Режија: Дејвид Роберт Мичел
Улоги: Мајка Монро, Кил Гилкрист
Времетраење: 100 мин
Земја: САД
Жанр: хорор, трилер
Откако тинејџерката Џеј (Мајка Монро) за првпат има секс со Хју (Џејк Вири), дознава дека е најновата алка во фаталниот ланец на проклетството коешто се пренесува од жртва на жртва преку сексуален однос. Смртта неуморно граба кон неа и кон сите жртви на клетвата, при што зазема лице на некој што го познаваат или на комплетен странец. Хју ја информира Џеј дека единствен начин да се ослободи од клетвата е да ја пренесе на друга жртва. Ако новата жртва умре, клетвата се враќа кај неа.
Филмот собра мноштво позитивни критики и кај генералната публика и кај критичарите и се смета за еден од најуспешните модерни хорор филмови. Субверзивноста на „Те следи“ лежи во превртувањето на закоравените хорор наративи коишто ја демонизираат женската сексуалност. За разлика од таквите филмови, оваа coming-of-age приказна раскажува за здружениот отпор кон пуританските сфаќања за сексот, обвинувањето на жртвите и траумата.
Филмот одлично ги илустрира облиците на насилство и културата на прикривање на силувањата токму преку можноста на проклетсвото успешно да се транформира и со тоа да изгледа неопасно за останатите. Ако ви е здосадено од jump scares и филмски тропи излезени од неколку исти калапи, тогаш „Те следи“ е филмот за вас.