Режија: Agnès Varda
Глумат: Thérèse Liotard, Mona Mairesse
Времетраење: 120’
Земја: Франција
Жанр: драма, мјузикл
„Едната пее, другата не“ (1977) – дело кое француската режисерка Агнес Варда го посвети на „сите женски движења и групи“ – се занимава со борбата за поголема женска застапеност во 1960-тите, на релација Париз-Иран. Филмот во фокус ги става животите на две девојчиња, Полин и Сузана, додека тие се борат да го пронајдат својот глас и да заземат простор отаде оној во кој се заробени од страна на свет доминиран од мажи.
Во Париз во 1960-тите, амбициозната пејачка Полин се спријателува со бремената Сузана. Полин ѝ позајмува пари за абортус, но тие бргу се разделуваат како резултат на една трагедија. Една деценија подоцна, тие повторно се поврзуваат и си ветуваат дека ќе останат во контакт преку разгледници, раскажувајќи за нивните животи трансформирани од движењето за ослободување на жените.
Во филмот, Варда се залага за репродуктивните права на жените и правото на професионална исполнетост надвор од домаќинството – точки на загриженост за вториот феминистички бран што продолжуваат да бидат важни и денес. Смелото непочитување на наметнатите правила и разиграната музичка форма го прават „Едната пее, другата не“ неповторливо филмско искуство за современата публика, како и пораката што ја праќа до жените да инсистираат на неограниченото самоизразување по каков било неконвенционален пат.