препорачува: Ема Вељаноска, визуелна уметница
Наслов: Висока Верност / High Fidelity
Режија: Стивен Фрирс
Играат: Џон Кјусак, Лиза Боне, Џек Блек, Ибен Хјеле
Земја: САД
Времетраење: 1ч. 53мин.
Жанр: Комедија / Романса
Филмската адаптација на романот на Ник Хорнби за емоционалната незрелост, неуспешните врски и опсесивното правење листи (нешто што, како љубител на листи, ми носи посебно задоволство) носи мрачен хумор и претставува една од најдобрите улоги на Џон Кјусак.
Приказната го следи Роб Гордон, кој се обидува да се справи со раскинувањето додека го живее својот (и мојот) личен сон – поседува продавница за плочи, слуша музика и прави листи на топ 5 омилени нешта.
Преку прераскажувањето на „топ 5 најлоши раскинувања“, го гледаме како минува низ процес на самоспознавање, преиспитувајќи ги своите минати врски и грешките што ги направил.
Еден аспект во кој и лично се пронаоѓам е мајсторството на Роб во правење микс-плејлисти – користејќи „туѓа поезија“ за да ги изрази своите чувства. Во еден момент, по кратка авантура со ликот на Лиза Боне, размислува за своето верување дека она што е важно е што ти се допаѓа, а не дали ти си допадлив (what really matters is what you like, not what you are like), но, низ наративот тој ја осознава спротивноста на ова верување.
Внатрешниот монолог на Роб нуди интимен увид во неговите мотиви, откривајќи човек кој е себичен и често сексистички настроен, постојано екстернализирајќи ги одговорите за своите неуспеси. Иако постојано се жали како работите тргнале наопаку во неговиот живот, јасно е дека тој има проблем да се поврзе со жените кои најчесто ги објективизира, барајќи ја „идеалната“ партнерка. Неговата опсесија со музика дополнително го потхранува неговото чувство на супериорност, заслепувајќи го во потрагата по самосвест.
Адаптацијата на High Fidelity носи со себе одреден шарм, но кога се гледа низ феминистичка призма (дури јас би рекла човечка призма), веднаш станува јасно дека приказната се врти околу еден несовршен машки лик, додека женските ликови се претставени на крајно дводимензионален начин, со што единствено го поддржуваат неговото патување и ги потврдуваат неговите погрешни убедувања дека тој е центарот на приказната. Овој пристап само ја нагласува непропорционалната важност што им се дава на машките искуства, додека женските ликови остануваат на маргините, сведени на алатки за развој на неговиот карактер.
Сепак, една од најдрагоцените карактеристики на филмот е начинот на кој со леснотија се исмева ароганцијата на Роб, без да се омаловажи страста кон музиката. На крајот на денот, вкусот има значење – а музиката повремено го поврзува со другите на неочекувано значајни начини.
А да, и саундтрекот на филмот не е лош.