Режија: Роберт Егерс
Улоги: Ања Тејлор Џој, Кејт Дики, Ралф Ајнсон
Времетраење: 92 мин
Земја: САД
Жанр: хорор, трилер, мистерија
Дејството на „Вештерката“ e сместено во 1630 година во Нова Англија и раскажува за животот на семејство посветени пуританци, откако најмладиот син Семјуел одеднаш ќе исчезне. Семејството ја обвинува Томасин, најстарата ќерка на која ѝ бил доверен Семјуел на чување во моментот кога исчезнал. Сомнежот во Томасин прераснува во сомнеж за вештерството и приказната се расплеткува во неколку клучни компоненти: искушение, женски бунт и социјално исклучување. Сценаристот и режисер на филмот Роберт Егерс, најголемиот дел од дијалогот го цитирал дословно од историски документи за вештерство.
Критичар(к)ите се практично едногласни со позитивните рецензии за филмот, додека анализите се разновидни и повеќеслојни. И покрај тоа што идејата и претставувањето на вештерството се менува низ годините, приказната за Томасин носи еден заеднички елемент содржан во сите променливи конципирања на вештерките – жртвеното јагне во време на криза.
Ако не се сметате за фанови на хорор, ама сте фанови на феминистичките толкувања на вештерството, тогаш гледајте го „Вештерката“.