Режија: Jamie Babbit
Улоги: Natasha Lyonne, Clea Duvall, RuPaul Charles, Cathy Moriarty
Времетраење: 90’
Земја: САД
Жанр: романса, комедија
Оваа сега веќе култна комедија ја следи тинејџерката Меган (Natasha Lyonne) чиј живот како нормална all-American девојка од предградие е превртен наопаку кога нејзините родители почнуваат да се сомневаат дека е лезбејка и ја праќаат во кампот за рехабилитација „Прави насоки”. Меган добива конверзиона терапија од советникот Мајк (RuPaul Charles), поранешен – односно „излекуван” – хомосексуалец и следи строга програма, но без успех. Меган го прави токму обратното и за првпат почнува да ја преиспитува својата сексуалност.
Филмот „Ама јас сум навивачка” е истовремено смешен и политички, сериозен и несериозен. Жанрот романтична комедија е мета на критика поради ширењето на негативни пораки кои ги зацврстуваат општествено конструираните родови улоги и рефлектираат традиционални и безбедни опции. „Ама јас сум навивачка” ги користи истите жанровски тропи, но на многу campy начин ги исмева и подрива. Наративот се фокусира на ЛГБТ+ заедницата – пред сѐ, на лезбејките – и таргетира дел од причините поради кои тие остануваат „во плакарот”.