Наслов: Atlantics
Режија: Mati Diop
Играат: Mame Bineta Sane, Amadou Bmow, Ibrahima M’Baye
Земја: Франција, Сенегал
Времетраење: 1ч. 44мин.
Жанр: Хорор / sci-fi / документарец
Ако книжевниот и филмскиот хорор ги рефлектира нашата култура, нашите верувања и стравовите кои ги криеме и негуваме, тогаш Atlantics (2019) e sci-fi гласник на нашите капиталистички трауми. Режисерката Мати Диоп и филмската екипа ја користат научната фантастика за остра социјална критика преку приказната за група експлоатирани градежни работници од Дакар кои испловуваат кон подобар живот во Шпанија, но импровизираното пловило им се превртува и умираат во Атлантскиот океан.
По смртта, тие се враќаат како духови кои ги опседнуваат телата на мештаните на Дакар со цел да му се одмаздат на шефот кој со тоа што не ги исплаќаше, всушност ги натера да запловат кон Шпанија. Освен како класичен хорор раскажувачки механизам на прогонување, смртта на момчињата го обременува наративниот тек на приказната како симбол за последиците на работничката експлоатација. Ваквата иновативна употреба на хоророт и натприродни елементи во филмот не служат за да ја исплашат публиката, туку како наративни средства во оваа алегорија за социјална правда и критика за вечните последици на колонијализамот.
Покрај класната критика, приказната е испреплетена со суровиот патријархален пејзаж на постколонијалниот пустош. Духовите често ги опседнуваат телата на локалните жени, особено другарките на главниот лик Ада и со тоа симболично ги прикажуваат долготрајните ефекти на патријархална контрола и економски притисок со кои се соочуваат жените од експлоатираните работници. Овие сцени со опседнување одразуваат интерсекциско преклопување, но и како борбите на мажите и жените во Дакар се разликуваат.
Atlantics (2019) ги поткопува традиционалните приказни за духови со тоа што го користи жанрот во комбинација со експлицитно траорната класна позадина. Со ова, Мати Диоп и филмската екипа ја напушта класичната научно фантастична закана која доаѓа од некаде далеку или од нашата психа и ја позиционира во нашата материјална реалност.