Режија: Gaspar Noe
Улоги: Sofia Boutella, Romain Guillermic, Alaia Alsafir, Taylor Kastle..
Времетраење: 137’
Земја: Франција
Жанр: хорор, драма
Во средината на 90-тите во Франција, дваесетина танчери се собираат за тридневна проба во затворен интернат сместен длабоко во шумата. По настапот организираат забава, но нивната прослава за брзо ќе се претвори во еден бескраен кошмар и лудило кога ќе сфатат дека некој им ставил ЛСД во пијалоците.
Ное е познат по неговиот интерес за телото и неговото позиционирање во акти на хедонизам и/или (сексуално) насилство. На почетокот на „Климакс”, добиваме еден позитивен увид за што сѐ е способно човечкото тело преку умешната кореографија на танчерите и нивните хипнотизирачки движења кои не ни даваат да го тргнеме погледот.
Режисерот создава симфонија на движења која полека се претвора во какофонија на хаосот додека гледаме кадри од поединечните танчери во моменти на интензивна и неизбежна психоза. Заробени во (филмскиот) просторот, овие тела под набој се вртат едни кон други и едни против други до претопување и (само)уништување. На гледачите останува да одлучат до кога ќе успеат да го задржат погледот.