препорачува: Наталија Теодосиева, актерка
Наслов: Ninjababy
Режија: Yngvild Sve Flikke
Играат: Kristine Kujath Thorp, Arthur Berning, Nader Khademi
Земја: Норвешка
Времетраење: 103′
Жанр: комедија, драма
Кристин Кујат Торп ја толкува улогата на 23 годишната Ракел, авторка на стрипови, која низ својот живот се движи слободна и обезбремена од одговорностите за тоа како треба да се однесува или да изгледа една девојка на нејзина возраст. Нејзиниот живот е прилично хаотичен, но до мера на симпатичност, сака секс за една вечер и ужива да трипа на печурки. Ракел сонува да биде астронаутка, дегустаторка на пиво, стрип артистка… Живеејќи го својот живот во полн здив, неочекувано дознава дека е бремена во шести месец. Овој пресврт на настаните ја става во позиција да размислува за можностите како да се справи со ова неочекувано „итро нинџабебе” како што таа ќе го крсти и ќе го нацрта налик мало нинџа желка човечко бебе, кое подоцна ќе ја следи секаде и ќе ги осудува нејзините потези и одлуки, a и ќе сака да биде посвоено од Анџелина Џоли.
Режисерската Ингвилд Све Флике во оваа храбра комедија не само што ја отвора табу темата за несакана бременост и одлучувањето тоа бебе да биде дадено на посвојување или да биде згрижено само од машкиот родител, туку и многу реално и со голема доза на шарм ја претставував жената која е сосема во ред со тоа да има масна коса, големи соништа, љубов за својот слободен и независен живот и обожава да зборува за какање. Кога и да се навратам на овој урнебесно забавен филм секогаш чувствувам некакво олеснување како жена која често се наоѓа под некаков општествен и хетеронормативен притисок.