“If Lucy Fell” (1996)
Кристина Атанасова: “If Lucy Fell” (1996), реж. Ерик Шефер [комедија / романса]
Двајца пријатели, Џо (Eric Schaeffer) и Луси (Sarah Jessica Parker), склучуваат договор: ако за 28 дена не најдат некого со кого би имале интимна врска што би водела кон брак, ќе скокнат од мост. Зошто да чекаат 28 дена? Зошто не веднаш, кога нивните успешни кариери, космополитскиот живот во Њујорк, секси станот што го делат, топлата пријателска релација и постојаните животни можности очигледно не се доволни за да се сака сопствениот живот?
Одговорот е банален, но и неподносливо човечки: затоа што овие невротични интелектуалци со самопонижувачки хумор сѐ уште имаат надеж. Надеж дека ќе најдат некого со кого нема само да живеат, туку ќе ја споделуваат и поднесуваат заедничката невроза. А тоа е речиси субверзивно денес, во култура што го слави автономниот поединец додека тивко го остава сам.
Со ова сакам да ја завршам 2025 и да ја започнам 2026: со надеж дека секое наше одбројување ќе заврши со климакс, но и со повик да почнеме да ги забележуваме нештата што ни се пред нос. И со надеж дека нашите немирни умови сѐ уште ќе трагаат по архаичното чувство да му припаѓаш некому. „Дали веруваш во голема љубов?“, Џо (Eric Schaeffer) ѝ го поставува здодевното филмско прашање на Џејн (Elle Macpherson).
Топло го препорачувам овој филм, особено ако ви недостига да ја гледате Сара Џесика Паркер, овојпат во ликот на Луси, како размислува за врските. И покрај рејтингот од 4.9 на IMDb. 😇

Дарко Алексовски: “Nouvelle Vague” (2025), реж. Ричард Линклејтер [комедија / романса]

Мања Величковска: “Bird” (2024), реж. Андреа Арнолд [драма / coming-of-age / магичен реализам]

Дамјана Видическа: “In the Mood for Love” (2001), реж. Вонг Кар-Ваи [драма / романса]
Сара Миленковска: “Sorry Baby” (2025), реж. Ева Виктор [драма / комедија]
Го препорачувам Sorry Baby затоа што е приказна за тоа како заздравувањето никогаш не е линеарно, онака како што си фантазираме, ниту пак е финално. Како е истовремено и лично, ама и колективно искуство. Филмот е за траума, ама и не е само за траума. Повеќе е за тагата што доаѓа со тоа што ни се случило, со тоа што им се случува на преживеаните.
И искрено, во сета оваа наша булшит работа каде што постојано зборуваме за „survivor-centered approach“, користиме фенси зборови и терминологија за да објасниме како луѓето поминуваат низ насилство – мислам дека овој филм го фаќа тоа многу подлабоко и почесно од рамките што ние самите си ги ставаме кога зборуваме за овие теми.
За мене, филмот беше чувство дека сум видена и разбрана, без да мора да ги имам вистинските зборови. А мислам дека токму тоа е тагата и справувањето со траумата понекогаш – нешто што не знаеш да го именуваш. И на некој апсурден начин, иако сум човек што мисли дека работите треба да се директни и јасни, стварно ми се допадна што насилството не беше прикажано директно на екран, туку се случуваше некаде „помеѓу“. Ама затоа чувствата беа обработени многу подлабоко. Најпосле, филмот искрено доловува колку се важни пријател(к)ите и луѓето околу нас во процесот на заздравување, но и нашиот сопствен агенс.

Јана Наскова: “The Band’s Visit” (2007), реж. Еран Колирин [комедија / романса]
Филмот е поставен околу една класична драмска стапица, да позајмиме израз од Горан Стефановски, каде египетски полициски оркестар останува заглавен во изолирано израелско село среде пустина откога фаќаат погрешен автобус.
Дејствието се одвива во 80-тите, време кога на израелските ТВ канали оделе египетски сапуници кои сите едвај чекале да ги гледаат. Филмот обработува алтернативни модуси на постоење, отварајќи ја можноста за соживот помеѓу оние кои инаку би требало да бидат крвни непријатели и ја обелоденува конструираноста на омразата што ги храни децениските арапско-израелски тензии и конфликти (кои се, секако, потпалувани од САД).
Кога полицискиот оркестар пристигнува во погрешното израелското село, диригентот/командант ја прашува Дина, (Израелка), првиот човек кој го сретнуваат во селото, каде е арапскиот културен центар каде што тие имаат закажано настап. Дина одговара: „Арапска култура… како да ви кажам… па, за нас, тоа воопшто не е култура, а?“ Сепак, таа ги прима членовите на оркестарот да преспијат во нејзиниот дом, и ги нагостува во својот ресторан.
Жителите на пустинското село и полицискиот оркестар лебдат во меурче на соживот (кое не е ни малку неискрено), но тоа пука штом ќе си го најдат „правиот“ пат кон ,,точната’’ дестинација.

Ивана Јовановска: “El 47” (2007), реж. Марсел Барена [историја / драма / активизам]
Веројатно еден од најдобрите филмови што некогаш сум ги гледала. Класни прашања, привилегии, секојдневната борба за достоинствен живот и болката, преку сликата на Каталонија и шпанското општество и динамики околу 1970-тите. Приказна за шоферот на автобус и активист Маноло Витал, кој на жителите на населбата Torre Baró во Барселона – коишто едвај се качувале и стигнувале до своите домови – им ја овозможил првата автобуска линија.
Зошто е ова важно? Затоа што населбата во која претежно живеат работници од јужните делови на Шпанија кои поради огромна сиромаштија се селат во Каталонија или Баскија во доцните 70-ти биле длабоко системски дискриминирани и изолирани од општествениот живот во Шпанија. Затоа што со години биле третирани како граѓани од трет ред, како да немаат право да се таму и да живеат, како нивното доселување да е срам за општеството. Болката на луѓето на маргините на шпанското општество, на работниците, на борбата за градење заедница – овде се одлично прикажани.
Додека живеев во Каталонија го слушав често името на населбата, но не знаев ништо повеќе. Оттаму, контекстот и значењето на Маноло Витал и заедницата ми станаа уште поважни. Активистот кој еден ден практично го киднапирал автобусот број 47 и за првпат го возел до населбата за да покаже дека и покрај лошата инфраструктура превоз за сите мора да има, не само што ме потсетува дека системските неправди се поблиску одошто мислиме, туку и дека мораме пркосно да делуваме против нив. По неговата акција, ништо не останало исто за граѓаните. Го свртел фокусот кон инвестирањето во овој дел од Барселона, кон потребите на жителите и критички покажал колку се длабоки нееднаквостите на системот. Прекрасен и важен филм кој на одличен визуелен начин ни ги покажува односите на моќ, класната подвоеност и бунтот во шпанското општество од еден конкретен период, кои треба да се следат и анализираат и денес.

Грација Атанасовска: „Соништа” (Drømmer, 2025), реж. Даг Јохан Хаугеруд [драма]
Филмот Соништа, е дел од трилогијата Секс, Соништа, Љубов на Даг Јохан Хаугеруд, норвешки режисер, кој на еден многу топол, на моменти дури и идеалистичен начин, се бави со прашањата и маките на човечките релации – љубовни, пријателски, и сѐ што се наоѓа помеѓу.
На љубопитните, би им ја препорачала целата трилогија, бидејќи секоја доловува различен аспект од овие прашања: Секс зборува за заплетканоста на сексуалната желба, Љубов зборува за тешкотијата на дефинирањето на односите, а Соништа за првото вљубување и светот кој се отвора на непредвидливи начини за време на и по тоа чудесно искуство. Тука го издвојувам Соништа бидејќи е една навидум едноставна приказна – тинејџерка се вљубува во својата професорка – која многу вешто ги допира прашањата на желбата како продуктивна сила (Делез и Гатари) и како потрага по знаење (Платон и Ен Карсон).
Филмот се интересира за тоа што љубовта, вљубувањето го прави, како дезориентира, како го носи субјектот отаде сопствените граници, до некој нов праг на себството, поради што таа/тој/тие се впуштаат во потрага по нов јазик, во процес на создавање приказна која би им го објаснила искуството низ кое минуваат. Вљубениот субјект сфаќа дека не е целосен и никогаш не може да биде, дека нешто секогаш ќе го надминува. Нашата позната стварност засекогаш е напукната, и единствен начин да се справиме со тој расцеп е да трагаме понатаму.
Силата и движењето на желбата поттикнуваат мислење, зборување и раскажување (нарација). Затоа и ликовите во филмот постојано зборуваат. Многу ми се допадна и констелацијата на односи која се прикажува меѓу членовите на семејството на вљубената девојка. Постои едно меѓугенерациско, феминистичко разбирање за чудесноста и комплексноста на интимните релации, хероината наоѓа многу разбирање за ситуацијата во која се наоѓа од нејзината мајка и баба, кои без осуда ја пречекуваат нејзината новооткриена сексуалност и ја охрабруваат желбата за откривање на нејзината приказна.
Доколку би морала да го опишам овој филм со една реченица, би рекла: вљубувањето сите нѐ прави раскажувачи.
