Режија: James Mangold
Улоги: Winona Ryder, Angelina Jolie, Brittany Murphy, Elisabeth Moss, Clea DuVall
Земја: САД
Жанр: Психолошка драма
Времетраење: 127’
„Girl, interrupted“(1999) е филм базиран на истоимениот мемоар на авторката Сузана Каусен. Приказната е сместена во променливиот свет од доцните 1960-ти, а во фокусот е 18 годишната Сузана (Винона Рајдер), која откако пробува да си го одземе животот, се наоѓа во позната ментална институција за млади жени. Дејството на филмот го водат комплексните релации кои ги оформуваат жените во институцијата, но и централната дилема на главниот лик: изборот помеѓу светот на жените отпаднички како Лиса (Анџелина Џоли), или акомодација кон правилата на светот надвор. Тоа што е специфично за начинот на кој филмот се занимава со менталните растројства е што го носи родот како клучен фактор, додека го проблематизира концептот на дијагностицирање и го поставува прашањето: кој има авторитет да диктира што е нормално или социјално прифатливо однесување?
Иако филмот беше подложен на критика во однос на третманот на мемоарот на кој е базиран, како и во поглед на проблематичното портретирање на различните ментални проблеми и следствено на ликовите, сепак останува да биде култна приказна која, меѓудругото, зборува и за автентичноста на женските врски и пријателства, кои во дадени околности, знаат да спасуваат животи.