Режија: Andrea Arnold
Улоги: Sasha Lane, Shia LaBeouf, Riley Keough
Времетрање: 162
Земја: САД
Жанр: Драма
American honey (2106), на режисерката Андреа Арнолд ја раскажува дивата, субверзивна приказна за изгубените млади од “Midwest” САД, преку призмата на тинејџерката Стар (Саша Лејн), која го напушта својот живот и насилен татко, за да се приклучи на група на адолесцентни продавачи на списанија кои заедно патуваат низ земјата. Наоѓајќи ги својот дом кај бандата тинејџери, таа набрзо се впушта во животниот стил на групата што вклучува континуирана забава, насилство и деликвенции, но и обиди за наоѓање љубов, пријателство и засолниште. Филмот маестрално успева да го прикаже очајот на бидување сиромашен млад човек во заборавените ќошиња на Америка, на одисеја кон никаде, без да ги сензационализира и сожалува ликовите или морализира нивните избори.
Во однос на самата приказна, не се случува многу: во центарот на филмот е светлината и музиката, (поради што некои критичари го нарекуваа филмот ужасно долг музички спот). Но овој пристап на Арнолд едноставно прави смисла, зашто успева да ја прикаже сонливата бесперспективност на ликовите, речиси не користејќи зборови. Финално, American honey е филм за Америка. За Америка по победата на Трамп, Америка на длабоката сиромаштија и апчињата како бегство од болката, но и грандиозноста и убавината на запуштените американски пространства.