Режија: Darin J. Sallam
Глумат: Karam Taher, Ashraf Barhom
Времетраење: 92’
Земја: Јордан
Жанр: историска драма
Во солидарност со палестинскиот народ, филмските предлози што следат ги насочуваме кон славење и воздигање на палестинскиот живот и култура сред нивно бесрамно, насилно и масивно бришење.
Сместена во 1948 година, филмот „Фарха“ дава женско лице на Никба (Денот на големата катастрофа, со кој се одбележува масовниот прогон на Палестинците при основањето на Државата Израел во 1948 година). Филмот прикажува трагедија од навидум мали размери со оглед на обемот на насилството со кое се соочува палестинскиот народ надвор од малата просторија за складирање, но токму таму лежи моќта на оваа (вистинска) приказна, преточена во филм од авторката и режисерка од Јордан, Дарин Џеј Салам.
Фарха (Карам Тахер) е храбра 14 годишна девојка кој се бори против родовите традиции во селото во кое живее. Таа го моли нејзиниот татко (Ашраф Бархом), да ја пушти да оди на училиште во градот со нејзината најдобра пријателка, Фарида (Тала Гамох). Таткото на крајот прифаќа, но соништата на Фарха набргу се уништени како што започнува војната.
Изборот на Салам да ја ограничи перспективата на филмот на тој мал магацин е брилијантен – на некој начин, тој го претставува глобалниот наратив поврзан со Палестина. Станува збор за една ограничена перспектива, испрекинато и некохерентно знаење, како резултат на историската цензура, изгубени и уништени записи и едвај раскажани орални приказни од малкуте претци кои преживеале. Истовремено, филмот верно ја доловува болката поврзана со брутално одземеното детство и дом.
Фарха е достапен за гледање на Нетфликс.