препорачува: Дарко Алексовски, визуелен уметник
Наслов: All of Us Strangers
Режија: Andrew Haigh
Играат: Andrew Scott, Paul Mescal, Jamie Bell, Claire Foy
Земја: Велика Британија
Времетраење: 106′
Жанр: драма, романса
Адам живее осамено во исто толку осамена зграда во Лондон, така што случајната средба со Хари, веројатно единствениот сосед во зградата, го изместува неговото монотоно, рутинско секојдневие. Додека нивната врска се развива и Адам се обидува да најде инспирација за пишување, тој на чуден начин е привлечен од семејната куќа од детството и сеќавањата на неговите родители загинати во сообраќајна несреќа пред триесет години.
All of Us Strangers е интимна, на моменти надреална, па и психоделична студија на современиот синдром на хронична осаменост, како и тежината на нереализираното, преќутено детство на еден квир маж. Ова е квир филм чија приказна се развива паралелно помеѓу романтична и родителска љубов, а дијалозите и споделените моменти помеѓу ликовите се наоѓаат во една збунувачка перспектива во која, заедно со Адам, до крајот на филмот се прашуваме што е реално, а што не.