АВИВА (AVIVA) (2020)
Режисер: Boaz Yakin
Улоги: Zina Zinchenko, Bobbi Jene Smith, Tyler Phillips
Времетраење: 116 минути
Земја: САД
Жанр: Драма, Романса
Предложува: Андреј Медиќ Лазаревски

Филмот на Боаз Јакин што вклучува егзалтирачки танцови сцени и двајца протагонисти играни од четворица различни актери, нуди една возбудлива мешавина на мета-филм, перформанс и драма и го дофаќа оној незаприлив, немирен и флудиен момент во времето каде машко-женската динамика е демистифицирана и соголена. За филмот, Rollingstone ќе рече: „Сексуално исцеление, танц по танц“.
Авива доаѓа од Париз, а Идн е од Њујорк. По долги електронски-мејл преписки, конечно се среќаваат и се заљубуваат. Но животот им е полн борби, бидејќи во младите љубовници постојат завојувани страни на маскулинистичките и феминистичките енергии кои се борат за примарност. Преку сексуалноста и танцот се поместуваат родовите граници и се отвора една родова енигма којашто го преобразува односот што го имаме едните кон другите, но и односот кон самите себе (како андрогини суштества).
И ТОГАШ БОГ ЈА СОЗДАДЕ ЖЕНАТА (AND GOD CREATED WOMAN / ET DIEU…CRÉA LA FEMME) (1956)
Режисер: Roger Vadim
Улоги: Brigitte Bardot, Crud Jürgens, Jean-Louis Trintignat
Времетраење: 95 минути
Земја: Франција
Жанр: Драма, Романса
Предложува: Наде Циева

„И тогаш Бог ја создаде жената“ е француски филм од 1956 година со прогресивна тема. Филмот е доста смел и провокативен за своето време, со еротска и бунтовна енергија што оди против тогашната конзервативна филмска естетика. Филмот го следи односот на Џулиет (Брижит Бардо) со мажите околу неа. Таа во нејзиниот брак се однесува паушално бидејќи истовремено развива роматичен однос и со други мажи. Во оваа приказна се прикажани проблематични односи, но на човечки начин. Нејзиниот лик, иако наврати контроверзен, сепак не ја минимизира нејзината шармантна страна, портретирајќи ја Џулиет како автентична и удобна во сопствената кожа.
ПАРИЗ, ТЕКСАС (PARIS, TEXAS) (1984)
Режисер: Wim Wenders
Улоги: Harry Dean Stanton, Nastassja Kinski, Dean Stockwell
Времетраење: 147 минути
Земја: Германија, Франција, Велика Британија, САД
Жанр: Драма, road film
Предложува: Наде Циева

Овој филм со причина ја има стекнато својата популарност и од аспект на кинематографија и од аспект на актерската игра.
Самиот почеток е бавен и навидум здодевен, оскуден во однос на дијалог, но сето тоа придонесува во создавањето на амбиентот на осамеништво во кој живее главниот лик Травис. Одлуките кои ги има направено тој, го довеле до неговата самотија од која не бега, туку напротив се нурнува во неа. Филмот „Париз, Тексас“ не се плаши да ја покаже тешкотијата во одржување на односите меѓу луѓето, пребродување на лоши случки и трајните последици со кои се справуваат луѓето поради нивните постапки.
ПЛАТФОРМАТА (EL HOYO / THE PLATFORM) (2019)
Режисер: Galder Gaztelu-Urrutia
Улоги: Ivan Massagué, Zorion Eguileor, Antonia San Juan
Времетраење: 94 минути
Земја: Шпанија
Жанр: Дистопија, Трилер
Предложува: Марија Велинова

Вертикалниот центар за себеменаџирање е зграда во која на секој кат живеат по двајца затвореници и еднаш дневно, одозгора надолу, проаѓа платформа со премногу храна и на секој кат се задржува по две минути. Затворениците не јадат колку што им е потребно, зашто првите катови се нафрлаат и грабаат колку што можат повеќе, оставајќи излижани чинии и изглодани коски за останатите. Но, оваа динамика се менува секој месец кога се будат на различен кат.
Филмот наликува на дистопија која ги покажува своите одлики преземени од вистинскиот свет: оние коишто се наоѓаат на повисоко искористуваат повеќе од тоа што им треба, додека ниските слоеви гребат по бетонот за да преживеат. Алчноста и безмилосноста се истакнати уште повеќе преку гадните сцени на прејадување. Спротиставен е ладниот и празен изглед на просториите во кои живеат со раскошноста и исполнетоста со која изобилува платформата со храна – приказ и критика кон капиталистичкото општество и тоа како секој човек се менува во зависност на позицијата што ќе ја добие. Но, тука е и борбата за промена и обидот за да се влијае врз туѓите одлуки за подобри цели. Како што тече дејството, се отвараат прашањата за тоа колку намерата ги оправдува средствата и кој систем треба да се воспостави за на крајот гледачот да се запраша дали е можно човештвото воопшто да функционира според утилитаристичко начело.