Режија: Steve McQueen
Улоги: Micheal Ward, Amarah-Jae St. Aubyn, Kadeem Ramsay, Kedar Williams-Stirling
Времетраење: 68’
Земја: Велика Британија, САД
Жанр: ТВ филм, драма, антологија, музика
“Lovers Rock” е вториот дел од филмската петологија на Steve McQueen насловена Small Axe (2020) која го прикажува животот на карипската заедница во периодот од 60-80тите во Лондон.
Во “Lovers Rock”, речиси целото дејство се одвива на една домашна блуз забава во Лондон во раните 80-ти каде се собрани млади од јамајканската заедница кои танцуваат во ритамот на “lovers rock” музиката – поджанр на романтични реге балади кој станува популарен во средината на 70-тите. Можеби највпечатливата сцена е токму онаа во која младите парови на подиумот се нишаат во ритамот на lovers rock хитот “Silly Games” на Janet Kay, а потоа занесено продолжуваат да ја пеат а-капела.
Премиерно прикажан кон крајот на 2020, филмот допира до два типа на изолираност: светската lock-down изолација во екот на ковид пандемијата и и реткиот филмски приказ на субверзивната радост на британското црно население (Black joy). “Lovers Rock” буди едно чувство на слобода и предаденост на подиумот, носталгија за нешто што никогаш не си го доживеал, но со кое силно можеш да се поистоветуваш.
Атмосферата во “Lovers Rock” создава еден навидум непробоен меур на слобода. Сепак, филмот е далеку од идиличен. Се појавуваат закани однадвор – расизмот на улицата, погрдните етнички дофрлувања, полициски патроли – и одвнатре, предатор во самата заедница. Овие моменти служат како точки на судир, односно моќен потсетник за тоа зошто оваа забава, во најмала рака, е толку скапоцена.