Режија: Věra Chytilová
Улоги: Jitka Cerhová, Ivana Karbanová
Времетраење: 89’
Земја: Чехословачка
Жанр: комедија/сатира
Две девојки кои го носат името Марија (Jitka Cerhová и Ivana Karbanová) решаваат дека штом светот е расипан, не им преостанува ништо друго освен и тие да бидат расипани. Па така, двете Марии нè водат низ една хаотична, непредвидлива и деструктивна одисеја во која буквално го конзумираат и уништуваат светот околу нив.
Режисерката Хитилова и нејзината филмска естетика се дел од чешкиот Нов бран, а „Маргаритки“ како зашеметувачка шлаканица на милитантиот-мачо поредок и радикална критика на угнетувачкиот режим во Чехословачка, правен непосредно пред Прашката пролет во 1968 год., важи за еден највлијателните филмови од тоа време. Филмот е предвесник на револуцијата, но истовремено и потсетник за неминовното враќање на статус квото. Преку бунтовништвото и женскиот уништувачки нагон, кој е прикажан не само преку содржина, туку и преку форма, Хитилова има создадено совршена чудна експериментална феминистичка (анти)приказна, каде две девојки едноставно кажуваат „не“ на очекуваната послушност, услужност и питомост и наместо тоа, живо и полетно го истражуваат полето на животот.
Поради својата примамлива цветна естетика лесно е да се сретнат парченца од „Маргаритки“ по секакви Пинтерест бордови и блогови, што помалку се занимаваат со политичка тежина на овој филм и можеби до некаде го комодифицираат неговиот потенцијал. Затоа, ви предлагам да го погледнете ова колажно-чудо од 89 минути (достапно во целост на YouTube, повелете линк подолу) и и да се опседнете со оваа генијална режисерка, исто како и јас.
А доколлку сакате да прочитате повеќе за овој филм, ви го предлагам и текстот „Како да се борам за подобро утре, ако веќе не верувам во утре?“.