Режија: Martin Scorsese
Улоги: Ellen Burstyn, Alfred Lutter, Diane Ladd, Harvey Keitel, Jodie Foster
Времетраење: 112’
Земја: САД
Жанр: драма, романса
„Алиса повеќе не живее тука” е еден малку подзаборавен филм на Скорсезе, делумно поради тоа што го снимил во раните години како режисер, но многу повеќе поради тоа што отскокнува од маскулинистичките филмовите со кој се прослави.
Во „Алиса”, главната улога ја има жена, вдовицата Алиса, мајсторски одглумена од Ellen Burstyn која добива Оскар за оваа улога. Всушност овој филм е подеднакво нејзин колку и на Скорсезе. Таа му го однела сценариото и побарала да го режира филмот, учествувала во кастингот и изборот на тимот (претежно составен од жени).
Откако ќе ѝ почине сопругот со кого живеела во отуѓен брак, Алиса решава да започне нов живот со нејзиниот 11-годишен син со кого се селат од Ново Мексико во Феникс. За првпат во улога да го издржува семејството, таа ѝ се враќа на музичката кариера која ѝ била забранета од мажот, но по низа немили настани – вклучувајќи физичко малтретирање од новиот љубовник – Алиса и нејзиниот син повторното решаваат да заминат, надевајќи се на повеќе среќа со следниот нов почеток. Тие се селат во Тусон, каде Алиса добива работа во еден фамилијарен дајнер и тука почнува нејзината вистинска трансформација.
Алиса е храбра жена со незапирлив Американски сон. Ellen Burstyn успева да креира лик кој е истовремено цврст и ранлив, а Скорсезе ја користи трагедијата како можност умешно да го истражи ликот на вредната, грижлива и искрена жена која треба да се снајде со дотогаш невиден егзистенцијален притисок. Ова е филм за силни женски ликови кои излегуваат на крај со своите неволји и ги прекршуваат стереотипите на начин кој им одговара.