Како заокружување на месец јуни, Лила Мирчевска ни препорачува четири култни (кроз жанровски) филмови чии теми (меѓудругото) ги истражуваат квир идентитетите, различноста, трансформациите, отпорот, слободата и практикување на автентичноста, дури и кога светот се обидува да нѐ контролира, скрие или замолчи.
The Rocky Horror Picture Show (1975)
Режија: Jim Sharman
Времетраење: 1ч. 40мин.
Жанр: комедија, хорор, мјузикл

Хаотично, campy, неверојатно забавно искуство; омаж на сај-фај и ниско-буџетните хорор филмови од 1930–1960-тите, кој го следи заталкувањето на новосвршениот пар Бред (Barry Bostwick) и Џенет (Susan Sarandon) во замокот на д-р Франк Н. Фуртер (Tim Curry) – кросдресер, научник и вонземјанин. Го следиме воведувањето на еден наивен, млад, „здрав и прав” (како што се наречени во филмот) хетеросексуален пар во еден нов свет на различности, необичности, страни задоволства, музика и забава, каде го истражуваат својот квир идентитет. Филмов воодушевува сo безброј нешта – смелиот екстравагантен перформанс на Тим Кари во штикла и шминка, шармот на Сузан Сарандон, костимографијата, кореографијата, песните кои се страшно заразни и гарантирано ќе си ги потпевнувате со недели.
Истовремено, приказната треба да се разгледува и низ критичка призма, бидејќи не доаѓа без проблематични сцени, кои од денешен аспект поради поразвиениот дискурс околу согласноста би биле шокантни. Сепак, треба да се цени за неговата значајност при сексуалното ослободување и себеприфаќање на квир заедницата од 70-тите, нудејќи им место и време за себе-израз и заедничарење. Веќе од 76-та филмот стекнува култен статус и до ден денес е обожаван од фановите, кои на прикажувањата знаат да дојдат облечени како ликовите и дури и да ги пеат и одглумуваат сцените (дури постојат прирачници за „добацки” кои фановите ги извикуваат на одредени сцени од филмот).
Денес, 49 години по својата премиера, “The Rocky Horror Picture Show” го држи рекордот за најдолго прикажуван филм во кино во историјата.
Totally F***ed Up (1993)
Режија: Gregg Araki
Времетраење: 1ч. 18мин.
Жанр: драма

Овој филм е дел од култната трилогија на Грег Араки „Teenage Apocalypse”, која ги сочинува филмовите „Totally F***ed Up” (1993), „The Doom Generation” (1995) и „Nowhere” (1997). Во нешто помалку од час и половина, филмот нè води низ многу случки од секојдневниот живот на едно квир тинејџерско друштво, кое впрочем функционира како своевидно избрано семејство од четири геј момчиња и две лезбејки. Дејството е прикажано низ објективот на Стивен, еден од момците во друштвото, кој ги документира исповедите на своите другар(к)и, нивните желби, грижи, односи, хумор, лутина, омраза и досада и заебаниот премин од адолесценција кон зрелост во свет кој е безнадежен, па како единствена поддршка се имаат еден со друг. Снимањето со рачно камерче (camcorder) дозволува филмот многу органски и од прва рака да го долови андерграундот и пресекот меѓу квир и шугејз/индустријал супкултурите во раните 90-ти како и тешкотиите и предизвиците низ кои минуваат овие деца оставени сами на себе, особено во екот на ХИВ/СИДА и анимозитетот кон хомосексуалците.
Фановите на споменатите супкултури ќе уживаат во богатата дискографија на филмот, кој слично како и другите филмови на Араки опфаќа музика и референци на бендови од редот на Cocteau Twins, The Jesus and Mary Chain, Coil, Ministry, Front 242, Red House Painters, Joy Division, Cabaret Voltaire, Nine Inch Nails и други, како и во модата на ликовите која е автентичен отслик на раните 90-ти и квир постпанкери и индустријалци.
The Vampire Lovers (1970)
Режија: Roy Ward Baker
Времетраење: 1ч. 31мин.
Жанр: хорор/еротски

Must-watch за сите лезбејки готичарки <3 како и за сите обожаватели на Hammer Horror и вампирски тематики. Се работи за една од мноштвото филмски адаптации на готската новела „Кармила” од 1872 година во авторство на Шеридан Ле Фану (26 години пред да биде напишана Брам Стокеровата „Дракула”). Во новелата, вампирката Кармила/Миркала таргетира женски жртви кон кои неретко покажува романтични чувства и гестови, претставувајќи прототип за ликот на женски вампир и на вампир-лезбејка.
Со оглед на тоа колку отворено прикажува квир однос за тој период, „The Vampire Lovers” се смета за прилично храбро дело. Филмот ја следи вампирката Миркала која користи различни имиња и се впушта во блиски односи со своите жртви, кои возвраќаат со истата енергија, заведени од нејзината вонсериска и вонвременска убавина (на феноменалната актерка Ингрид Пит!). Како што девојките-жртви се стекнуваат со необјасниви рани на вратот, ноќни мори и анемија која набргу ги усмртува, ликовите околу нив се обидуваат да одгатнат што ги снашло, сè додека и тие не биваат заведени од Кармила, која ги користи како средства за да дојде до својата крвава цел. Миксот на хорор и женска сензуалност е надополнет со прекрасната сценографија сочинета од замоци и шуми, како и шармот на slightly campy props и раскошни шминка, фризури и костими.
Bound (1996)
Режија: Lana Wachowski, Lilly Wachowski
Времетраење: 1ч. 48мин.
Жанр: трилер, крими, neo-noir

Ова е првиот филм на сестрите Вачауски. Слично како и за хитот од 1999-та „The Matrix”, карактеристично за овој филм се noir атмосферата, брзоплетоста и возбудливоста на настаните, борбата против контролирачките системи, живеењето двоен живот, квир поттекстот и најкул црни кожни јакни. „Bound” ги следи ликовите на Вајолет (Jennifer Tilly), femme fatale која сака да избега од својот дечко-гангстер заедно со пркосната Корки (Gina Gershon), нејзината нова сосетка и бивша криминалка, притоа кроејќи план да украдат два милиони долари од мафијата. Неверојатно задоволство е да се следи авантурата на овие две лезбејки и нивните шеми за да се стекнат со она што ним им припаѓа.
Чувството на заробеност е една од главните тематики во филмот, а клаустрофобијата е сеприсутна: од неможноста ликовите да ги уживаат своите автентични и слободни идентитети, заглавеноста во машинеријата на мафијата, како и фактот дека најголем дел од дејството од филмот се случува во станот на Вајолет или на Корки.
Филмот е препознаен и поради реалистичниот приказ на лезбејски врски, како и за интимните сцени, за кои била ангажирана сексуалната едукаторка Сузи Брајт како координаторка за интимност. Хемијата која ја делат актерките е феноменална, а овој филм ќе ве држи во неизвесност и возбуда сè до крајот.