Не знам дали е до мене, но секое лето како да станува почудно и понедостапно од претходното. Единствена константа останува потребата и возбудата за вода. Па така, предлагам 4 филмови кои на различен начин се занимаваат со овој живототворен елемент.
Хронологија на водата
Режија: Кристен Стјуарт
Година: 2025

Веројатно еден од најдобрите филмови кои ги гледав летово. Филмот е базиран на истоимениот мемоар на американската писателка Лидија Јукнавич, а го следи нејзиниот живот како млада пливачка која се обидува преку спортот да избега од насилниот дом и татко кој ја злоставува, но длабоката траума и интензивна телесна нелагодност – која потоа се манифестира преку злоупотреба на супстанци, го отежнуваат процесот на растење и застанување на нозе. Филмот, исто како и мемоарот, не се служи со линеарно раскажување, туку преку колажирање, фрагментирани слики и панекрси нарав, си игра со идејата за составувањето и соочувањето со сеќавањето на нештата кои порадо би ги заборавиле. Ова е првиот филм на Стјурат како режисерка и искрено се надевам дека ќе следат уште многу.
Lepota poroka
Режија: Живко Николиќ
Година: 1986

Филмов го гледав онаму кадешто треба – на Ада Бојана. Но безразлика на тоа, топло го препорачувам ова југословенско колаче, кое на феноменален, остроумен и естетски воодушевувачки начин се занимава со темите на страста, срамот и храброста да се погледне отаде стегите на обичаите и традицијата. Во центарот на приказната се наоѓа прекрасната Јаглика, која ради сплет на околности, од црногорското планинско село се сели на крајбрежјето и почнува да работи на нудистичката обала, каде е принудена да се соочи со оние кои се наводно различни и далечни, а кои на крајот на денот, ја стимулираат да се соочи со себе.
Ерин Брокович
Режија: Стивен Содерберг
Година: 2000

Се извинувам што сум бејзик, но ми се чини како ова лето да е совршена шанса да прегледаме овој култен Y2K филм. Не зашто „they don’t make them like this anymore“, туку зашто приказната за труењето преку водата на локалното население од страна на моќниците, за жал, е нашата моментална реалност и многу веројатно, иднина. Зошто да го гледаме овој филм по стоти пат? Можеби за мал увид на политичко оргинизирање кое вклучува одење од врата до врата, долги разговори и градење доверба и пријателства во соседството – пракса која е речиси во изумирање. И секако, ради легендардните реплики и аутфити на Џулија.
Сега и тогаш
Режија: Lesli Linka Glatter
Година: 1995

Не можам баш да аргументирам дека филмов е поврзан со вода, но ова засекогаш ќе ми биде омилен летен филм, а близината на езерото и кратката вожња со точак за да се стигне до него, ми е доволен мотив за да го протнам на оваа листа. „Now and then“ e филм кој се молев да го пуштат на ТВ, а е класична (а сепак, некако, зрела и издржана) coming-of-age приказна, за четири 12 годишни другарки, раскажана преку перспективата на жените кои станале во иднината. Баш поради таа паралела, целиот филм делува како фантазија за доцното дество (баш пред тинејџерството) и оние последни долги лета и распусти, по кои ми се чини мечтаеме засекогаш. Ако и вие последен пат сте го гледале филмов како дете, верувам дека ќе уживате. И можеби ќе плачете:)