препорачува: Дарко Алексовски, визуелен уметник
Наслов: A Summer’s Tale
Режија: Éric Rohmer
Играат: Melvil Poupaud, Amanda Langlet
Земја: Франција
Времетраење: 113′
Жанр: драма
Приказната во овој дел од „четирите годишни времиња“ на Ерик Ромер се фокусира на летниот одмор што Гаспар, млад музичар-аматер, го поминува во мало приморско гратче во Бретања. Гаспар деновите ги поминува во љубовна збунетост помеѓу Марго, Солен и Лена, свирење гитара, долги прошетки по плажа, моменти на осаменост и разговори исполнети со честопати комична, но и егзистенцијалистичка неодлучност.
Оваа препорака е веројатно најдалеку од иницијалната тема која сакав на некаков начин да ги поврзува филмовите кои ги избирам, но интерперсоналните и интергенерациски релации сепак се јадрото и на овој филм. Ромер за оваа летна приказна вели дека е најблизу што стигнал до автобиографски филм; дека сè во филмот е вистина, без оглед дали тое е лично искуство од младоста или е нешто го забележал во ситуации со блиски луѓе. Гаспар е вистински меланхоличен осаменик кој низ целиот филм се доживува како да не припаѓа во оваа сликовита летна разгледница. Од оваа несоодветност произлегува и прашањето: дали Гаспар е објективно осамен, или, пак, тој самиот избира да биде? Низ филмот гледаме дека е осамен, но, сепак, ретко е сам, а и кога останува сам, тоа е затоа што наоѓа доволно добра причина за да се осами. Дијалозите, размислувањата и исчекувањето во оваа приказна се тие што ја градат структурата за преиспитување на невозвратената љубов.