Наслов: Мустанг / Mustang (2015)
Режија: Денизе Гамзе Ерѓувен
Играат: Ѓунеш Незихе Шенсој, Дога Зејнеп Догушлу, Тугба Сунгуролу, Елит Ишџан, Илајда Акдоган
Земја: Франција, Германија, Турција, Катар
Времетраење: 1ч. 37 мин.
Жанр: драма
Филмот премиерно се покажува во селекцијата Director’s Fortnight во склоп на Канскиот Филмски Фестивал, а една година подоцна е избран да је претставува Франција, во категоријата најдобар странски филм на Оскарите 2016 година. Иако е режиран од турска режисерка и снимен целосно на турски јазик, земјата на продукција останува Франција.
Дејствието се случува во едно турско село во непосредно минато, значи, модерна Турција, каде пет сестри, на возраст помеѓу десетина и седумнаесетина години се посвоени и пораснати во конзервативните стеги на еден неженет средовечен селанец (да не речам сељак) и неговата мајка. Во текот на филмот ќе бидат една по една ветувани и мажени.
Ова е еден од ретките авторски европски филмови кој и покрај тоа што прикажува една сиромашна, рурална средина, не е бавен, досаден, дотолку повеќе е прилично панк.
Селската турска естетика не е ништо различна од онаа која нам ни е позната, што овозможува напати да се препознаеме и насмееме на некој нам близок хумор. Од друга страна, филмот има ритам кој наликува на било кој амерички teen movie имајќи за главни ликови пет сестри кои имаат желби и однесувања како сите нас девојчиња кои растевме во 2010-тите години од 21-от век. Нешто како „The Virgin Suicides”, но oваа верзија се занимава и со остатоците на Османлиското Царство. Битката на овие девојчиња против заостанатото однесување на очувот и старите обичаи го држи нашето внимание во секоја секунда на овој филм. Приказната е совршено скроена за преку микро светот-затвор во кој девојчињата живеат, како гледачи да размислуваме за макро светот, во којшто владеат истите правила. Исто така, филмот е многу прецизен опис на судирот меѓу две генерации, Генерација Х, кои сè уште веруваат во религиозните традиции и наметнуваат на милениумците и Генерацијата Z, коишто повеќе не сакаат да се покоруваат на истите. Филмот е крик на слободата на жената како млада девојка. Феминизмот во него не е некоја далечна можност, ниту снобовска порака, туку единствена опција за живот.

Наслов: Жанн Ду Бари / Jeanne Du Barry (2023)
Режија: Majуен
Играат: Џони Деп, Мајуен, Бенџамин Лаверн, Пиер Ришар
Земја: Франција, Белгија, Велика Британија
Времетраење: 1ч. 56 мин.
Жанр: историска драма
„Жан Ду Бари“ го отвора Канскиот Филмски Фестивал во 2023 година, филмот е прикажан вон селекција.
Филмот го раскажува животот на една позната фигура од француската историја: Жанн Гомар де Воберние, девојка од скромно потекло, која се обидува да се искачи по социјалната скала користејќи ја за истото својата убавина. Нејзиниот прв маж, грофот Ду Бари, се претвора во своевиден макро на сопствената жена и се збогатува продавајќи ги нејзините услуги во дворот на кралот Луи 15. Еден од кралевите помошници решава да ја покаже Жанн на кралот, којшто се вљубува во неа, по што таа станува негова миленичка.
Убаво скоцкан, класичен историски филм со мал твист. Кога жена ја раскажува приказната за главната куртизана на кралот, сето тоа личи многу поинаку. Мајуен, инаку една од најпознатите режисерки во Франција, ја започнува својата кариера како актерка во Петтиот Елемент („The Fifth Element“, 1997) од Лук Бесон каде ја игра улогата на Дива Плава Лагуна. Режисерката важи за контроверзна личност којашто никогаш не се плаши да го изрази своето мислење, сличност која ја дели со ликот кој го инспирира самиот филм. Во Жан Ду Бари, ја игра главната улога и умешно жонглира со двете задачи: режисерката и актерската. Филмот естетски е инспириран од Бари Линдон („Barry Lyndon“, 1975) на Стенли Кјубрик којшто самата режисерка го цитира како референца. Ова е една прекрасна елегија за љубовта, која кај мене успеа дури и да измами по некоја солза, а притоа е одлично четиво за првата жена која облекла панталони во кралскиот двор.

Наслов: Судењето на Вивиан Амсалем / The trial of Viviane Amsalem (2014)
Режија: Ронит Елкабетц и Шломи Елкабетц
Играат: Ронит Елкабетц, Симон Абкариан
Земја: Израел, Франција, Германија
Времетраење: 1ч. 55 мин.
Жанр: драма
Номиниран на 72-рото издание на Golden Globes, во категоријата најдобар странски филм, инаку премиерно прикажан во секцијата Director’s Fortnight на Канскиот Филмски Фестивал.
Во Израел, Елиша, религиозен евреин одбива да се разведе од неговата жена, којашто бара развод веќе три години и има поинакви верски сфаќања. За разводот да биде официјален, треба двајцата сопружници да се согласат. Филмот се случува во судница, во којашто иако Елиша е присутен и најавил дека доаѓа за да потпише согласност не престанува да се предомислува и притоа се обидува да ја предомисли и својата жена.
Судењето на Вивиан Амсалем е доказ за тоа дека за еден филм да биде добар некогаш се доволни четири ѕида, неколку глумци, добро напишано сценарио и навистина добар дијалог. Оваа судница која го третира малиот живот на Вивиан Амсалем всушност ги третира големите проблеми на многу бракови, и како нивна последица: големите проблеми на многу разводи.
Ронит Елкабетц, инаку позната филмска актерка во Израел, решава да ја раскаже приказната на нејзината мајка во три филмови, Да се земе жена („To take a wife“ 2004), Седум Дена („Shiva or Seven Days“, 2008–), и Судењето на Вивиан Амсалем („The trial of Vivian Amsalem“) кој ја крунисува оваа триологија. Како и Мајуен, во ова дело, таа глуми и режира.
Сметам дека овој филм е многу важен и многу женствен, како и целата филмографија на Ронит Елкабетц како режисерка, која е најголемиот борец за женските права без притоа да се занимава со омраза кон мажите. Некои од најголемите траги за патријархалната, ако не, и за човечката глупост, се оние направени во име на религијата. Секоја религија има свои методи, но во едно сите религии се сложни, а тоа е кого угнетуваат. Како што вели Лора Дерн во Приказна за еден брак („Marriage Story“ 2019) од Ноа Бумбах:
“…Затоа што базата на нашето јудео христијанско бла бла е Дева Марија, Мајка на Исус и таа е совршена, таа е девица, која раѓа… а таткото не е тука ! Не бил тука ни за ебењето. Господ е во Рајот! Господ е таткото и таткото не е тука!”
Ние македонските жени сме гласни, гласаме и сме гласале од многу одамна (многу пред Французинките или Швајцарките). Сепак од време на време, убаво е да се прошетаме по светот низ неколку филмови и да го погледнеме женскиот проблем онаму кадешто е погорлив и нема балкански гласни жици.

Наслов: Тони Ердман / Toni Erdmann (2016)
Режија: Марен Аде
Играат: Сандра Хулер, Питер Симонишек
Земја: Германија, Австрија
Времетраење: 2ч. 42 мин.
Жанр: драматична комедија
Филмот е премиерно прикажан во официјалната селеција на Канскиот Филмски Фестивал каде ја добива наградата FIPRESCI или награда од интернационалната критика.
Винфрид Конради, германски професор од шеесетина години, одлучува да ја посети ќерка си Инес во Букурешт, каде таа е на службено патување, во склоп на нејзината висока советничка позиција. Додека таа се обидува да напредува професионално, татко и активно го узурпира нејзиниот живот, терајќи ја да размисли на приватниот аспект од истиот. Во серија неочекувани изненадувања кои имаат за цел да ја дестабилизираат, тој замалку ја губи ќерка си, пред да ја добие нејзината доверба засекогаш.
Ода на радоста на односот татко и ќерка. Безвременска комедија која покажува дека без разлика на тоа дали имаме четири или четириесет години, остануваме деца на нашите родители. Сандра Хулер, актерката која доживеа светска популарност по филмот Анатомија на едно паѓање („Anatomy of a Fall“, 2024) од Жустин Трие, во овој филм е во нејзините изворни германски чевли и одлично ја носи ладната сатира, а со неа и сите оние стереотипи кои може да ги имаме за германскиот менталитет. Истовремено, ова е филм кој го става под огромен знак прашалник балансот работа/приватен живот и прави на едно подлабоко ниво да се запрашаме дали се губиме себеси обидувајќи се да блиљираме, секој во својата професионална трка.