Наслов: Swallow
Режија: Карло Мирабела-Дејвис
Играат: Хајли Бенет, Остин Стовел
Земја: САД
Времетраење: 1ч. 34мин.
Жанр: Психолошка драма / Трилер
Во режија на Карло Мирабела-Дејвис, Swallow (2019) е приказна за женската телесност, општествените очекувања и гладот за ослободување кој демнее и се манифестира на бизарен начин. Приказната ја следи Хантер, млада и неискусна бремена домаќинка која развива пика – психолошка состојба која ја принудува да јаде предмети што не се храна. Нејзиниот живот е резултат на задушувачкото, патријархално опкружување, каде нејзиниот богат сопруг и неговото привилегирано семејство ја диктираат нејзината улога како сопруга, а и наскоро мајка. Секоја нејзина постапка е константно под лупа, па како форма на револт, Хантер го гледа самоповредувањето како единствен начин да повторно си ја завземе контролата врз телото.
Заводливиот визуелен јазик на филмот субверзивно користи прецизно, ригидно кадрирање, пригушени и меки бои во стерилно-минималистичка атмосфера. Филмот ги користи дежурните алатки за конвенционалната убавина – симетрија, мекост и естетско совршенство – за да ги критикува самите системи што ги претставуваат. Ако ви се бендисале Hereditary (2018), The Lobster (2015) или A Ghost Story (2017), тогаш тивкиот ужас и растроеност на Swallow ќе ви бидат по вкус.