УТАМА (UTAMA) (2022)
Режисер: Alejandro Loayza Grisi
Улоги: José Calcina, Luisa Quispe, Santos Choque
Времетраење: 87 минути
Земја: Боливија
Жанр: Драма
Опишан како филм за еколошката тага, Утама е филм за животот во боливиски висорамнини, каде еден стар брачен пар тивко се држи до земјата што ги израснала, иако таа веќе одамна престанала да им дава вода. Кога нивниот внук доаѓа на гости нудејќи им опција да заминат и да се преселат во градот, филмот зборува за компромисите на останување таму каде што си бил отсекогаш и напуштањето на познатото и близината до планините и природата.
Филмот покренува прашања за машкоста и издржливоста, и тоа што значи да се биде силен или „добар“ кога нечие тело старее, климата се урива, а достоинството е тесно врзано за тивката упорност. Машкоста овде не се покажува преку доминација, туку преку очекување да се издржи тивко и без споделување на болката, дури и кога преживувањето станува речиси невозможно. Филмот ја одразува реалноста позната во многу делови од светот: тивката суровост на авто-сеницидот, каде што постарите генерации се оставени и подготвени да умрат во отсуство на инфраструктура, грижа или одржливи алтернативи. Покажува како цели животи стануваат потрошни откако ќе излезат од системите на продуктивност и како останувањето блиску до земјата, некогаш извор на идентитет, сега е физички болен компромис. Како што годишните времиња го губат својот ритам и природата станува непријателска, руралниот живот станува форма на отпор што се приближува кон исчезнување.

Момчето што го впрегна ветерот (The Boy Who Harnessed the Wind) (2019)
Режисер: Chiwetel Ejiofor
Улоги: Maxwell Simba, Chiwetel Ejiofor, Lily Banda, Aïssa Maïga
Времетраење: 113 минути
Земја: Малави / Обединето Кралство
Жанр: Драма, Биографија
13-годишно момче во село во Малави погодено од суша користи отпадни материјали за да изгради ветерна турбина и да донесе вода на полињата на неговото семејство и да го спаси селото од суша и глад. Врз основа на вистинска приказна, филмот ја поврзува еколошката несигурност со иновациите на младите, системското занемарување и отпорноста на граѓаните.
Филмот е избран поради јасното и итно прикажување на тоа како класата одредува кој ќе го преживее колапсот на животната средина и како власта и институциите ги напуштаат сиромашните за да направат невозможни избори: или да ја уништат земјата што ги издржува или целосно да го прекинат нивниот однос со неа. Филмот покажува како системската неправда ги заробува семејствата во циклуси на зависност и деградација, каде што пристапот до образование, вода и електрична енергија станува привилегија, а не право. Приказната раскажува за добро познатиот модел на криминализирање на сиромаштијата, за која единствените добредојдени решенија се тие однадвор, никогаш однатре. На тоа е надоврзан погледот на генерациската недоверба, и возрасните обликувани од загуба и лишување од право на глас кои проектираат неверба врз младите, негирајќи им ја имагинацијата, знаење и овластувањето да интервенираат. Машкоста во овој контекст е прикажана како товар, а не како моќ: од татковците се очекува да се грижат за семејствата кога секој ресурс е одземен. На тој начин, филмот прашува што значи напредок кога децата се принудени да го носат товарот на пронајдокот и дали традиционалните структури (семејни, економски и културни) се способни за трансформација или едноставно го репродуцираат опстанокот по цена на промената.

Коста Брава, Либан (Costa Brava, Lebanon) (2021)
Режисер: Mounia Akl
Улоги: Nadine Labaki, Saleh Bakri, Yumna Marwan, Nadia Charbel
Времетраење: 106 минути
Земја: Либан
Жанр: Драма
Семејство кое избегало од еколошкиот и политички колапс на Бејрут и се повлекло скоро цела декада за да живее во самоодржлив дом во планините, открива дека наскоро веднаш до нив се планира да се направи нов владин проект за депонија. Филмот ја критикува државната корупција преку мешавина од темна сатира и интимна семејна драма.
Филмот поставува суштинското прашање: дали некој може навистина да се изолира од општеството и неговите проблеми кога токму тие проблеми неизбежно ќе пристигнат на нашиот праг, само преобликувани и ребрендирани како напредок. Семејството во центарот на приказната претставува генерација исцрпена од активизмот и низ перспективата на двајца родители, поранешни активисти, оптоварени со минат отпор и траума, филмот ја испитува цената на изолацијата и емоционалниот данок од обидот да се заштитат најблиските преку повлекување. Нивниот живот позади оградата изгледа утописки, се’ до упадот на владина депонија на нивното земјиште кое ја открива кревката илузија за безбедност во повлекувањето и залудноста на бегството кога структурното насилство се адаптира и се шири. Филмот се занимава со етичката дилема: дали е подобро семејството повторно да се вклучат во градскиот живот и отпорот, знаејќи ги ризиците, или тивко да избледат, буквално отруени од токсичниот воздух и горењето на отпадот, од истите системи против кои некогаш се бореле.

Траг (Spoor) (2017)
Режисери: Agnieszka Holland, Kasia Adamik
Улоги: Agnieszka Mandat, Wiktor Zborowski, Jakub Gierszal, Dobra Nowina
Времетраење: 128 минути
Земја: Полска
Жанр: Трилер, Драма, Мистерија
Во маглива рурална погранична област во Полска, пензионирана жена започнува сопствена истрага за серија убиства поврзани со нелегален лов и еколошка злоупотреба. Спојувајќи ги правата на животните, паганскиот мистицизам и еко-феминистичкиот бес, филмот е и политички трилер и повик за правда во дивината, цврсто закотвен во жанрот на еко-тагата, каде што саботажата станува алатка за отпор против еколошкото и патријархалното насилство.
Филмот намерно го исмејува и дестабилизира авторитетот на оние кои спроведуваат насилство, додека бараат легитимитет, поставувајќи тешки прашања за тоа кој се смета за способен да преземе акција, да изврши насилство, да преживее загуба или да биде сфатен сериозно. Врз основа на Терај си го плугот по коските на мртвите од Олга Токарчук, филмот остро го критикува начинот на кој локалните институции го спроведуваат и толкуваат законот и традицијата на начини што им служат на сопствената суровост, штитејќи ги актите на еколошка и патријархална бруталност под маската на редот. Преку протагонистката, стара и ексцентрична жена отфрлена како нестабилна, сведочиме како моќта селективно се распределува и како знаењето често се замолчува. Силата на филмот лежи во тоа што покажува дека правдата не секогаш доаѓа преку прифатени канали, туку може да произлезе од дивината, од оние кои немаат што повеќе да изгубат и од длабокото одбивање да се одвои природата од моралот.
