препорачува: Билјана Радиновска, театарска режисерка
Режија: Јоргос Лантимос
Глумат: Ангелики Папоулиа, Ариане Лабед
Времетраење: 93‘
Земја: Грција
Жанр: Драма
„Алпи“ (Alpeis, 2011) е името на тајна група на луѓе, кои ги нудат своите услуги на семејства коишто се во процес на оплакување, преземајќи го идентитетот на починатите во обид да ја олеснат нивната болка и да им помогнат во пребродување на тагата. Во оваа чудна и фасцинантна приказна, ја следиме оваа група во разни ситуации од секојдневието, режирани од фамилиите кои ги користат нивните услуги. Сепак, додека ги отелотворуваат овие улоги, тие влегуваат во комплексноста на емоциите и имитацијата на истите и се заплеткуваат во мрежата на фикцијата каде се создава идентитетот. Тематски, „Алпи” зарива во природата на тагата и го поставува прашањето до каде се подготвени да одат луѓето во потрагата по утеха. Филмот отвара дилеми за автентичноста на човечките врски и етичките импликации на манипулирањето со емоции за лична корист.
Низ богатата визуелна драматургија, кинематографското чувство е како да набљудувате операциона сала откако операцијата завршила и започнува процесот на чистење. Не знаеме точно што се случило претходно, туку ги сретнуваме ликовите во нивните последици, во нивното отпосле. Па така, кадрите се некомотно оддалечени или доближени, предизвикувајќи чувство на неудобност. Изборот на празни и стерилни локации ги одразува емотивните состојби на ликовите и нивната отуѓеност од светот околу нив.
Филмот мајсторски плете неколку тенки линии, како во нарацијата, така и во актерската игра: ако има нешто помеѓу егзистенционализмот и апсурдот, таму е актерската игра, која на моменти фаќа некој инфантилен проблесок особено кај Ангелики Папулиа – мистериозниот лидер на групата. Нејзината интерпретација балансира вознемиреност и стоицизам, фиксирајќи се на внатрешните конфликти на жена која се соочува со сопствениот идентитет преку улогите кои ги презема за другите.