Режија: Alfonso Cuarón
Улоги: Maribel Verdú, Gael García Bernal, Diego Luna
Времетраење: 106’
Земја: Мексико
Жанр: Романтична драма
Филмот Y tu mamá también, структуриран како патување од Мексико Сити до далечна рајска плажа, се врти околу љубовен триаголник во кој се вклучени тинејџерот од високата класа Теноч (Диего Луна), неговиот поскромен најдобар пријател Хулио (Гаел Гарсија Бернал) и гостинката од Шпанија, Луиза (Марибел Верду).
Непланираното присуство на „гостинката“ го редефинира односот помеѓу најдобрите пријатели и суптилно ги оспорува нивните поими за машкоста, изградени како дел од мачо-културата во Мексико, внесувајќи простор за нежност, блискост и ранливост помеѓу сите нив. Преку патувањето низ различните предели на Мексико, публиката добива слика за земја во која политичката тензија е сеприсутна, додека среде целиот хаос, тројцата главни протагонисти формираат сè поинтензивен и сензуален сојуз, кој на крајот ги соголува и физички и емоционално. Снимен со елеганција и умешност, оваа несвојствена љубовна приказна е трогателен поглед на човечката желба и приказ на сите различни релации кои можат да нè потресат и променат.