(сцена од „Жута“ (1973), реж. Владимир Тадеј)
Како симболично заокружување на годината, дел од авторките на Медуза ги споделија филмовите што им оставиле најсилен впечаток годинава:

Дамјана Видическа: „Ама јас сум мажоретка“ (1999), реж. Џејми Бабит [комедија / романса]
But, I’m a Cheerleader е шарен campy лезбејски филм што истовремено го нагласува трапавиот перформанс на хетеросексуалноста. Хуморот е одличен. 👯♀️ Квир филм за квир жени ahead of its time.

Александра Спасеска: „Предизвикувачи“ (2024), реж. Лука Гвадањино [спорт / драма]
Challengers е возбудлива, интимна приказна во која се испреплетени љубовта, конкуренцијата и личната амбиција. Филмот е љубовен триаголник поставен во светот на професионалниот тенис, во кој Зендаја глуми некогаш амбициозно тениско чудо од дете, а потоа станува тренер. Таа го подготвува својот сопруг Арт (Мајк Фаист) за турнир. Без да знаат, турнирот ги доведува лице в лице со Патрик (Џош О’Конор), нејзин поранешен љубовник и поранешен најдобар пријател на Арт.
Она што го издвојува Challengers е истражувањето на сложената динамика на моќ во односите, љубовта, предавството и помирувањето, прикажувајќи го секој лик со нијанси и ранливост. Изведбите имаат магнетска привлечност, а на Зендаја ова ѝ е една од најдобрите улоги досега. Го игра ликот со повеќеслоен интензитет – амбициозна и силна, но истовремено повредена од трауми. Хемијата помеѓу трите главни лика е опиплива, поттикнувајќи ја сложената емоционална мрежа што е во срцето на приказната.

Лени Фрчкоска: „Incendies“ (2010), реж. Денис Виленев [воена драма / трилер]

Душица Лазова: „Домаќинство за почетници“ (2023), реж. Горан Столевски [драма / комедија]
„Домаќинство за почетници“ (Housekeeping for Beginners) е најновиот филм на македонскиот режисер Горан Столевски кој го следи секојдневието на едно неконвенционално, делумно дадено, делумно избрано семејство и предизвиците на градењето заедништво и меѓусебна доверба по една трагедија.
Ова е приказна за квир семејство, но настраноста во филмот е далеку од само и првенствено сексуална. Столевски на настраноста ѝ приоѓа интерсекциски, прикажувајќи ги слоевите на дискриминација со кои се соочуваат ликовите поради нивното застранување од општествено прифатените и привилегирани идентитетски позиции и начини на живеење, сакање и создавање заедници – од етничка припадност и родова експресија до сексуална ориентација и класна поставеност.
Според мене, филмот нѐ води низ една квир утопија, ако под утопија подразбираме активно полагање надеж во иднината преку градење на можни светови, каде сонувањето не ги исклучува ограничувањата на реалниот свет туку сонува низ нив, каде општествените „отпадници“ тврдоглаво градат свои прибежишта и инсистираат на чувствување радост со цел да одбијат да бидат дефинирани од општествената позиција во систем кој не ги препознава.
Истовремено, филмот е повик кон општеството да се отвори за широките и разновидни форми на заедничарање вон бракот и традиционалното семејство како единствен институционално признаен облик на грижа и заедничко живеење.

Елена Кузмановска: „Bottoms“ (2023), реж. Ема Селигман [комедија]
Како љубител на комедии, во последно време навистина ми е тешко да најдам филм којшто ќе ми предизвика саат и пол константно смешкање и искрено уживање. Па, кога дознав за Bottoms, апсурдна лезбејска комедија, инспирирана од хуморот на тин комедиите од 2000-тите, решив да му дадам шанса и дефинитивно не ме разочара.
Џози и Пи Џеј се две средношколки, т.н. „лузер лезбејки“ кои се затрескани во две од најпопуларните девојки во нивното училиште. Во безобразен, импулсивен и недоволно испланиран обид да ги придобијат, тие започнуваат боречки клуб (како тој со Брет Пит – со многу крв и тепање, само без некоја голема морална порака и апсолутно никаква доза на сериозност), претставувајќи се како женска феминистичка група за самоодбрана зајакнување на девојките во училиштето. Еден незлонамерен трач и чуден склоп на околности, ги обележува девојките како опасни деликвенти, а тие тоа го користат во нивна полза. Клубот бргу и тотално ненамерно станува важен дел од животот на девојките коишто припаѓаат во него. Но, колку ќе трае еден ваков налудничав план изграден врз лаги?
Амбиентот на филмот е ексцентричен и постојано свесен за неговата апсурдност. Дијалогот е полн со евтини шеги, кои Селигман вешто ги користи да потчепнува теми кои се табу, па преку хуморот таа ги сведува тие прашања на едно незначајно ниво. Филмот не пробува да биде сентециозен, но сепак е присутен еден суптилен поттекст, што реално ја прикажува сликата на општеството, родот, сексуалноста и суровата вистина дека луѓето (особено квир средношколките) честопати се себични и несовршени, но токму тоа ги прави вистински и комплетно нормални.

Вики Младенова: „Пијаното“ (1993), реж. Џејн Кемпион [драма / романса]
‘He chopped it off’ е една филмска реплика, што за жал (веројатно и некоја морбидна среќа – да се отвориш и останеш отворена кон состојбите на човечното бивство) ќе ја паметам засекогаш, а се сеќавам веќе долго, од некое недатирано детство кога првпат го гледав The Piano. Накратко, глувонемата мајка останува без прст, во сведоштво на со крв-по-лице-испрсканото мало девојче, нивна ќерка, а по повод љубовта што се наоѓа не во домот, туку во блиска колиба. Летната спарина и нестабилната географија на мојот живот, оваа чудесно 2024-то лето, ме натераа пак да го изгледам овој филм. Таков кој носи доволно солиден наслов за да го избројам во моите омилени три.
Тоа што, на вознемирувачки настојчив и непроменет начин, од тогаш и тоа сфумато-детство, кога го гледав првпат, до денес ме предизвикува во врска со овој филм е: како ниту една материјална и секаква друга повреда не може да се спротивствави на космолошките поврзувања што ги овозможува сакањето некого. Отсечениот прст добива метална протеза, и удирањето по дирките на пијаното повеќе тинчи, нотите се здобиваат со персонална содржина но никогаш не го губат потенцијалот на звукот што се лепи по некои ѕидови, на нејасни куќи, што се хармонизираат со статусот на дом само заради космолошките поврзувања, а не заради позицијата на посилниот.

Калиа Димитрова: „Злобница“ (2024), реж. Џон М. Чу [мјузикл / фантазија]
Последниот филм што го гледав оваа година и беше сѐ што очекував: екцентричен хумор, лудница костимографија и сценографија и прекрасна пријателска комплементарност на моќните вокали на Ариана Гранде и Синтија Ериво. Магнетната хемија меѓу актерките ја прави приказната за борбата помеѓу комформизмот и радикалната автентичност и солидарност блиска, игрива и приемчива, за големи и мали. (Да се гледа во кино!)

Анастасија Марковска: „Анатомија на еден пад“ (2023), реж. Џастин Триет [драма / трилер]
Грација Атанасовска: „La Chimera“ (2023), реж. Аличе Рорвахер [авантура / комедија]
Приказната за Артуро, романтичарот-ограбувач на етрурски гробници со скршено срце кој е во потрага по загубената љубов Бенјамина, успева да обедини приказна за цела една заедница гледана низ призмата на класата, на исцрпувачката идеологија на капитализмот, и она „неупотребливото” или „одвишното” што лежи зад неа – амбивалентноста, сонот, љубовта, убавината, загубата.
Универзумот на Рорвахер е исполнет со луѓе кои се движат низ мистерии. Во Ла химера, сегашноста и минатото се чудесно испреплетени, а световите на живите и мртвите меѓусебно си влијаат.
И токму затоа го сакам овој филм. Неговите апсурдни и чудесни елементи се чинат неодделни од нашиот стварен (буден) живот. На жанровско ниво ова е постигнато преку наивноста на магичниот реализам, а убедливоста токму на ниво на техника, преку снимањето на 16мм и 35мм филм, што му дава една едноставна материјалност на целото доживување на филмот.

Мања Величковска: „Жан Дилман, трговски кеј 23, 1080 Брисел“ (1975), реж. Шантал Акерман [драма]
„Жан Дилман, трговски кеј 23, 1080 Брисел“ (Jeanne Dielman, 23 quai du Commerce, 1080 Bruxelles) од Шантал Акерман е култен класик од 1975 кој прикажува три денови од животот на Дилман, самохрана мајка, домаќинка и сексуална работничка, задушена од монотонијата на домашната работа и кревкоста на секојдневното постоење, сведено на преживување.
Зошто жената пободу не може да е радосна? – е можеби клучното прашање што било од интерес за Шантал, толку генијална во приказот на теророт од механизираното и хипердетерминирано време на Дилман. На многу едноставен начин филмот успева да ја долови историската женска истрошеност од злоупотребата на нејзиниот невидлив труд кој оди во одгледување и издржување на површно интелектуализираните и лишени од одговорност – мажи, во животите на жените. Наспроти тоа, многу вешто и суптилно се потсмева со претпоставените тесногради и морализаторски претстави за сексуалната работа, за изгледот на овие работнички или нивната економска реалност.
Нема, верувам, поефективна филмска тегоба од таа сочинета во долгото и уморно лупење на компири и краткиот, но субверзивен, прекин на задачата од страна на Дилман, која дури и пристрасните гледачи – очекуваат таа, умно, да си ја заврши.
