Наслов: The Harbinger
Режија: Andy Mitton
Играат: Gabby Beans, Emily Davis
Земја: САД
Времетраење: 1ч. 26мин.
Жанр: Хорор / Драма /Мистерија
Пред неколку години бев во публика на промоција на книгата „Нашиот пат – 25 женски приказни од истријата“ и Ивана Хаџиевска ноншалантно кажа дека политиките на сеќавање се и политики на заборавање. За историски лаик како мене, ваквата идеја ме просветли нешто налик кога мажите дознаваат зошто жените не одат навечер по скратени патеки. Соочени со исцрпувачки дисонантно секојдневие, заборавот станувa стандарден резултат од сите наши системски и лични трауми. „The Harbinger“ (2022) го разработува концептот на заборавање, и го користи како метафора за емоционалното и психолошкото бришење што го доживеаја многу луѓе за време на пандемијата КОВИД-19. Антагонистот во филмот го отелотворува овој страв со тоа што таргетира поединци кои се ментално ранливи и сами, ги совладува и на крај брише од сеќавањето на сите кои ги знаеле. Оваа натприродна закана отсликува вистински страв, кој условно кажано и се оствари, а тоа е дека пандемијата ќе ги направи луѓето изолирани, заборавени и исклучени од нивните заедници.
Филмот го прикажува заборавот како повеќеслоен хорор: не само што ликовите се плашат да ги загубат релациите со саканите, туку се борат и со губењето на чувството за идентитет и (споделена) историја. Приказната сугерира дека во време на колективна траума, заборавањето на тоа што се случило е застрашувачко како и самата траума. The Harbinger има воздржаната употреба на Jump scares и тоа придонесува за бавното билдање на атмосферски хорор што ги нагласува психолошките теми на филмот. Наместо да се потпира на чести, заплашувачки моменти, филмот користи тивок, притаен страв кој постепено ја вознемирува публиката и јасно ја комуницира темата.
Филмот не е без маани: има бавно темпо во првата третина и нема особен развој на ликовите. Но, е еден од ретките филмови кои воопшто се бават со пандемиската тема со сутилност и нијансираност во пристапот. Знам дека на прв поглед не е баш примамлив избор – кај хорор, па и пандемиски – ама ако ништо друго, барем ќе се потсетите дека ковидот се случи, и сè уште не е завршен.