ОГНОМЕТ / ЧУДНОСТ НА ЉУБОВТА (FIREWORKS / STRANIZZA D’AMURI) (2023)
Режисер: Џузепе Фјорело
Улоги: Габриеле Пицуро, Самуеле Сегрето, Симона Малато, Фабрициа Саки
Времетраење: 134 мин.
Земја: Италија
Жанр: романса, драма

Џани е жртва на вербално, физичко и сексуално малтретирање кој успева да побегне од насилната средина. Бегајќи на мопед, се удира во друг мопед, оној на шеснаесетгодишниот Нино, кој се враќа од лов со неговото семејство. Следниот ден, Џани оди да се извини за незгодата, а Алфредо, таткото на Нино, го поканува да остане на ручек. Џани, способно момче, се вработува во каменоломот на вујкото на Нино. Џани и Нино стануваат сè поблиски, а нивното пријателство полека прераснува во романтична врска. По серија несреќни настани, двајцата тинејџери се среќаваат на нивното тајно место за последен пат.
Базиран на вистински настан, филмот ја отсликува Сицилија од 80-тите години на XX век. Во земја со традиционални семејни вредности, не изненадува бруталното искуство со кое ќе се соочат двете момчиња. Нино, во обид да ги стивне гласините за неговата врска со Џани, зборува наоколу како геј луѓето се одвратни и покрај тоа што и тој самиот е геј. Интернализираната хомофобија, а воедно и стравот да се биде јавно геј, ги присилува ликовите да се омаловажуваат себеси, што е честа ситуација за многу припадници на ЛГБТИК+ заедницата и во реалниот свет. Секако, недостатокот на емпатија од страна на семејствата и блиските – убедени дека хомосексуалноста е болест што ја валка сликата на едно семејство – придонесува за уште поголемо страдање. Во една таква сурова средина, протагонистите го бараат спасот еден во друг.
ИМЕТО ВРЕЖАНО ВО ТВОЕТО СРЦЕ (刻在你心底的名字 / YOUR NAME ENGRAVED HEREIN) (2020)
Режисер: Патрик Куанг-Хуи Лиу
Улоги: Едвард Чен, Ценг Џинг-Хуа, Леон Даи
Времетраење: 114 мин.
Земја: Тајван
Жанр: романса, драма

По стивнувањето на воената состојба во Тајван, во 1987 година, Брди (Birdy) се запишува во едно католичко средно училиште, наменето само за мажи. Таму се запознава со А-Хан, и набрзо стануваат блиски пријатели. И двајцата дел од училишниот бенд, протагонистите споделуваат интимни погледи за време на музичките изведби и ја преминуваат границата на едно обично пријателство. Водачот на бендот, воедно и свештеник, ги охрабрува учениците да живеат во моментот, а тоа, следствено, ги поттикнува протагонистите да го продлабочат нивниот однос. Меѓутоа, со воведувањето на коедукацијата, односно, мешани паралелки, Брди (Birdy) навидум се вљубува во една соученичка. Откако врската помеѓу двете момчиња ќе се искомплицира поради нивните многубројни караници, тие се оддалечуваат, станувајќи безмалку странци.
Социјалната стигма по којзнае кој пат е пречка во остварувањето на љубовта помеѓу две квир личности. Протагонистите, и покрај тоа што се сигурни дека љубовта им е возвратена, не се осмелуваат да дејствуваат, од страв дека ќе бидат прогонети од општеството. Си дозволуваат моменти на интимност само кога се наоѓаат во затворена просторија, или кога се сигурни дека нема никој околу нив. Филмот дополнително го тематизира и односот на католичката вера кон квир заедницата. Истиот свештеник кој ги поттикнува учениците да живеат во моментот, остро го критикува самото постоење на квир луѓето. Брди (Birdy) го наоѓа излезот од нелагодната ситуација, „вљубувајќи“ се во девојка, а тоа го прави од очај да биде прифатен.
Базиран на вистинска случка од животот на режисерот, филмот ги поттикнува гледачите да размислат околу тоа што би било кога… главните ликови не би биле обрзани да следат општествени норми што ги угнетуваат – реалност за многу квир лица до ден денес.
ДА СИ ГО ЧУВАШ ДОСТОИНСТВОТО (SAVING FACE) (2004)
Режисерка: Елис Ву
Улоги: Мишел Крусиек, Џоун Чен, Лин Чен
Времетраење: 91 мин.
Земја: САД
Жанр: Романтична драма, комедија

Вил (Вилхелмина) е успешна млада хирургиња која е принудена да живее со нејзината мајка вдовица, Хуеи-Лан, избркана од домот на родителите откако откриваат дека е бремена на 48 години. За време на една забава во ресторанот „Планет Чајна“, Вил, додека танцува незаинтересирано со двајца мажи, ја забележува Вивиен, модерна танчерка, и практично веднаш се вљубува во неа. Додека мистеријата околу тоа кој е таткото на нероденото бебе се продлабочува, Вил и Вивиен започнуваат тајна врска, чијашто судбина лежи во прашањето дали Вил е подготвена да се аутира.
Настраноста и феминизмот се тесно испреплетени. Во овој филм гледаме како двете хероини, во различни сфери, имаат еден ист непријател – патријархатот. Од една страна ја имаме Хуеи-Лан, убедена дека е предоцна да има дете и е омаловажувана во текот на целиот филм од татка си, кој несомнено верува дека единствениот спас за неа е да се премажи. Од друга страна ја имаме Вил, лезбејка, свесна и преплашена од тоа колку е табу да се биде квир лице во едно конзервативно семејство. Вил осцилира помеѓу стравот од последиците што би следеле поради имањето на истополова партнерка во едно традиционално кинеско семејство, и силната љубов што ја чувствува за неа. Стравот дека ќе ја расипат сликата на нивното семејство ако излезат на виделина нивните тајни ги следи постојано за време на дејствието. Сепак, на крајот, и мајката и ќерката нема да им се препуштат на туѓите очекувања и ќе се обидат да ја зграпчат судбината во сопствените раце, служејќи си како поткрепа една на друга.