себастиан Силва, Џордан Фрстман, Каталина Саведра
Времетраење: 109‘
Земја: Мексико, САД
Жанр: Комедија, Мистерија
Првата мистерија, за мене, e што прават режисерите кога не режираат, или како се носат со товарот на неопходното –неправење ништо, ако неправењето ништо е воопшто возможно во оваа економија. Во таков еден период, на правење/неправење, меѓу две претстави и два града, дојдов до „Скапување на сонце“.
Во оваа мистерија и комедија од 2023 година, Себастијан Силва се игра себеси (или некоја верзија на себеси) како симпатично несимпатичен режисер. Во еден период на заглавеност меѓу потребата за одмор и исчезнувањето од сцената на сметка на тој одмор, Себастијан почнува на шега да го оддава својот страв од исчезнување (читај невидливност) низ досетки за самоубиство. Блиските му препорачуваат да оди на геј ресорт во Мексико, како малку би одморил и можеби би нашол елан за работа на нов филм. Не е извесно дали наоѓа елан, но сигурно го наоѓа Џордан Фрстмен, инстаграм селебрити, кој исто така се игра себеси во оваа комплексна авто-фикција што се развива во сценариото. Сместена во еко-систем на сексуална експлицитност, сцената на нивното запознавање, каде Себастијан го спасува Цордан од давење, со цело наше претходно сознание дека е дојден на овој ресорт да се спаси себеси, отвара една нова линија на иронија во оваа мета-комедија. Меѓу нив започнува инстант пријателство, кое не се само што внесува една сосема друга енергија во филмот, тукуниз комичното отвара простор за преговарање со ранливноста на поп-културата и себе-опседнатоста.
Оттука, дејствието тргнува стрмоглаво угоре-удоле. Доаѓаме до апсолутната ѕвезда на овој филм, Каталина Саведра, куќната помошничка на Себастијан. Навидум периферен лик што останува периферен за сите ликови, додека истовремено станува главен катализатор на дејството. Каталина доминантно игра низ невербално дејство, сеприсутно и „сеотсутно“ зуи низ домот додека е во акутен шок од развојот на настаните. Вешто низ играта на премолчување и помагање, го растегнува социјалниот материјал на средната класа до ниво на комична неподносливост која ја скокотка имагинацијата, емпатијата и предизвикува некоја конфликтна солидарност со оваа случајна убијца.
Тоа што ме освои во ваквата поставеност на елементите на филмот е дека оперира на познатата театарска премиса: што знае публиката, а што ликовите, и тензијата што се гради од тоа (не)знаење. Филмот доаѓа до својот климакс како ноќна пеперутка што се удара во сијалица, повторно и повторно, пробивајќи ја мојава метафора со последната сцена која е апсолутно срце-прегнувачка.