препорачува: Павла Бањац, преведувачка, филмска критичарка и новинарка во Филмоскопија, Србија
Наслов: La Chimera
Режија: Alice Rohrwacher
Играат: Josh O’Connor, Carol Duarte, Vincenzo Nemolato
Земја: Итaлија
Времетраење: 130′
Жанр: драма, романса, комедија
Аличе Рорвахер, веќе етаблирана режисерка чии филмови ѝ го враќаат човештвото на човечката раса, повторно нè воодушевува со најчовечната приказна што ја посведочила кинематографијата во 2023 година (и пред тоа, а веројатно и по тоа). Водејќи се од нејзината позната рурална естетика, која се чини дека преовладува во сите нејзини филмови, Рорвахер успева да ги спои световното со она другото што ја прогонува „Ла Химера“. Таа другост постојано се навестува со маестралната монтажа која буквално ја превртува сликата наопаку. Клучот за оваа инверзија се крие во грчката митологија, поточно митот за Аријадна и Тезеј, тема на која Рорвахер има дипломирано и нешто што Артур (Џош О’Конор) го отелотворува како лик.
Артур, археолог кој штотуку излегува од затвор откако бил уапсен поради кражба на антиквитети, одеднаш се наоѓа заглавен во современиот свет изеден од капитализмот, додека се обидува да продолжи отаде минатото како крадец, но и од своето романтично минато. Како човек кој е во постојана потрага по материјални нешта како примарен начин на живот, Артур сега е осуден на постојана потрага по себеси, како и по својата изгубена љубов. Како што постепено ја следиме црвената нишка на неговото патување, ја откриваме и неговата осаменост, неспособност да сака (повторно) и неговото антикапиталистичко јас.