Режија: Karyn Kusama
Улоги: Megan Fox, Amanda Seyfried, Johnny Simmons
Времетраење: 102’
Земја: САД
Жанр: хорор, комедија
Популарната навивачка Џенифер (Megan Fox) ќе биде жртвувана на ѓаволот од страна на инди бенд во очајна потрага по слава, а ритуалот ја претвора во женски демон убиец (succubus) кој се храни со машките средношколци. Кога нејзината најдобра пријателка, книжевничката Анита/‘Needy’ (Amanda Seyfried) ќе дознае што се случило со Џенифер, таа се обидува да ја сопре и да стави крај на хоророт.
По премиерата во 2009, „Телото на Џенифер” беше отфрлен од филмските критичари како смешна адолесцентна секс фантазија дизајнирана исклучиво за стрејт мажи, што главно се должело на очигледната сексуална објектификација на Меган Фокс при рекламирањето на филмот (види: постер).
Но последниве неколку години, особено пост-#MeToo, филмот беше присвоен и одново толкуван од младата феминистичка и квир публика која во „Телото на Џенифер” гледа една камп rape/revenge одмаздничка фантазија која ја осветлува насилната машка овластеност, вели „не постојат совршени жртви” и се осврнува на женското пријателство и несигурност, женската желба и сексуалното експериментирање (многу квир критичари ја сметаат Џенифер за клучен бисексуален лик на големиот екран).