препорачува: Наталија Теодосиева, актерка
Режија: Алфонсо Куарон
Играат: Јалица Апарицио, Марина де Тавира, Хорхе Антонио Гуереро
Земја: Мексико
Времетраење: 155’
Режисерот Алфонсо Куарон ја раскажува приказната за Клео, која работи како куќна помошничка во богато семејство во Мексико Сити во 70те. Уште на самиот почеток Куарон е јасен во прикажувањето дека нејзината работа бара многу повеќе од физички труд околу сите домашни задачи. Емоционалната грижа за членовите од семејството, особено за четирите деца, е пример како домашниот труд преминува во афективен труд.
Она што ме фасцинира во овој црно- бел филм, е тивкиот приказ на макотрпната физичка и емотивна работа а воедно и неприметното постоењето на Клео (Јалица Апарицио). Со оваа тишина многу прецизно Каурон ни ја отцртува позицијата на овие жени работнички, не само во домовите во кои работат туку и во социјалното опкружување. Количината на страдања во животот на куќната помошничка Клео, како да стануваат олицетворение на животот на секоја жена од работничката класа. Апарицио со улогата на Клео ни испорачува еден суптилно – емотивен и истовремено многу шармантен перформанс со кој остава впечаток дека е многу искусна пред камера а всушност ова е нејзиното прво воопшто појавување на филм.