За Денот на младоста – филмови за млади луѓе, односно „young adults“ на југословенски начин; станува збор за фиктивни приказни за одложеното созревање и дилемите кои ги носи, со фокус на помалку познати филмови на пошироката јавност. Филмовите се од три различни творечки децении, жанровски меандрираат (и меѓусебно, и во рамки на самите себе) од разиграна љубовна драма, преку поетски модернизам, до смели и духовити политички провокации.
Клаксон (Воислав Кокан Ракоњац, 1956)
Цел филм: https://youtu.be/g6vkWXvWSM4
Во дилема дали на оваа кратка листа да го ставам овој или филмот Немирни, кој Кокан Ракоњац го сними во наредната деценија, сепак се одлучувам за филмот што го познава далеку помал број публика, а кој претставува мрачен, сонишно стилизиран вовед во Црниот бран. Четворица млади луѓе го поминуваат времето во низа бесцелни активности во неименуван планинарски дом, а филмот со својата визуелна архитектура потсетува на Антониони, додека со внимателните композиции и меѓучовечки односи може да се смести и во некоја шведска дрвена колиба од светот на Бергман. Еротичното безделничење и расеаност, облеани со отуѓеност, се присутни со висок интензитет – барем додека трае ова кратко бегство во природа.

Како се сакаа Ромео и Јулија (Јован Живановиќ, 1966)
Цел филм: https://youtu.be/ZkAlAIG8JSw
Филм за љубовта и осаменоста на неколку млади парови се движи низ привлечните топоними на Југославија, која дури тогаш почнува да станува туристичка дестинација – од полињата со лаванда до куше-коли, од белградските улици до жешките камења на приморските градови. Смелоста во дијалозите, нежната палета на бои и неочекувано очигледната страст меѓу главните јунаци го прават овој филм интелигентно предизвикување на сè што е премолчено зад двокрилните врати на граѓанските салони. Темпото и визуелниот стил потсетуваат на тематски сродни наслови од француското крајбрежје, иако Живановиќ како автор е многу подиректен, а неговите хероини и тука јасно се прашуваат за своите позиции и желби, особено замислени над перформативните колективни гозби.

Понеделник или вторник (Ватрослав Мимица, 1966)
Цел филм: https://youtu.be/UXdL_rwRRNQ
Во колоритното и атмосферично претопување на неколку хронологии, формално склопен околу еден обичен ден, овој егзистенцијалистички филм ритмично ја прикажува сета внатрешна и надворешна слоевитост на главниот лик. Визуелни судири на интроспекција, насилство и еротика, во поетски вртлози, сведочат за траума, товарот на сеќавањето и живеењето на неколку вообичаени животни улоги. Некои секвенци, речиси на работ на експериментот, особено се успешни во вовлекувањето на публиката во имагинарни или урбани пејзажи. На крајот, и не е толку важно: понеделник или вторник, сега или некогаш, фикција или реалност.


Куд пукло да пукло (Рајко Грлиќ, 1974)
Инсерт: https://youtu.be/Yxaz-Smwifg
Првиот долгометражен филм на Рајко Грлиќ го отвора неговиот препознатлив свет на добронамерен, иако малку „валкан“ хумор насочен кон лицемерните општествени протоколи. Главниот јунак е млад човек кој, неспособен да најде пристојно платена работа, свечено и јавно се откажува од секој обид да се вработи, а во тоа го следи снимателска екипа на задача. Неконвенционален, претеран, наративно разигран, ова е политички мета-филм, извонредно свеж за времето кога се појавил, бидејќи претставува истражување на вредностите и конформизмот на младината токму низ призмата на еден многу млад автор.
