препорачува: Дарко Алексовски, визуелен уметник
Голем дел наративни уметнички дела ги истражуваат различните комплицирани релации помеѓу деца и родители. Овие, честопати интергенерациски приказни, понекогаш имаат дефинитивен завршеток како крај на едно поглавје, но се случува и да останат со отворен, амбивалентен, недовршен или имплициран крај.
Без оглед на тоа дали се работи за биолошки или избрани семејства, реални и замислени релации на прифаќање или отфрлање, приказните кои настануваат помеѓу децата и присуството (или отсуството) на родителите се многудимензионални, секогаш релевантни за истражување, па и разбирање, на поголемите културни и социјални контексти во кои се одвиваат. Филмовите кои овој месец ги препорачувам за гледање се избрани бидејќи на некаков начин, во прв план или споредно, ја третираат оваа тема.
Наслов: The Beaches of Agnès (Les plages d’Agnès)
Режија: Agnès Varda
Играат: Agnès Varda
Земја: Франција
Времетраење: 110′
Жанр: документарен, автобиографски
Во овој еклектичен филмски дневник, монолог во подвижни слики и албум со сеќавања од детството и животот на Варда, режисерката на импровизиран, досетлив и поетски начин нè носи низ најзначајните сеќавања и ситуации од нејзиниот живот: плажите од детството, дворот на семејната куќа, студиите во Париз, омилените сликарски и литературни дела, животот со Жак Деми, како и самиот процес на создавање филм.
По препорака на Драгана Заревска, пред повеќе од десетина години ги открив и се заљубив во делата на Ањес Варда. Во овој филм, еден од највпечатливите моменти е кога вели: „Кога би ги отвориле луѓето, во нив би нашле пејзажи; кога би ме отвориле мене, би нашле плажи“. Нема поубава аналогија за нашиот внатрешен свет со познати и непознати предели за истражување – идеја што сè уште влијае на голем дел од мојата уметничка практика.