препорачува: Билјана Радиноска
Режија: Карла Симон
Глумат: Лаиа Артигас, Паула Роблес, Бруна Куси
Времетраење: 98‘
Земја: Шпанија
Жанр: Драма
Ја имав среќата, добар дел од летните распусти да ги поминам во Радовишко село, каде се сади и обработува тутун, заедно со други земјоделски култури. Деновите беа топли и долги, ништо посебно не се случуваше и тоа го прави ова сеќавање, за мене, многу посебно. Игрите вклучуваа талкање наоколу по селото и некоја домашна работа која ни беше дадена како задача. Филмот „Лето 1993“ (Estiu 1993) се расплетува низ селските пејзажи на талкање и домашна работа, во темпо кое е стабилно, но и неверојатно потресно, налик на долги топли денови поминати на село, каде тие бескрајни лета се чувствуваат како некој колаж на самотијата, досадата и забавата.
Како почнувам да пишувам за „Лето 1993“, така сфаќам дека тоа кое го движи овој филм, се истите елементи кои ме инспирираат да пишувам за него. Филмот има најдено начин, низ приказната, актерската игра и камерата, да донесе емоции кои се интензивни, без да се изгуби во вителот на патетиката или во рационализирање на емоциите. Оставајќи време низ сценариото и камерата за неизговореното да се манифестира низ пејзажите на секојдневното, оваа интимна и лична приказна, станува универзална.
Дејствието се случува во рурална Каталонија, каде после смртта на нејзините родители, Фрида (Лаиа Артигас) е однесена да живее со роднини и нивната тригодишна ќерка (Паула Роблес). Базиран на личните искуства на Карла Симон, во нејзина режија и сценарио, Лето 1993, не е само автобиографско прераскажување на настаните, туку начин на споделување на искуства кое вибрира помеѓу сеќавање, имагинација и омаж на изгубеното детство.
Приказната се открива постепено и поставеноста на нештата ја откриваме постепено од перспективата на шестогодишната Фрида. Камерата некогаш ги пресекува телата во чудни агли, најчесто не ја гледаме целата слика, како што најчесто не го слушаме целиот разговор на возрасните во логична целина. На тој начин поминува некое време додека да сфатиме што се случило, доведувајќи не кон емотивно прифаќање на реалноста, која не можеме да ја рационализираме, исто како и главниот лик. Во тој процес, конфликтните емоции и неможноста да се насочат истите кореспондира со брилијантната актерската игра во овој филм. Деца како главни ликови пред камера е ризичен потег, кој во овој случај станува еден од најсилните двигатели на филмот.
Еднакво важна е улогата на вујната на Фрида, Марга (Бруна Куси) која се бори со улогата на млада мајка, изведувајќи една сложена фамилијарна динамика, која вклучува повеќе генерации: од мислењето на бабите и сосетките како треба да се воспитуваат децата до како треба да се разговара за смртта, каде причините од минатото кое ја обликуваат сегашноста остануваат напрегнато неизговорени.