препорачува: Билјана Радиновска
Режија: Џастин Триет ( Justine Triet)
Глумат: Сандра Хулер, Сван Арлауд, Мило Макадо Гарнер
Времетраење: 151‘
Земја: Франција
Жанр: Драма, Трилер, Крими
Веројатно еден од најдобрите филмови што ги изгледав изминатата година, заедно со македонскиот „Домаќинство за почетници“ и хрватскиот „Безбедно место“. Она што ме освои во оваа интимна и општествена драма, во режија и сценарио на Џастин Триет, е апсолутното и непоколебливо отварање на приказната во длабочини на психолошката драма и филмските изразни средства со кои се користи за да изгради комуникација меѓу формата и содржината. Со средствата на детективска реконструкција на настанот, во обид да се расплете што се случило и да се создаде една егзактна нарација, всушност се конструира една тајна нарација како чеиз на неименливата и комплексна човечка природа.
Сандра (брилијатно играна од Сандра Хулер) е германска писателка, која заедно со својот сопруг, французинот Семјуел, и нивниот единаесетгодишен син Даниел, живеат затскриено во својата недоизградена вила на француските Алпи. Фактот дека целото дејствие се случува во овој недоправен објект, после некое време почнува да станува една просторна метафора за нивната врска или за нарацијата на истата. Кога нивниот син со оштетен вид го наоѓа Семјуел мртов во снегот под нивната вила, полицијата се прашува дали тој се самоубил или бил убиен. Малку по малку, судењето станува не само истрага за околностите на смртта, туку вознемирувачко психолошко патување во длабочините на динамиките на моќ во една врска, просторот меѓу родителството и уметничката кариера и еманципацијата.
Кога станува збор за анатомија или телознание, наука која се занимава со прочучување на структурите на организмот, или поточно градбата на живиот организам, низ сценариото и актерската игра, успева да се создаде еден жив ментален простор, организам кој долго ја демне својата точка на вриење, градејќи напнатост која е постојано во надоаѓање. Тоа што фасцинира во играта на Сандра Хулер е нејзината умешност да го донесе искуството кое го премолчува низ нејзината актерска присутност. Суптилното ехо на сарказам кое наѕира низ нејзините реплики и сведочења, служи како барометар за апсурдноста на целата ситуација, каде барајќи го виновникот за смртта, се открива магентното поле на вина кое осцилира во современите врски: како да бидеме тука едни за други додека се остваруваме самите себе.